Во спомен на Преподобен Пајсиј Светогорец

Многудетните семејства

Бог особено ги сака и се грижи за многудетните семејства. Во едно големо семејство на децата им се нудат многу можности за нормален развој, доколку родителите правилно ги воспитуваат. Едно дете му помага на другото. Најстарата ќерка помага на мајка си, второто дете се грижи за помалото итн. Постои една себепредаденост и тие живеат во атмосфера на пожртвуваност и љубов. Помалиот го сака, но и почитува поголемиот. Тоа си доаѓа сосема природно во едно многудетно семејство.

Затоа кога во семејството има само едно или две деца, неопходно е родителите да внимаваат многу за тоа како ќе ги одгледаат. Обично тие гледаат ништо да не им недостасува на децата. Таквите деца имаат сѐ што ќе посакаат, но така се развиваат во личности потполно неприлагодени за живот. На пример да речеме едно девојче, е единствено дете на семејството и има сѐ на располагање. Си има помошничка која ќе ѝ ја донесе храната во определеното време, ќе ѝ ја намести собата итн. Помошничката си зема плата за тоа, но истовремено и се усовршува како човек, затоа што покажува почит, дава нешто од себе, помага, додека девојчето, ако не неправи никаква жртва останува недоразвиено, невоспитано. Им препорачувам на младите да си изберат брачни другари од многудетни семејства, бидејќи децата кои израснале во економски тешкотии се навикнати на саможртва, дури и мислат за тоа како да им помогнат на своите родители. Тоа ретко се случува кај разгалените деца.

Многудетните родители, пак, имаат широко срце. Се сеќавам за време на окупацијата во нашата населба имаше едно сираче, кое беше останато сосема само. Еден сиромашен татко со десет деца се смилува над него, си го зеде дома и го одгледа заедно со своите деца. А знаете ли каков благослов стекна после тоа од Бога! Зарем Бог ќе го оставеше без поткрепа, кога имаше толку благочестиво срце?

Можеби и некои многудетни родители на почетокот се среќаваат со искушенија, но Бог нема да ги остави. Ќе ви раскажам еден случај: Еден татко, којшто имаше шест деца, ми рече во една прилика да се помолам за Бог да ги просветли неговите газди да не го бркаат од куќата во којашто живееше. За жал многу сопственици коишто лесно ги даваат под кирија своите домови на семејства од двајца луѓе и пет кучиња или мачки, не сакаат да го даваат под наем на многудетни семејства, зашто наводно се плашеле дека ќе му го оштетат домот. Ете на тој татко му беше веќе преку глава, кутриот, еден газда го брка, друг не му го дава под кирија домот и тој само ги пренесува своите деца и предметите од куќа на куќа, со големи искушенија. Усрдно се трудеше, да го обезбеди неопходното за семејството и не се пазареше за киријата. Доволно беше само газдите да го остават неколку години за да не се мачи пак со преселување. Кога го слушнав тоа се нажалив за него и му реков: „Не тагувај, Бог промислил и за твоите деца. Он е Творецот Којшто на децата им го дава најважното – душата, додека, пак, вие со сопругата сте како соработници Негови, им го давате телото. Па така да знаете Бог се грижи за децата повеќе од вас“. Не поминаа два – три месеци, доаѓа радосен кај мене и ми вели: „Слава на Бога, Бог ми осигури и дом, па и доста пари имам на располагање“. Го прашав што се случило и тој ми го раскажа следново: „Заминувајќи си на село, седнав на кратко на автобуската, додека да дојде време за тргање на автобусот. Ми се приближи еден продавач на лотарија и ми предложи да си земам ливче. Јас како христијанин имам принцип да не купувам лотариски ливчиња, затоа му реков дека не сакам. Кога сепак видов дека продавачот на лотариски ливчиња си трга, си помислив дека можеби и тој има голема потреба од пари, затоа одново го викнав и извадив пари да му платам едно ливче, без да го земам. Но продавачот беше совесен и чесен човек и не ги прими парите. Ми стана незгодно, но бидејќи сакав да му помогнам, му реков: ’Дај ми едно лотариско ливче, може и да ми се најде‘. И купив едно ливче со цел да го зарадувам другиот, иако по малку ми беше непријатно бидејќи си ги нарушив принципите. Но токму тоа лотариско ливче ми донесе една голема парична награда – и куќа си купив, и пари ми останаа за да ги одгледам децата. Дознав и каде живее продавачот на лотарија, отидов незабележано и во поштенското сандаче му оставив плик со многу пари, зашто знаев дека немаше да ги земе ако му ги дадев на рака“.

Прекрасно е како Божјата љубов дејствува кај чесните луѓе!