За молитвата и за молитвениот живот на христијаните
Навистина е пријатно во молитвата да се спомнуваат душите на оние за кои знаеш дека очите им се секогаш вперени кон Господа и дека во Него се зближуваат со нас. Само сезнајниот Бог знае кој му прави поголемо добро на другиот: оној кој се моли, или оној кој ја бара молитвата.
Молитвата нѐ приближува кон Бога и наспроти тоа средиште на битија и светови, не се гледа она што ние го гледаме во овој променлив свет. Душата, која секогаш Го бара Бога и која Му се моли, таа Му припаѓа само Нему, без оглед на тоа што нејзиниот понизок, сетилен дел, понекогаш и против нејзината волја, бива вознемирен поради близината и делувањето на силите кои не се сродни на човечката душа.
Како премудро нѐ учи светата Црква: во мир да се помолиме на Господа и за сите и за сѐ. Душата на оној кој се моли во смирение, и да се разгори, гори со тивок и чист пламен. Гори, но не согорува. Врие, но не преврива. Се излева, но никогаш не се испразнува.
Зар душата која усрдно се моли, зарем таа не стапува во заедница со оној за кого се моли? Зарем во тоа единство таа не дава моќен поттик на силата на душата, која има потреба од помош?
Најдобриот начин на дружење и заедница меѓу луѓето е да се молиме едни за други. Ако молитвата не е совршена, нејзните недостатоци треба да се исправаат според можностите, а никако да се очајува поради нив. Треба да се прави разлика помеѓу активната молитва и онаа состојба кога некој се насладува со молитвата. Активната молитва човекот треба да ја прави секаде и неуморно, секако според пропишаното молитвено правило, а утехата ја дарува Господ, според Својата благодат, тогаш кога тоа е потребно, за да го привлече и закрепне човекот, и тогаш кога човекот може да ја прифати. Исто така, ако почувствувате дека во вас нема сила, немојте поради тоа да ве обземе немоќ и очај, туку најнапред престанете да се надевате на себеси и молете се, надевајќи се на Бога.
Ако од човек барате да ве научи како да се молите, ќе добиете одговор: Не знаеме како да се помолиме.
Ако речете: Господи, научи нѐ да се молиме – ќе добиете одговор, кој многумина пред вас го добиле.
Треба да се трудиме да стекнеме трајно стравопочитување спрема светињата. Ако ова стравопочитување дојде и помине, тогаш тоа во душата сепак би требало да остави смирена и топла желба за заедница со Бога.
Треба да се трудиме секаде во молитвата да сме постојани и да не допуштиме некои моментални ситуации да нѐ поколебаат. Исто така во молитвата треба да бидеме и тивки и смерни, и да не дозволиме фантазирањето да се распламти во нас.
Оној, кој од восхит преминува во оладеност на срцето, и кој недоволно го зацрвстил мирот во својата душа, нему му е потребно да вложи уште многу труд.
Ако некој цела година Му служел на Бога, па останува и понатаму во таа желба, тој труд нема да му пропадне, па дури и да се промениле околностите. И во семејниот живот секој може да најде време за молитвата и тихуванието. Тогаш кога нема можности да се оди во храмот на богослужба, Господ ќе ја прими и домашната молитва, ако таа е искрена и длабока. Никој од вас не бара да им служите на двајца господари. На Господ може да Му се служи и во самотија, исто како и во семејство. Ако гледате дека семејниот живот сепак ќе ви пречи за да Му служите на Бога, тогаш одлучете се за самотија.
Тоа што не сте во можност да отидете во храм, немојте да го примате само со тага, туку и со смирена послушност на волјата Божја. Нека во вашето срце постојано пребива името Божјо и нека од вашата душа се издигаат благомирисни молитви кон Бога, тогаш ќе ви биде како да сте во храмот Господов.
Ако ви се даваат солзи, бидете благодарни на Бога за тоа и користете ги за да ја очистите својата душа. Но, како што во ништо не треба да се претерува, така и во солзите понекогаш треба да се постави граница, така што умот свој ќе го задлабочиме во некое друго корисно дело.
„ Ѝ се опростуваат многу гревови, бидејќи таа имаше голема љубов “. Каде таа научила така да љуби? Наместо елеј таа имала солзи на покајание. Божјата љубов кон оние кои се каат, како небесен оган, паднала над неа и го разгорела нејзиното кандило.