Воспевајќи, Те величам, Нескверна,
Тебе, родот наш што го возвеличи.
Молејќи, Те молам, севоспеана,
Која постојано Синот Го молиш.
Те фалам, себлажена Владичице,
од родови верни ублажувана.
Ја пеам благодатта Ти, Царице,
од хорови ангелски величана.
Непорочна Невесто неневесна,
молам, умот мој облагодати го.
Неискусобрачна Дево нескверна,
девственичките мои просвети ги.
Марие, Мајко Божја и Невесто,
патот мој, ти се молам, управи го.
Мајко Дево, Владичице Пречиста,
оние во опасности чувај ги.
На спасението ни заглавие,
спасение Ти мене подготви ми.
на благоволие воведение,
благослов Божји, Ти мене даруј ми.
Ти, Која Светлост Невечерна роди,
помрачениов ум светловоди го.
Ти, Која мракој измамни разгони,
да чекори право раководи го.
На светот застапништво, Сецарице,
од искушенијата избави ме.
На благодатта на светот Мајчице,
со радоста непрестајна даруј ме.
На таинството страшно јавление,
на покајание двери отвори.
На гревот смртнички погребение,
на спасението син ме оствари.
Христа, Кој на раце Го носеше,
милостив Судија направи ми Го.
Творецот ко Младенче Го доеше,
Владиката на сè смилостиви Го.
Ризницо на животот непотрошна,
душава моја бедна збогати ја.
Светлоносна Светилничке сесветла,
помраченава мисла озари ја.
На страдните крепост богоневесна,
страднава душа моја укрепи ја.
Лекару на болните, сепеана,
мене, страшно болниот, исцели ме.
Краснотечен извор богоизречен,
вечнотечен си Ти и непресушен;
душава моја жедна пороси ја,
и почва наводнета покажи ја.
На благоволие воведение,
да се избавам, Чиста, благоволи.
На пловците добро укрепление,
од волненијата Ти ме избави.
Храна, Која манната ја замени,
душата моја гладна нахрани ја.
Храм на Светињата што ѝ послужи,
храм Божевен и мене направи ме.
Светлоносен облаку присносветол,
помисли, очи и душа просветли.
Сепречиста Невесто неневесна,
кои топло Ти пеат, помилуј ги.
Ти, Која живиот Леб Го порасна,
умртвениот, Дево, оживи ме.
Ти, Која Божјиот Клас Го израсна,
мене, усмртениот, обнови ме.
На радост небесна пробудение,
со радост срцето исполни ми го.
На царство адово соборение,
душа и мисла облагодати ми.
Благодатотечна Мајко славена,
од беди и опасности спаси ме.
Приснодево, Невесто неневесна,
мене, напаѓаниот, сочувај ме.
На девството цврсто заступление,
душата моја чиста запази ја.
Сесвета, на Бога пребивание,
неа од опасности сочувај ја.
Сечиста Девојко себеспрекорна,
на душава страстите исцели ги.
Сесвета Дево седобродетелна,
на душава брановите стиши ги.
Плодоносна земјо неизорана,
од сите родови Богоизбрана.
Чиста, душата моја изорај ја,
со класје израсната покажи ја.
Пресвета Приснодево, помогни ми,
кон Твоето застапништво прибегнав.
Пресвета Владичице, услиши ме,
на Твојата слобода се надевам.
Со беззакони гревови, Пречиста,
убавина на душа си зацрнив;
помогни со солзи да ја очистам,
што, кутриот, безумно ја запустив.
Пред Синот Твој и Бог застапувај се,
Судија милостив направи ми Го.
Застапник да ми биде, помоли се,
и од страшна осуда избави ме.
Според изданието: Ἁγίου Νεκταρίου, Θεοτοκάριον, Β´ ἔκδοση ἐπαυξημένη, Αἰγίνα 1907
Препев од старогрчки: Братството на Свештената Бигорска Обител,
9/22 ноември 2016 л. Г.