Додека византискиот цар Ираклиј (во VI век) војувал со Персијците, скитските племиња, меѓу кои имало и Словени, под водство на војсководачот Хаган, ја искористиле приликата и навалиле на Цариград, којшто останал без заштита.
Знаејќи дека не можат да се надеваат на својата слаба заштита, жителите на престолнината, на чело со патријархот Сергиј, прибегнале кон молитви кон Бога и кон пресветата Мајка Божја, молејќи помош и заштита од напаѓачите, коишто го опколиле градот од сите страни и уште предвреме се радувале на богатиот плен.
Додека патријархот со иконата на пресвета Богородица, на чело на литијата, заедно со свештенството и народот ги обиколувал градските ѕидини, барајќи небесна помош, напаѓачите им се смееле, го хулеле името Божјо и на пресвета Богородица, и тврделе дека тоа ништо нема да им помогне и дека утредента нивниот град ќе биде разрушен. Меѓутоа, утредента настанала силна бура и ги потопила сите бродови на напаѓачите, а војската на Хаган се исплашила од нешто и побегнала.
Така Цариград чудесно бил спасен. Во знак на благодарност за избавувањето, патријархот Сергиј испеал прекрасен акатист на пресветата Богомајка, кој се смета за најубава песна испеана во нејзина чест, и редовно се чита во состав на дневното молитвено правило на монасите и на побожните луѓе.
На сличен начин Цариград е спасуван и подоцна уште два пати.
Повеќе за настаните на Википедиа