Еден сиромашен шкотски селанец по име Флеминг, си работеше еден ден во полето. Тоа му беше единствениот извор на прехрана за својата бедна фамилија. Додека така со мака и пот ја раскопуваше тврдата почва, наеднаш слушна во близина силен крик за помош. Веднаш ја фрли мотиката и се затрча кон блиското мочуриште од каде што се слушна гласот. Таму, потонат до половина во црната кал, едно престрашено момче викаше силно, борејќи се, безуспешно, да излезе од мочуриштето. Селанецот му пријде, го фати за раката и го извлече од сигурната смрт.
Следниот ден во дворот на селанецот се довезе една богата кочија. Елегантно облечен благородник излезе од кочијата и се претстави како татко на детето што селанецот го беше спасил.
-Би сакал да ви платам, – рече благородникот, – му го спасивте животот на мојот син!
-Не, не можам да примам пари за тоа што го направив, – смирено ја одби понудата шкотскиот селанец.
Тогаш на вратата од трошната куќа се појави едно младо момче.
-Дали ова е вашиот син? – праша благородникот.
-Да! – гордо одговори селанецот.
-Дозволете ми да му обезбедам образование какво што има и мојот сопствен син. Ако момчето е слично на својот татко, не се сомневам дека ќе израсне во човек на кого обајцата ќе бидеме горди. Така и беше.
Синот на селанецот Флеминг ги посетуваше најдобрите училишта и ја заврши медицинската школа во Лондон, и подоцна стана познат во светот како Сер Александар Флеминг, пронаоѓач на пеницилинот.
По многу години, синот на благородникот што беше спасен во мочуриштето се разболе од туберкулоза.
Што го спаси тогаш? Пеницилинот!
Правете добро и ќе можете да се надевате на добро.