Подготовка за Света Литургија – I дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤
Подготовка за Света Литургија
✤✣✤

I дел

Темата на нашето денешно собирање е тоа како некој се чувствува кога му претстои подготовка за Света Литургија, која, да претпоставиме, е една ноќна Литургија. Кога ќе го сфатиме движењето, развојот на доживувањата во текот на подготовката, ќе можеме во продолжение тие доживувања да ги пренесеме и на самите себе, да ги внесеме во нашиот живот на начин кој му прилега на нашиот карактер, на нашата ќелија и нашата клима, ладна, топла, тивка или бучна. Треба да ги спознаеме сите стадиуми, зашто тие ни помагаат да сфатиме каде се наоѓаме.

За да може некој силно да го доживее богослужението, на богослужбата треба да ѝ претходи една силна ноќ. Човекот кој ноќе спие, не може да оди да Го прославува Бога. Дури и да успее, тоа ќе биде безбојно и слабо! Црквата ќе се собере, Христос ќе слезе, ќе биде испратена свештена благодат, но ти ќе си заминеш гол, каков што и влезе. Зашто во бочвата можеби има многу вино, но ти ќе земеш онолку колку што собира во твојата чаша. Ако е мала, ќе земеш малку. Ако е голема, ќе земеш многу. Ако таа не собира ништо, бидејќи е полна со други нешта, воопшто нема да примиш од виното кое го весели срцето.

Она што е важно за нас, е тоа како ќе го подготвиме просторот во кој може да се смести изобилието на свештена благодат. Просторот на кој е направен пат, кој станал прав пат, за да може да дојде до нашата средба со Христа. Зашто кога некој се подготвува за Света Литургија, тој всушност, треба да се подготви за оваа средба. Тоа што го бараш, тоа и ќе го најдеш. Ако сакаш да земеш вино, ќе бараш вино и вино ќе ти се даде. Токму така, кога одиш во Црква, ќе го добиеш она што го бараш.
Значи, влегувам во Црква. Се претпоставува дека мојот дух е буден и дека знае кого оди да побара. Имам чувство дека одам да Го сретнам Христа, што значи дека сум Го барал, сакал, копнеел по Него. Ако не сум копнеел по Него дење, а потоа и ноќе, ни сега ќе можам да Го побарам.

На пример, попладне е, и јас разговарам со тебе. Не е можно да разговарам со тебе за несреќата која се случила, но, за среќа, никој не настрадал, не е можно да мислам на тебе, а Христос да не е во мојот ум, не може срцето да не ми е топло, во моето битие да не се разгорува огнот при помислата дека ќе служам, ќе бидам на служба, дека ќе дојдам во допир, до соединување со Бога. Ако не ме обзема ова чувство, таа ноќ или утро јас поспан ќе тргнам на Литургија. Она што е душата сега, тоа ќе биде и утре. Потребна е вонредна свештена благодат за да се разбуди заспаното „јас“, за потоа да можам суштински да ја отслужам Литургијата. Моето срце во суштина има свој живот и може да зборува: Кога ќе дојде седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот час во ноќта, па да одам во црква на Литургија?

Значи, постои ова доживување, и бидејќи постои, мојот ден не ја поткопува ноќта, зашто денот е претпоставка за успешна ноќ. Ноќта е основа, подлога, корен на денот. Така, ако ноќта не е добра, ни преку денот нема да можам нешто добро да постигнам. Но ако и денот не е добар, не можам да имам добра ноќ. Се претпоставува дека преку денот живееш внимателно. Во тоа не те спречуваат ниту контактите со луѓето, ни твоето послушание, ни бучавата. Ништо не те спречува. Тоа е, чисто, работа на твоето срце. Секако, не дека опкружувањето и условите не потпомагаат, но и срцето е пресудно.

