Разговор во возот
од старец Клеопа
Патував еднаш со воз од Пашкањ за Бакау. За да не бидам во вагоните каде што се пуши, си купив карта и се качив на возот во оние вагони коишто се малку засолнети. Си реков: сепак, одам каде што нема да ме „кадат“ пушачите, зашто ме боли главата од чадот на цигарите. Во вагонот појдов сам, и не знаев кој уште ќе дојде.
Пред самото тргнување влезе една група на високи офицери коишто одеа во некое воено училиште. Беа мајори, полковници, а меѓу нив беше и еден постар водник со сопругата. Монах во офицерски вагон. Гледајќи се себеси во вагонот со офицерите како монах – си реков – каков разговор би можел да водам со нив? Јас си внимавав на својот мир и на своето „Господи Иисусе“ и седев мирно, бидејќи знаев дека ми претстои два часа патување со нив. А, треба да се префрлам во местото Лунка Стрмба на друг воз за Тракау, бидејќи одев кај отец Касијан, којшто беше настојател во Тракау, и кај отец Јануариј. Тоа беше во 1957 година.
Еден од нив, за да не молчи и сакајќи да се пошегува рече:
– Гледај, бре! Добро ќе оди возов зашто овде имаме поп.
Го знаете она суеверие: поп – баксуз! Ако видиш поп – тешко си на тебе! Јас молчев, и не одговарав на нивните задевања.
– Слушаш ли, море, ако е овде попот не ќе биде ли добро да ни ја раскаже онаа приказна за Бога? Се зборува дека некое „старче“ ги создало небото, земјата, ѕвездите, планините и морињата!
Слушаш! „Старче“! Јас и понатаму молчев. „Остави ги на мира зашто се офицери. Тие се шегуваат, тие се смеат. Што да разговараме?“
Но, дојде еден и седна спроти мене.
– Оче не лутете се, од каде сте?
А зошто да им кажам од Сихастрија?
– Од манастирот Њамц.
– Што сте? Свештеник, професор, учител, што сте?
– Напротив, обичен монах сум. Патувам до Бакау.
– Слушаш, нашиве, сите се љубопитни да ни кажете нешто за Бога! Како оди таа приказна за Бога? Во таа ваша Библија се зборува дека Бог ги создал небото, земјата, светот, но ние имаме друго сфаќање за светот.
– Не лутете се, јас сум обичен монах, но ако ја почнам приказната за Бога ќе треба овој воз да ја обиколи Земјата три пати, и колку што е долга пак не ќе можам да ја завршам!
– Слушај што зборува попот!
– И, интересна е, реков, неверојатно! Кога ќе ја почнеме приказната за Бога, тогаш е „држи – не давај!“
– Сакаме и ние да знаеме! Вие сте монах, а ние сме офицери. И бездруго одиме заедно за Бакау. Како е, оче?
Пред тргнување станав и се прекрстив. Тие не. Нивна работа.
– Ако веќе треба да разговараме тогаш барам од вас чесен збор. Да ми простите, зашто влеговте овде цел вагон офицери, но овие ѕвезди не ги познавам, бидејќи јас служев војска кога имаше лентички. Ако случајно погрешно се изразам, немојте да ми се лутите!
Но, некој мајор стана и рече:
– Оче, гледај, сакам да ти кажам нешто. Зар не е апсурдно да веруваме во нешто што не се гледа? Вие кажувате дека постои Бог, но дали некој некогаш го видел. Безумно е некој да верува во она што не се гледа!
– Господа, но прво дали ми давате чесен збор? Бидејќи започнуваме сериозен разговор!
– Слушај го, бре, попот! Даваме, оче, како не! И, кој ќе се налути, безумен е! – рече.
– Гледам дека сте паметни луѓе, а јас сум глупав, но ќе ја почнеме „приказната“ за Бога онака како што умееме. Господа, јас ќе ви кажам дека сите вие што сте во овој вагон сте безумни!
– Гледај го ти ова, попот ни направи безумни!
– Сигурно! И, ако не сум во право на првата станица предадете ме на полицијата на станицата! Ако не сум во право. Но, најпрвин ќе ви докажам зошто ве нарекувам безумни.
