Протоереј Павел Гумеров ✤ Како да се победи гневот ✣ III дел

Протоереј Павел Гумеров
✤✣✤

Како да се победи гневот

(III дел)
✤✣✤

Како да се преобрази гневот?

И сега она најважното. Недоволно е само да се научиме да го запираме гневот и да се воздржуваме од него. И тоа е важно, но недоволно. Тоа е исто како само да регистрираме симптоми и последици на болеста, наместо да ја лечиме. Кој е најважниот лек против страстите? Да се стекне во душата навика за добродетел спротивна на таа страст. За тоа пишувал и самиот Светија Игнатиј Брјанчанинов и многу други Свети Отци. Осветеното место не останува празно. Недоволно е само да се изгони гневот и да се престане со раздразливост. Да, и речиси невозможно – тој секако повторно брзо ќе се пробие надвор од длабочината на нашата душа во којашто сме го потиснале. Навиката да се гневиме, раздразнуваме и да осудуваме треба да биде преобразена во друга цврста навика, друга доминанта. Каква? Проштевање, сострадание, соживување со луѓето, разбирање, трпение и смирение. Секако, сите тие се пројави на една голема добродетел – љубов кон ближниот. Љубовта исто така е спротивна на страста на гордоста. А од гордоста, како што знаеме, и произлегува гневот. „Поразувајќи ја гордоста, ти ги поразуваш и сите страсти, и во срцето се вселува смирение и љубов“, вели Преп. Пајсиј Атонски. Треба да имаме на ум дека страста е многу упорна гревовна навика, која станува неделив дел од душата, и за да ја победи на острастениот е потребен многу голем труд, непосредна борба со неа и стекнување на цврсти навики за добродетели. Но тоа не може брзо да се постигне. Хроничната и многугодишна болест не се лечи за две недели – потребно е време. Затоа во никој случај не треба да се крева раце и да се паѓа во униние, доколку за кратко време не видиме сериозни резултати. На тој пат речиси неизбежни се падови, скршнувања, рецидиви. Но колку подолга и поупорна е борбата, толку постабилна ќе стане навиката.

Еве нешто малку за тоа како да се изменат односите кон ближните, спротивно на поранешната раздразливост и гнев. Многу полезно е да се ставиме на местото на човекот чиешто однесување кај нас буди гнев. Да се погрижиме да ги сфатиме вистинските мотиви за неговото однесување. Неодамна кај мене на исповед дојде млад човек и ми кажа дека него многу го гневат недисциплинирани возачи кои создаваат кризни ситуации на патиштата, ги претекнуваат другите возила, на семафори не се придржуваат на правилата и др. Па не може тој сето тоа да го трпи! Тогаш јас го прашав: „А вие, самите, секогаш ли возите според правилата, никогаш не ги нарушувате?“ Тој одговори дека, секако, ги нарушува, но сепак, не сфаќа како може толку невнимателно да се вози. Тогаш јас му наведов пример, којшто се надевам му помогна да го измени односот кон некои немарни возачи. Замислете си дека тој човек којшто ве „претекнал“ и брза или несовесно поминува на раскрсница, само што добил телефонско известување од својата бремена жена дека треба итно да ја однесе во болница за пораѓање, или, пак, нешто лошо се случило со неговото дете – зарем постојат малку причини за брзање! Секако, нема ништо добро во нарушувањето на правилата, но зошто ние секогаш мислиме дека возачот што брза е немарен и подлец. А ете, тоа не секогаш се покажува како вистинито. Се каам бидејќи и јас сум имал моменти кога сум ги прекршил сообраќајните правила. На пример кога брзав кон сопругата оти наеднаш ѝ стана лошо, или кога таа ми се јави и ми рече дека син ми се попарил со врела вода. Сметам дека тогаш многу возачи не го одобруваа мојот начин на возење.

