Отец Илија Макос за семејното насилство

Семејното насилство[1] не зависи од одредени, економски, социјални и образовни карактеристики, туку е присутно насекаде, во сите слоеви на општеството. Тоа може да започне како нешто ‘обично и невино’, а со тек на време да се развие до дејство со драматични последици. Одгледувањето на дете (било како сведок на таквото насилство, или како жртва), во една таква насилна средина е многу сериозен проблем. Пројавата на насилство го растројува неговото психичко и социјално развивање, а во многу случаи последиците се трајни што доведуваат детето и во зрелата возраст да се соочува со големи психопатолошки проблеми.

Дете кое расте во семејство со насилство е многу веројатно да развие емоционална нестабилност и несигурност, страв, депресија, пост трауматски стрес, проблеми со сонот и хранењето. Насилството во семејството го исполнува со страв и тоа се одразува на неговиот целосен развој како личност. Една интервенција во рана фаза може да послужи како кочница пред појавата на такви тешкотии во животот на детето, а и подоцна како возрасен. Многу често во такви случаи, семејството ја убедува жртвата да не пријавува во полиција против друг член на семејството, и така таа одлучува да молчи, со што проблемот станува уште поголем. Тоа уште повеќе е присутно во малите средини, каде јавното огласување на вакви случаи ги поттикнува луѓето да се воздржуваат од барање на полициска помош. А и самиот субјект којшто искусува такво насилство врз себеси се чувствува слаб и не бара од никаде помош.

Ова е појава која треба да ни биде актуелна на сите. Од каде и да доаѓа насилството, каква и форма да прима, тоа е трн во нашата култура. А културата, како што се знае, е огледало на нашето општество. Од православна гледна точка, неопходниот услов за да се надмине семејното насилство е растење во нашата способност да љубиме. Имено, љубовта му овозможува на секој човек да застане отворено пред Бога и пред личноста на другиот човек. Таа вистина за човекот му овозможува тој да се ослободи од агресивноста. Духот на промената и помирувањето носи сила, која што е всушност силата на љубовта. Само љубовта ни дава можност да го познаеме и признаеме другиот човек и да го сочуваме неговото достоинство.

Не е можно насилството да престане само со иницијатива и интервенција на државните органи. Човек треба да си ја осмисли својата улога пред себеси и пред ближниот и да посака да ја сочува својата вистинска личност, а не својот лажен образ. Духовниот живот му дава можност да се преобрази себеси, а така ќе може да ги преобрази и своите односи со ближните.


[1] Во прилог на програмата која се реализира во соработка со Одделот за пастирско образование при Атинската архиепископија, во грчките митрополии се спроведуваат редица на семинари на тема: „Одвраќање и надминување на семејното насилство“. Во контекст на овој проект и грчката митрополија на Јанина спроведе своја обука насочена кон свештениците, кои често се соочуваат со проблемот на семејно насилство при општењето со своите парохјани за време на исповед. Како резултат од излагањата, отец Илија Макос го даде своето завршно обраќање на семинарот, што ви го пренесуваме во целост.