– Да, големо безумие е некој да верува во она што не го гледа! Кој Го видел Бога?
– Браќа, јас одам до Бакау, но само да ви кажам: ако ја започнам „приказната“ за Бога овој воз ќе треба три пати да го обиколи светот, и пак не ќе ја завршам!…
– Слушаш ли што зборува попот?!
– Слушнавте како вашиот другар рече дека е големо безумие да веруваш во она што не се гледа. Прво, што кажува Светиот Дух во Псалтирот, на почетокот на 13-ти и 52-ри псалм, кај нас во Светото Писмо: Рече безумникот во срцето свое нема Бог! – а во себе си реков: „Нека, зашто е време да Го исповедам Бога, не е важно што ќе следи од ова“. Бев радосен заради тоа. Второ: ти рече дека е безумие да веруваш во она што не се гледа?
– Да, јас.
– Па јас ви реков дека никој од вас нема ум. Сите сте безумни. Имам целосно право да ве наречам безумни.
– Зошто?
– Затоа што јас никогаш не сум видел нечиј ум! Па тогаш, не е безумие да верувам дека имате ум, ако не сум го видел?
– Гледај, бре, нè нападна попот! То ест, ги заменивме улогите.
Разговорот беше убав, и сериозен, и шеговит.
– Па, како да верувам дека имате ум, ако јас, од кога сум роден не сум видел ничиј ум? Ни кај вас, ни кај себе. Каков е? Бел, црн, црвен, зелен? Каков облик има? Квадратен, правоаголен, шестоаголен? Каков е, господа, по облик и по боја? Дали е опиплив, или каков е? Ако ми ги покажете тие одлики на умот, тогаш ќе ви кажам дека имате ум; ако не – тогаш немате воопшто!
– Гледај го, бре, попот! Можеш ли да му кажеш нешто?
– Кога не си ја чуваш устата! Море, простак, не го постави добро проблемот!
Тие се нарекуваа еден со друг – простак.
– Чекај, бре, со поп имаш работа!
– Освен тоа, дали сите луѓе на земјата веруваат дека луѓето имаат ум? Веруваат. На невидено. Ете, аргумент дека целиот свет верува дека има ум! И вие верувате, и јас, но не го гледаме умот. А дали некогаш сте го виделе животот? Дали некој некогаш видел живот во човекот? Па сепак, кој ќе каже дека е мртов, кога е жив и има живот? Дали се гледа животот?
– Не се гледа!
– Па тогаш, зар не е безумие да веруваме дека луѓето имаат живот? Ако не го гледаме.
– Но, животот се пројавува, оче!
– Доста добро. По неговите пројавувања се верува дека постои, макар и да не го гледаш. Така и со Бога. Кои се Неговите пројавувања во светот?
И, почнав да ги набројувам сите сили на душата.
– Имате ли вие мечта?
– Да.
– Дали некогаш сте ја виделе? Не! Имате ли гнев? Дали некогаш сте го виделе? Имате ли размислување, мислење? Дали некогаш сте го виделе? Имате ли похот? Имате, бидејќи тоа се силите на душата – гневна и похотна.
Освен тоа, вие имате душевни сили, како што се размислување, избор, одлука, огорченост, жалост, радост. Дали некогаш сте ги виделе, бидејќи тоа се душевни сили?
Светото Писмо ни кажува дека човекот е образ и подобие Божјо. Но, не по надворешниот облик, туку по душевниот.
Ете, колку сили има душата! Но, ниту гневот, ниту разумот, ниту похотта, ни радоста, ни жалоста, ни огорченоста, ни мечтата, ни слободната воља, ни животот, ниту, пак, умот некој ги видел. А, сè постои. И во световната философија се учи дека постојат тие душевни сили. Дали некогаш сте ја виделе душата?
– Не, затоа што душа и нема!
– Како нема? Да немаш душа, ти не би зборувал со мене! Ти не би можел ни еднаш да трепнеш, ако во тебе нема живот. И, гледате ли колку ги има? И живот, и памет, и слободна воља, и разум, и гнев, и радост, и жалост, и похот – во коишто верува целиот свет, а не се гледаат. Сите својства на душата се невидливи, сите нејзини сили се образ и подобие Божјо, бидејќи Бог е невидлив. А, човекот е икона Божја на земјата во однос на душата: ум, слово и дух.