Помисли на тоа дека не ги знаеш вистинските причини за однесувањето на оној што те гневи

Ние многу често брзаме да го осудиме човекот, без да ги знаеме вистинските мотиви за неговата, можеби, непристојна постапка. Наместо да се потрудиме да се задлабочиме во неговото однесување и да се обидеме да си претставиме што се крие зад тоа. Сите ние сме воспитани во потполно различни семејства, се разликуваме според своето животно искуство, образование, наследност, здравје, услови за живот. Секој има потполно индивидуална животна ситуација, различна од нашата. Ни се чини дека човекот сакал да нѐ навреди, а тој можеби едноставно лошо бил воспитан од родителите, нам во тој поглед ни се дало многу повеќе отколку нему. Ако почнеме да мислиме така, ние дури и ќе почнеме да го жалиме нашиот ближен и ќе ни стане лесно да му простиме. Само доколку доволно добро го запознаеме човекот, ќе можеме делумно да сфатиме што навистина се крие зад неговите постапки. Можеби никогаш нема да го дознаеме тоа, бидејќи и самиот човек понекогаш не ги сфаќа вистинските мотивации за своето однесување. Само Господ ги знае срцата на луѓето и според тоа може да суди, но не и ние.

Треба секогаш да се стремиме во нашите ближни да ги видиме добрите страни и црти коишто кај секого безусловно постојат. Речиси кај секој човек има знаење, умеење, карактерни црти коишто ние ги немаме, но би сакале да ги стекнеме. Забележувајќи го сето тоа, ние ќе сфатиме дека општењето со него може да ни донесе голема полза.

На таков начин ние ќе се свртиме кон другите страни на човекот и веќе нема да ги забележуваме оние непријатните за нас. Доколку, пак, веќе подолго време општиме со него, би можеле да си спомнеме и за сите добрини што тој некогаш ни ги направил. Постои и еден друг начин за зближување со човекот и менување на својот однос кон него на подобро – да направиме за него нешто што му е пријатно и добро. Дури и кога некој човек не само што не ни е пријатен, туку е и непријателски настроен кон нас, треба да имаме на ум дека злото не се победува со зло, како што вели Ап. Павле: „Но победувај го злото со добро“ (Рим. 12, 17 – 21). Вие сите сигурно добро се сеќавате на цртаниот филм за малиот ракун којшто се плашеше од „оној што седи во езерцето“, и правеше страшни гримаси за да го исплаши. Но наместо тоа, тој уште повеќе се исплаши, затоа што неговиот сопствен одраз во водата му се виде страшен и непријателски. Дури кога му се насмевна, тој успеа да го надмине стравот, бидејќи „оној кој живее во водата“ му одговори со насмевка.

Ете, понекогаш дури и само со насмевка или пројавено трпение можеме на раздразнетиот човек да му направиме добро дело и, што е најважно, да го измениме односот кон него.

Едно време мене ми се случуваше да имам подолги телефонски разговори со болни луѓе. Или со психички растроени или, пак, со болни од некои други тешки болести. Не кријам, често ваквите разговори многу силно ме истоштуваа и раздразнуваа. Но кога се обидов да се поставам себеси на местото на овие несреќни, болни луѓе, сѐ ми помина. Сфатив дека тие долги телефонски радости за нив претставуваат една од малкуте радости што ги имаат. Тие едноставно не можат да сфатат (затоа што самите никогаш не работеле и немале семејство), дека му го одземаат времето на еден зафатен семеен човек.

Познато е дека кај другите луѓе, во нивното однесување, нас повеќе од сѐ нѐ гневат постапки и карактерни црти коишто ги мразиме кај себе самите. Често гневот е една скриена вина. Едноставно несвесно го користиме за да прикриеме други чувства. Односно, нам некогаш ни било многу срам за некоја слична постапка и сега кога гледаме кај другите нешто такво, ние многу се гневиме и ни е непријатно. Тој ефект на огледало е прекрасно опишан во познатата басна на Крилов „Огледало и мајмун“, која ни е позната од школскиот период. Да си спомнеме исто така и за советот на Криловиот Мишко: „Наместо да ги оговараме другите, не е ли подобро да работиме на себе?“ Односно, треба да сфатиме дека ние самите сме далеку од безгрешни и дека нешто слично такво имало и во нашиот живот.

Продолжува