Почитуван…!
Мир на Вас и спасение од Господа. Го добив Вашето писмо. Господ Ве посетил со болест, секако, затоа што е неопходна за ваше спасение. Преку многу неволји и жалости треба да влеземе во Царството Божјо, таков е духовниот закон. Апостолите, мачениците и преподобните, сите светии, влегле во Небесната слава преку многу голема жалост и неволја. „Зашто Господ го казнува оној, кој што го сака; го кара секој син, кого што го прима“. Очигледно нема друг пат во Царството Божјо, освен тесниот, крсниот. Затоа сте должни и Вие во болести и слабости да не бегате со духот туку, напротив, да се радувате и да се тешите во мислите, зашто Господ сега ви станал ближен, а во идниот живот ќе ве направи и свои деца, ако Му останете докрај верни и без негодување поднесувате секаква болка што ви ја праќа. „Оној што претрпи до крај, ќе биде спасен“. Треба почесто да се повикува Името Божјо, да се стои пред Лицето Божјо и да се моли за трпение, кога се наоѓаме во тешка ситуација. Како од змија отровница треба да се чуваме од негодување. Неразумниот разбојник не само што преку негодување и пцовки си ги зголемил маките, туку и засекогаш пропаднал во нив, благоразумниот, свесен што достојно прима според своите дела, преку страдањата си олеснил, и Царството Небесно го наследил. Во утринските молитви на преподобниот Макариј Велики се вели: „Боже, очисти ме грешниот зашто ништо не сум направил добро пред Тебе!“ Ако така се чувствувале Божјите угодници, што чувствуваме ние, на што можеме да се надеваме? Единствено на милоста Божја! Заборавајќи ги добрите дела, должни сме, како цариникот со страв да завиваме од сето срце: „Боже, биди милостив кон нас грешните!“ И ако цариникот е очистен заради таа молитва од сите гревови, тогаш и ние треба да веруваме дека Господ и нас ќе нè помилува, ако од сè срце се молиме како цариникот. Така нè учи нас Господ Исус Христос: да се молиме и надеваме во милосрдието Божјо. Никаква болест не може да нè спречи барем неколку пати во текот на денот и ноќта од длабочината на душата со покајание да се обратиме кон Господа.
Никогаш не се случило Господ да не му прости на оној што моли за прошка.
Господ не простува само тогаш кога ние самите на другите не им простуваме. Затоа, измирете се со сите за Господ да се измири со вас. Да им простиме на сите, за Господ и нам да ни прости.
…Господ нека Ве чува, нека Ви даде трпение и молитва, а преку нив и духовна радост, која ги надминува сите телесни болести и сите неволји и жалости заради минливиот свет.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2001, стр. 13-14