Дали некогаш си ја видел речта? Дали си го видел својот дух со кој зборуваш? Ете, колку сили и колку невидливи особини има нашата душа! И, вие не сте ги виделе. А, дали целиот свет верува во нив? Зашто човекот има и радост, и огорченост; има и похот, и разум, и слободна воља…
– Море, рече еден, подобро ќе беше да молчеше. Не го постави добро проблемот! Овој поп треба да е некој управител на богословија!
– Не, господине, но тој вам ви ја зборува вистината! Гледаш дека сите веруваме дека го има сето тоа, и дека постои во човекот, но не се гледа!
– А, ти рече дека е безумие да се верува во она што не се гледа! Гледаш дека сите ги направи безумни, бидејќи сето тоа постои, и ние веруваме, а не го гледаме.
Седевме уште така, и се подигна некој лекар:
– Оче, нека одат по ѓаволите! Јас сум мајор – лекар. Оперирам и се шетам со хируршкиот нож по човековите црева, му го сечам вратот, му ги сечам нозете, сечам, оперирам 30 години, и никогаш не наидов на душата! И, како да верувам дека постои, кога никогаш не наидов на неа со хируршкиот нож!
– Ти си лекар?
– Да!
– И, заради тоа не веруваш дека постои душата, зашто не ја гледаш?
– Да!
– А, ти и лекарите слични на тебе, дали верувате дека постои болка во овој свет?
– Постои, оче!
– Јас не верувам! Безумие е да верувам, господине, ако не сум ја видел!
– Постои, оче!
– А, кога го сечеше со хируршкиот нож, и кога човекот викаше и преташе во канџите на смртта, не ја виде болката?
– Не, тоа не се гледа!
– А, сакаш да ја видиш душата? И болката е една од телесните, природните својства на човекот, и помешана е со душевните. И, како што не можеш да ја видиш болката, така не можеш да ја видиш ни душата. Особено што душата е духовно битие.
– Слушаш, бре, и ти со својата докторија зборуваш глупости! Те удри по глава, море! Не си видел болка! А кој, по ѓаволите, видел болка? Но, цел свет верува дека има болка.
– Гледај, бре, и тебе ти ја затвори устата!
– Море, овде наидовме на ѓавол!
– Но, убаво е, господине! Ова ќе им го раскажуваме и на другите. Кажи ни уште нешто, оче!
Тогаш стана еден:
– Оче, знаеме дека отсекогаш Црквата се спротивставувала на науката. Гледај, Русите сега направиле сателит којшто трипати кружел околу земјата со Јуриј Гагарин, и ете, успешно се приземјил!
– И што со тоа?
– Тоа се плодовите и напредокот на науката во споредба со религијата!
– Ништо не сте направиле!
– Слушај го, бре, и против науката е! Овој е како оние што го суделе Галилеј!
– Чекајте да ви кажам! Знаете ли што направивте? Ако пчелата излезе од ројот и ја обиколи кошницата во која живее, има ли таа претензии да знае што има во целиот свет? Толку и човекот направил до сега! Едвај излегол од кошницата и ја обиколил кошницата во којашто живее, и му се чини дека направил големо дело!
– А, така ли?
– Науката уште не направила ни толку колку што една бубачка лета од овој прст на оној! Сите научници од светот: и од Запад и од Исток. И чекајте, зашто дури сега ни претстои да разговараме!
– Убав е овој разговор, господине!
– Дали бил убав, или горок, или сладок, јас од сега ќе ви кажувам до крај, колку што ќе потрае оваа „приказна“, но, реков, еве, се ближи станицата Бакау! Господа дали ја знаете вие Големата Мечка и Малата Мечка, ѕвездата Северница?
– Да!
– Гледај што е! Астрономијата и науката, со најголемите научници, астрономи, велат дека на Големата Мечка од задното тркало во браздата, до она што е поблиску до човекот – осовината на Големата кола на небото има 1300 светлосни години патување, а светлината оди со 300 000 км/сек. Тоа е осовината на Големата кола. За да стигнеш од едно тркало до друго треба да патуваш 1300 години со брзина на светлината. А, уште колку би требало до предното тркало, и уште колку до рудата и до „прпелката“, којашто ги води воловите од браздата.