Како се чувствувам на почетокот во ќелијата, во полумракот, како се подготвувам да Го сретнам Бога? Како се развива доживувањето сѐ додека душата не дојде до состојба да стапи во контакт со Бога? Таа има чувство дека се движи во темнина, не во надворешна темнина, туку во некоја своја темнина. Христос е светлина. И бидејќи Го нема Христа, човекот не ја гледа светлината во светлината, туку се наоѓа во темнина. Душата го доживува трагичното спознание на темнината, незнаењето. Што ќе се случи сега, дали ќе продолжи така?

Душата сега се наоѓа во оваа состојба, но има и една надеж. Која е таа надеж? Ако таа некогаш ја искусила Божја посета, тоа искуство прави таа без страв да се движи низ темнината, низ непознатото. Кога со ноќи си одел во една малку подалечна црква, знаеш каде е каменот, каде се скалите, каде се опасните места, па оттука се движиш слободно. Ако, пак, не си одел претходно, ти ќе напредуваш внимателно, чекор по чекор. Така е и со душата; ако претходно ја запознала оваа состојба и ако претходно Го вкусила Бога, напредува со надеж дека и сега, како и тогаш ќе Го сретне. Во спротивно се задоволува со надежта дека Он ќе ѝ се даде, бидејќи Бог рекол: „Барајте и ќе ви се даде, чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј, 7, 7). Таа надеж е голема работа. Бидејќи Он тоа го рекол, и пред да побараме Он ќе ни даде. Не го чувствувам тоа, но знам. Предзнаењето дека ќе стапам во однос, во прегратка со својот Бог, ми дава сила да продолжам. Но, се уште сам чекорам во мракот. Според тоа, имам чувство на движење и на мојата осаменост во темнината. Постои една надеж, една светлина, но јас сум во овој густ, црн мрак.

Душата сега напредува. Знае само ќе Го бара Бога. Но, што ќе Му каже? Како ќе Го бара? Што и да прочитала, сега ѝ е туѓо. Твојата душа треба тоа да го почувствува за да може и да го искаже.

Читам на пример една љубовна преписка и сега се обидувам врз основа на неа да го напишам она на што се сеќавам во поглед на тебе. Не можам тоа ни да го напишам, ниту да го кажам. Меѓутоа, ако те видам, ако те запознам и засакам, ќе видиш како душата сето тоа го изнесува по устен пат. Тогаш ќе можам и највообичаениот збор да го кажам како првпат да е изговорен во овој свет и да мислам дека сум најголемиот поет, зашто просто сум ги изговорил зборовите: Те сакам. Истото се случува и во борбата, во подвигот на душата. Не знаеш што да кажеш. Кого да го повикаш, кога не го гледаш! Да викнеш во темнината? Се плашиш, размислуваш! Ќе Му угодиш ли на Бога? Ќе те чуе ли? Треба да имаш некаков светлосен зрак, некоја содржина, некој знак дека Бог се наоѓа во тој правец, за да би можел да Го повикаш. Старче, извикуваш, зашто знаеш каде е старецот. Ако не знаеш каде е, каде ќе го бараш? Знаеме, ли можеби, каде е Бог? Каде живееш Господи? Го прашале некогаш учениците на св. Јован Крстител. А, Он одговорил и рекол: Дојдете и видете. Отидоа и видоа, и го забележаа дури и времето во кое тоа го видоа. Но, бидејќи не знаеш, тоа значи дека се уште си во мракот.

Но, Христос не може да пребива во темнина. Не знаеш што да правиш и тогаш започнува агонијата. Каде е? Сам си. Бог ти е непознат. Страшно! Не се осмелуваш да Го побараш, да поразговараш. Чувствуваш дека во тебе се одигрува некоја борба. Твојата душа почнува да се бори. Го среќаваш сега напорот на твојата душа, кој е елемент на доживувањето, борбата што душата ја води за некогаш да може да стигне таму каде што сака. Може да се испоти, да се умори. Секој човек, во согласност со својот карактер, на различен начин го доживува тој напор на душата. Боже мој, извикува душата: Не го извикува тоа со зборови, туку со доживување.

