Отците на Црквата

 

Светите Отци во старо време најпрвин бегаа во пустината и во подвиг ги опустошуваа своите страсти. Без свои планови и програми преку послушанието се предаваа во рацете Божји. И покрај тоа што достигнуваа успех во мерата на светоста, ги одбегнуваа чиновите и власта, освен ако Мајката Црква имаше потреба од нив. Тогаш, тие и се покоруваа на волјата Божја преку нивниот свет живот да се прослави Името Божјо. Значи, откако ќе постигнеа една добра состојба на духовно здравје, преку добра духовна храна во пустината и преку будното следење на Отците, тие стануваа духовни крводарители.

Во наше време за жал, многумина од нас под влијание на световната љубов која нема духовно покритие, сакаат наводно да сторат добро, да даруваат крв, а таа е полна со духовни микроби, со што причинуваат поголема штета.

Ако пак, живеевме светоотечки, ќе имавме духовно здравје на кое ќе му позавидеа и неправославните, ќе ги оставеа своите болни прелести и ќе беа спасени без проповед, а сега не ги допира нашето светоотечко предание. Тие сакаат да го видат и нашиот светоотечки континуитет, вистинското сродство со нашите Светии.

За жал, во денешно време се множат зборовите и книгите, а се намалува опитот, зашто луѓето се под влијание на световниот дух, кој постојано се стреми кон леснотии и го одбегнува телесниот напор. Многумина од нас се успокојуваат преку многу читање, а малку или воопшто не творат. Имаме само восхит кон Светите атлети на нашата Црква, без да направиме обид да го сфатиме нивниот труд, зашто самите не се потрудивме да го сториме тоа, да ги возљубиме и од усрдност да се обидеме да ги подражаваме.

Сите оние пак, кои усрдно прават двиг, не се штедат себеси и не си припишуваат никакви заслуги, се од голема помош бидејќи само тогаш ќе се успокојат душите на кои помошта им е потребна, а кои прибегнуваат кон нив. И само тогаш, ќе се успокои нивната душа и во овој живот и во вечниот.

Оние што се стремат кон власт, додека се сѐ уште под моќта на страстите и своите индивидуални интереси ги претставуваат како духовни, и што прибегнуваат кон световните власти за да им ги решат нивните црковни проблеми, тие се веќе напуштени од благодатта Божја.

Да не нѐ излаже лукавиот со она: „На кесарот се повикувам” (Дела 25,11), затоа што светиот Апостол Павле беше предаден под власта на кесарот и бидејќи претходно имаше добиено откровение од Бога дека ќе Го проповеда Христа и во Рим, тој се повика на кесарот за да го одведат во Рим (да му го платат патот).

Кога некој се обидува да ги постави црковните работи на православен начин, а целта му е себеси да си благоугоди, како може таквиот да биде благословен од Бога?

Ниту пак, треба да се воодушевувате од оние што црковните проблеми ги поставуваат на многу добар начин, православно, а самите не си го знаат местото во Црквата и ја потресуваат со безрасудни крајности или лекомислености во однесувањето.

Тие две крајности секогаш ја измачуваат Мајката Црква, а и оние што се држат за нив бидуваат измачувани, бидејќи крајностите вообичаено се судираат. Тоа е како едниот крај да го држи демонизиран, кога има духовна безочност, презир кон се, а пак другиот како да го држи некој што е луд, со нездрава ревност и тврдоглавост. Тогаш – Бог да чува! Може двете крајности постојано да се судираат, а крајот никој да не им го најде.

Оние што ќе можат да ги соединат двата краја ќе бидат овенчани од Христа со два невенливи венца.

Во Црквата не треба да создаваме проблеми, ниту да ги преувеличуваме малите човечки престапи што се случуваат, за да не создадеме поголемо зло, па лукавиот да се радува.

Оној што заради незначителен престап, многу се потресува и гневно и грубо се однесува, наводно за да поправи нешто, личи на лесноумен клисар, кој гледајќи како капе една свеќа, грубо и со залет се стрчува за да ја исправи, а патем ги турка луѓето и ги урива шанданите создавајќи голем неред за време на богослужбата.

