Протоереј Павел Гумеров ✤ Како да се победи гневот ✣ II дел

Протоереј Павел Гумеров
✤✣✤

Како да се победи гневот

(II дел)
✤✣✤

Да се замрази страста

Како да се замрази страста: Умствено секако, сите ние ја сфаќаме погубноста на гревовната зависност и штетните навики. Но како да го замразиме тоа што толку години ни предизвикувало задоволство и со кое се поврзани многу пријатни доживувања. Да, колку и да е чудно, дури и една толку непријатна работа, како што е гневот, може да биде во нешто пријатен. На човекот којшто е подложен на неа, таа страст му дава дури и чисто физиолошко задоволство. Во моментот на гневот во крвта се зголемува адреналинот и како што е познато, тој хормон предизвикува многу пријатни чувства. Екстремните адреналисти дури и ги нарекуваат зависници од адреналин. Па така и оној што се гневи исто така е зависник од адреналин. Навистина подоцна, по испадот на гнев, по правило ни станува многу лошо, срамно, бидејќи во секој човек има совест „но тоа е дури потоа“. Гневот исто така повремено создава едно чувство, една илузија на власт над луѓето, на сила, моќ, што дури и му е многу пријатно на оној што се гневи. Но сепак, потребно е да умееме во оваа страст да ја увидиме и сета негативна страна, сета нејзина непријатна и разорна суштина. За тоа постојат неколку начини.

За да ја сфатиме сета непривлечност на страста што ја имаме, од особена важност е на себе и на таа своја страст да погледнеме од страна. Бидејќи ние не сме ни свесни во каков неприличен и одбивен лик се претставуваме кога се оддаваме на гневот. Постои еден совет: кога се гневиш, раздразнуваш и навредуваш, погледни се во огледало и наместо твоето вообичаено мило лице, ќе забележиш некаква бесовска маска. Ете токму тоа е она што го гледаат присутните во моментот на твоето раздразнување. Се сеќавам на раскажувањето на една жена на којашто нејзината сосетка неволно ѝ помогнала да се погледне себеси од страна во врска со семејните караници. Имено, еднаш сосетката ја сретнала таа дама и ја прашала: „Да не знаеш случајно кој од соседите толку им вика на своите домашни, постојано ги поттикнува на караници? Можеби треба да преземеме некакви мерки?“ И таа жена толку се засрамила бидејќи тие домашни караници ги предизвикувала токму таа, а сосетката за тоа не ни претпоставувала, бидејќи ја знаела како надворешно спокојна и почитувана жена. После добиената поука, споменатата жена почнала да бдее над себеси и домашните расправии престанале.

При страста на гнев особено е важна честата исповед. Освен покајанието поради гревот и поткрепувачката сила на Таинството, овде постои и еден друг момент: кога треба да му раскажеш на духовникот за сите тие непријатни за тебе нешта, како што се караниците, гневните испади, нападите на бес, кај тебе се јавува силно чувство на срам кое те спречува повторно да ги направиш овие гревови, за да не мораш повторно да ги кажеш, што е дополнителна мотивација во борбата со гневот. Разговорите за непријатните за тебе ситуации, особено срамот поради твоето невоздржание и лошо однесување, го прикажува овој грев во својата автентична грда форма.

Уште еден совет. Се вели дека кога некој премногу сака да се препушти на гневот, да започне да зборува навредливи нешта, да почне да вика, потребно е во тој миг, наместо пријатните чувства што обично ги дава гневот, да се предизвикаат непријатни. Помага во тој миг да се појде во кујната и да се изеде една мала лажичка сол. Откако по извесно време гневот ќе се поврзе со ова непријатно искуство, тој ќе ни стане одвратен и со време ќе престане. И воопшто, многу помага секогаш кога ќе ни дојде гневна помисла, желба за гнев, да си спомнеме и за ужасните последици коишто обично се јавуваат после гневниот испад и сета таа штета што гневот им ја носи на луѓето.

Да запреме додека сѐ уште не е доцна…

Но за да успееме да ги примениме сите овие методи потребно е да научиме една едноставна но неопходна работа – да стегнеме пауза, да запреме, како што се вели, да се оддалечиме од гневот. Ете токму тоа за човекот кој е раздразителен и склон кон гнев е особено тешко. Секој грев започнува со гревовна помисла. Тоа е кога гревот е сѐ уште во фаза на некаква концепција, идеја, проект. Но само уште еден чекор – и веќе се воплотува во дело. Еве што пишува за тоа Св. Игнатиј Брјанчанинов: „Обично луѓето ја сметаа мислата за небитна и притоа тие се особено немарни кон примањето на мислите. Од примените добри мисли се раѓа сѐ добро, од примените лажни, лоши мисли, произлегува сето зло. Мислата наликува на бродско кормило: од едно мало кормило, од една ништожна справичка врзана за бродот, зависи правецот и во голема мера судбината на целата таа огромна машинерија“. Така што неопходно е да се учиме на борба со помислите, да се учиме да ги отсекуваме во самиот почеток на нивниот пристап кон нашите души. На ова искуство се посветени многу дела на Светите Отци, оваа тематика е доста широка, и нејзиниот обем не дозволува нејзино детално разгледување. Но сметам дека секој може да се запознае со неа индивидуално.

Да се отсекуваат гревовните, гневните помисли, да не се беседи со нив, да се одгонуваат и се мисли на друго – ете тоа и значи да се „стисне пауза“. Кога ќе се бориме со гневот, ќе го правиме потребното и нема да му даваме волја на гневот, зашто тој лесно може да излезе од контрола. Налик на пожар којшто колку повеќе гори толку потешко е да се згасне, или како пукната брана која многу тешко може да се затвори. Кога ќе се разбуди желбата за гневење треба да се направи нешто драстично, да се почне со молитва, да се кажува на пример Исусовата молитва. Да се појде во друга соба, да се чита Евангелие, Псалтир. Доколку и за тоа нема сили, почнете со физичка работа или зафатете се со некоја едноставна активност. Гневот може да се преобрази во физичка активност. Ве уверувам дека после неколку километри трчање, желбата за гневење по правило се губи. И општо познато е: доколку не му се дава волја на гневот, доколку успееме да стиснеме пауза, тогаш гневниот испад и неодоливата желба да се препуштиме на емоциите поминуваат. И самиот предмет на конфликт повеќе за нас не е нешто важно. Но она што е најважно, тоа е да се научиме на време да стегнеме на пауза.

Доколку успееме да направиме макар и најкратка пауза, во тој миг треба да си претставиме, да си замислиме што ќе се случи понатаму ако си дадеме волја на чувствата и попуштиме на гневот. Да се потсетиме што обично се случува потоа. Што ќе придобиеме (ништо особено) и што ќе изгубиме (мирот во душата и мирот со ближните, нивното пријателско однесување кон нас, и освен тоа, во душата уште долго време ќе ни царува разорност, пустош и срам). Принципот на проценување е за нас многу полезно правило во животот. Бидејќи ние постојано застануваме пред избор во врска со тоа што е за нас примарно, а што второстепено, безначајно. Што ни е неопходно и полезно, а што сосема непотребно па дури и штетно итн.

Продолжува