Како душата го доживува тој втор стадиум? Што чувствувам во состојбата во која сум доден? Најпрвин, дека сум изгнаник. Бидејќи, штом Го немам Христа, тоа значи дека не сум во својата татковина. Отидов во „далечна земја“ и треба да се вратам. Изгнаник сум: едно многу сериозно доживување. Ние тоа не го знаеме, не го сфаќаме, па заради тоа најчесто се чувствуваме многу лагодно на било кое место и да пребиваме. Во многукатниците, во фабриките, на патиштата, во куќите на гревот, наоѓаме луѓе кои се задоволни. Некоја жена не чувствува дека е изгонета, зашто има маж, друга зашто има дете, трета затоа што добро ѝ оди на испитите, и затоа тие се задоволни. Изгнаникот, пак, дури и од птица млеко да има, пишува вака: Подобро во мојот сиромашен крај, отколку во туѓина. Значи, стекнувам сознание дека сум изгнаник.

Второ, стекнувам уште едно искуство: Дека сум немоќен да Го побарам Христа, да направам дури и најмала можна работа за да Го најдам. Подоцна ќе сфатам што значи тоа „со благодатта Божја сум она што сум“, и дека нашиот Бог „нè посети од висините“ како и тоа дека „без Мене не можете да направите ништо“. Ја чувствувам својата немоќ: Не можам да зборувам. Не можам да се молам. Не можам да се сосредоточам. О, колку сум немоќен!

Трето, чувствувам дека сум сосема мал, дека сум ѓубре. Пред Великиот Бог не сум висок ниту колку една мравка. Ништо сум! Сенка сум, која не може ниту да напредува, ни да светли.

Кога ќе почувствувам што сум јас, тогаш почнувам да сфаќам и што е Он. Зошто сум изгнаник? Затоа што ми недостасува Бог. Зошто сум немоќен? Зашто Бог Е Оној Кој Е. Врз основа на спротивностите, но искуствените спротивности, почнувам да сфаќам дека Бог Е Велик. Сè што има врска со суштината Божја е во секој поглед несфатливо и единственото нешто што е сфатливо е Неговата несфатливост. Сè што е во просторот на Неговото манифестирање, енергиите Негови, сè што е несоздадено делување Божјо можам да го прочитам, можам да го научам, но мојата душа не го разбира тоа. Но доаѓа миг кога душата ги поима енергиите, својствата Божји и тогаш открива дека Бог Е Велик. Висока си, повисока од сите твои школски другарки. Секогаш те ставаат на прво место. Ја живееш својата висина. Меѓутоа, кога ќе застанеш под една пирамида, кога ќе ја погледнеш и нема да го видиш нејзиниот врв, тогаш ќе сфатиш што значи тоа дека ти си ниска, а пирамидата е висока. Токму тоа се случува овде.
Потоа, сфаќам дека Он Е Свет, значи нешто потполно различно од светот, нешто апсолутно посебно, нешто извонредно, нешто што не е ништо друго, туку единствено она што е. Он Е Оној Кој Е. Сè друго е небитие. Сè друго е релативно. Како го сфаќам тоа? Како што кога сам во темнината ги отворам очите, но не гледам ништо – истото го прави и мојата душа, срцето мое. Ништо не гледа, но чувствува што значи: „Каде Си Ти, Боже мој? Каде Си, Боже мој? Зад ѕидот? Пред мојот манастир? Би требало да си внатре, но не Те гледам! Подалеку од ѕвездите? Над небесата? Но бидејќи си секаде присутен, каде си? Каде и да потрчам по Него, не Го наоѓам. Ако слезам во Адот, таму е. Но, во Адот не Го гледам! Ако одам во морските длабочини, таму е. Но, повторно не Го гледам: Јас сум во темнина. Така, преку поимањето на извонредноста го сфаќам значењето на светоста.

Продолжува