Нашиов век се гордее со просветеноста и со знаењето на умот. Денес е голем бројот на интелегентни луѓе кои се рамнодушни спрема верата и многумина ја мешаат со суеверието. Сега важи паролата дека само со образование и наука ќе се создаде среќен живот на земјата. Токму затоа постојат разни училишта во сѐ поголем број. Процентот на образованите луѓе е доста голем. И ние гледаме дека сите тие образовани и полуобразовани луѓе почнуваат да умуваат, да критикуваат, да советуваат и да пропагираат планови за среќен живот и благосостојба. Но сведоци сме и на тоа дека и покрај сѐ подобрата материјална состојба на луѓето, бараната среќа и благосостојба не доаѓаат. Напротив, животот станува сѐ потежок, несреќите сѐ почести и поголеми. Каде треба да се бара причината за тоа? Никаде на друго место освен во рамнодушноста спрема законот Божји, во неисполнувањето на правилата на верата и во слабеењето на верата. Вистина е дека образованието го просветува умот. Точно е и тоа дека знаењето поттикнува на работа и на нови пронајдоци. Но светлоста на денешното образование е студена; оти без пламенот на верата не може да се загреат срцето и душата. Без животворната и топла љубов кон Бога таа не може да предизвика искреност, братољубие и сочувство кон ближните. А образованието без вера во срцата создава и развива најгруб егоизам и порок. Тоа го говорат вистинските факти. Денес имаме силно развиена просвета и знаење, но добри срца останаа малку; умот многу се развил, но моралот е паднат; моралната расипаност почнала да ги зафаќа сите катчиња од животот. Умот како да се остри и развива не заради некое добро, туку поради една единствена цел – што е можно попрефинето да се задоволуваат страстите и пороците; не да им помага на луѓето, туку да ги измамува и да им нанесува штети; не да им го олесни животот, туку да им го направи тежок. Не залудно денешниот век на просветеноста без вера се нарекува век на лаги и измами. Денес сѐ се фалсификува – и храната и облеката и парите; а современите модерни луѓе го фалсификуваат и своето срце, своите чувства и своите зборови. Да, фалсификувано е денешното образование; денес има многу знаење, но за наша голема несреќа меѓу луѓето нема веќе доверба, а ја нема затоа што е ослабена верата во Бога.
Според тоа, со таква просветеност на умот не може да се создаде благосостојба на земјата. Точно е дека образованието, науката воопшто, е нешто неопходно. Но за таа наука да биде полезна и соодветна во подобрувањето на животот, треба да се надополни со моралната просвета. А тоа може да го стори само верата. Затоа заедно со просветувањето на умот треба и срцето да биде осветлено со светлината на словото Божјо. Покрај просветениот ум треба да стои и добрата волја и благородното срце, проникнато со возвишени чувства и со живо сочувство во страдањата на другите. Тогаш гласот на совеста ќе зајакне, а измамата ќе ја изгуби силата. Но, повторуваме, тоа може да го стори само верата во Бога, оти таа има моќ да ја разгорува љубовта кон правдата и добрината, да ги искоренува страстите и да изнаоѓа средства за олеснување на човечките беди.
Како пример за тоа ни служи верата на Св. Николај. Од волјата на секој од нас зависи дали така ќе го просветиме срцето. И Св. Николај бил човек како и ние – со душевни и со телесни слабости. Но просветлувајќи се со моќните зраци на верата и раководејќи се според евангелските заповеди, тој живеел праведно и со Бога и затоа постигнал совршенство. Затоа, ајде и ние да се погрижиме високо да го издигнеме факелот на верата, и да ги осветлиме своите срца со божествената светлина. Секогаш да имаме на ум дека радоста и среќата во овој живот можат да се создадат само со она знаење кое едновремено го просветува, и умот, и срцето. Такво знаење овозможува словото Божјо, испишано на страниците од книгата во која сѐ е кажано и расветлено – Светото Писмо. Таа е книга бесмртна, света, книга на вечната вистина и вечниот живот. Преку неа да се здобиеме со многу повеќе знаење, зашто само така ќе можеме со леснотија да го поддржаваме Св. Николај, и во правилото на верата, и во примерот за тоа како се прават добрини, и во смирението, и лесно ќе одиме по патот што води кон земната благосостојба и небесното блаженство.
(Извадок од празничното слово за Св. Николај од Митрополит Видински Неофит)