За жал, во наше време имаме многу такви што ја потресуваат Мајката Црква. Оние што се образувани се фатија за догмата со својот ум, а не за Духот на Светите Отци. Неуките пак, се фатија за догмата, но со заби, и затоа кога разговараат за црковните теми крцкаат со забите, така што прават поголема штета, отколку непријателите на Православието.

Оние пак, што ја оправдуваат својата злоба со божемно поправање на другите, а не на самите себеси, или со тоа што на светот му ги објавуваат црковните состојби, и нешта што не е во ред да ги обзнануваат, барајќи оправдување во она „Кажи ѝ на Црквата” (Мт. 17, 18) најпрво нека си ја уредат својата мала Црква – своето семејство или братство. Тогаш нека ја срамотат и Мајката Црква. Добрите деца никогаш не ја обвинуваат својата мајка. За жал, многумина од оние што се плиткоумни им даваат неисцрпен воен материјал на еретиците, така што цели православни градови и села ги заземаат јеховините сведоци и го шират своето мисионерско дело.

На духовниците им е познато дека според овој демонски типик мпогумина имаат преминато во јеховини сведоци (со театрализација на клирот и Црквата); како што му е познато на целиот свет дека ниту еден јеховин сведок не е направен православен на тој (неправославен) начин.

А нашиот милостив Бог не трпи со љубов и никого не театрализира, иако како Срцезналец ги знае нашите мани. Така и Светиите, никогаш не напаѓаат грешен човек пред очите на светот, туку со љубов, духовна суптилност и на мистичен начин помагаат за поправање на злото. Додека пак ние, иако сме грешни, го правиме спротивното (како лицемери).

Само на човек кој во себе има демон од поначалните му е оправдано да ги театрализира луѓето пред светот, да го кажува нивното минато, (секако за оние за кои демонот добил право), за да ги расколебува немоќните души.

Природно, нечистиот дух не ги изнесува на видело добродетелите на луѓето, туку нивните слабости. Оние пак, што се ослободени од своите страсти, бидејќи немаат злоба, злото со добрина го поправаат. Ако видат некаде малку нечистотија која не се чисти, ја покриваат со плоча, за да не се згрози некој друг, ако ја види. А пак, оние што чепкаат по ѓубрето, личат на кокошки…

Не е искрен и доблесен оној што ја кажува вистината в лице, ниту оној што ја обзнанува, туку оној што има љубов и вистински живот, што зборува со расудување кога има потреба, и го кажува потребното во соодветен час.

Оние што прекоруваат без расудување, имаат духовно затемнување и злоба. Тие луѓето ги гледаат како трупци што безмилосно ги делкаат, и додека луѓето се измачуваат, тие се радуваат делкајќи ги.

Оние коишто се брзаат да станат духовни отци, а се уште имаат духовни отрови, наликуваат на зелени дуњи, та колку шеќер и да им ставиме, нема да направиме вкусно слатко, а и да го зготвиме, брзо ќе се скисели. Пофалните зборови и големите вистини имаат вредност само кога се изречени од вистинска уста, а ги восприемаат само добронамерните души и големите луѓе што имаат чист ум. Внатрешната чистота на душата на вистинскиот човек ја разубавува и телесната, и неговиот изглед е блажен од Божествената сладост на љубовта Божја. Покрај тоа што духовно разубавува, внатрешната убавина на душата и надворешно го осветува човекот, Божествената благодат го издава. Таа ги осветува и ги прави убави дури и парталавите алишта што ги носи облагодатениот човек Божји.

Поголема е вредноста на еден благословен човек кој внатрешно променувајќи се и надворешно се осветува, отколку на оние што постојано го менуваат само изгледот (својата облека), а внатрешно го чуваат стариот човек со старите гревови.

Поголема е вредноста на словото на еден смирен човек со опит, што излегува со болка од длабочината на неговото срце, отколку куп красноречиви зборови на еден конте што зборува набрзина и со извежбан јазик, но не ги исполнува душите зашто се телесни, а не се пламениот јазик на Светата Педесетница.
(Извадок од книгата „Вовед во монашкиот живот“, прев. Митрополит Наум Струмички, Слово од Водоча, Струмица 1999, стр. 75-81)