– А, која е „прпелката“?
– Некоја ѕвездичка, таму! А, уште колку е долга колата, кажи ми ти!
– Интересно! Кој го кажува тоа?
– Камил Фламарион. Ја имав неговата книга под рака – Бог во природата. Тој е голем француски астроном од минатиот век. Да, велам, вие гледате некоја ѕвезда којашто кога ќе се роди, некако игра – Алфа Кентаур. Целата астрономија покажува дека Алфа Кентаур е соседната ѕвезда на нашиот Сончев систем. Сончевиот систем се состои од девет планети, со Сонцето – десет. И, до нашата најблиска сосетка, кој знае колку светлосни години патување има! Ве молам, пресметајте, господа, што направил Јуриј Гагарин!
– Ништо не направил, оче!
– Освен тоа, земјата има пречник од 36 000 км. Значи тој поминал 36 000 км. со своето летало, а колкава ли е раздалеченоста меѓу ѕвездите?
– Господине, тоа не може да се пресмета.
– Чекајте да ви кажам уште нешто, посериозно. Бог го покажува Своето делание не само во големо, туку и во мало, како што вели свети Никодим Светогорец. Ајде размислете вие, дали во ушето на иглата се наоѓаат осум секстилиони атоми, а еден секстилион е единица после која следат 21 нула. За да ги изброи тие атоми во ушето на иглата, човекот би требало да живее 250 години и да брои повеќе од милијарди во секунда. И, ве молам, да ми кажете колку атоми има во ушето на иглата и како би ги распоредиле! Колку е чудесен Бог, за во ушето на иглата да смести толку атоми. Тогаш што направил човекот со својата наука?
– Тоа е незамисливо!
– Чекајте да ви кажам уште нешто, почудесно. На врвот од иглата се одмараат 16 милијарди јони, а тоа се тела многу помали од атомите. И, за тие јони коишто не можат да се замислат со човечкиот ум, бидејќи се толку мали, да би ги виделе, какви ли апарати се потребни? Кога би имале таков апарат, со чија помош болвата би ја гледале како поголема од планината Чеахлау, се уште не би забележале ниту еден јон во атмосферата! А, откриено е дека и тие јони се држат за раце како момчиња, и играат, и имаат живот во себе!
Кога не би се плашел од пантеизмот, кажува Камил Фламарион (а пантеистите велат дека секој плевел е Бог), би рекол дека Бог е во секоја тревка и во секое тело. Но, ќе речам и поинаку: дека Бог е во целото Свое создание. И, над најмалата трошка материја под небото е раката Божја, и постои живот којшто Бог го создал!
И, сега сакам да ви кажам нешто. Кога ја гледаме силата Божја, дека во минијатурите прави толку неизречливи и за човечкиот ум незамисливи чуда, кога гледаме дека и таму постои живот, во тие делчиња на материјата коишто не се видливи за голото око, и да не се плашиме од пантеизмот, би рекле дека Бог е душа на природата, на целата природа. Но, не е така. Бог постои, и како што кажува големиот апостол Павел, сè е низ Него и од Него.
И говорејќи, гледам дека се приближува станицата Бакау и дека треба да слезам. Долго разговаравме. Едвај влегов во темата. Им реков дека приказната е долга.
– Не можете ни да трепнете со окото без Бога, браќа!
– Но, зошто, оче?
– Животот е од Бога, Животодавецот, и ако си умрел, трепкај со окото, ако можеш!
Можеш ли да трепкаш ако умреш?…
Не ја спомнав баш целата проповед. Накусо ви реков така како што беше.
Разговорот траеше два часа. Се разделивме.
– Господа, многу жалам што се разделуваме!
Да ви кажам, навистина, некои ме бакнаа и во образ, некои ми дадоа цреши, а некои бомбони. Ми дадоа и имиња за спомнување во молитвите.
– Оче, сакаме да ти пишуваме, но да ни кажеш какви студии имаш, зашто мора да си некој ректор или професор во богословија.
– Ќе ви кажам, но да ми верувате, ако сакате! Јас сум овчар и ги пасам манастирските овци.
– И сега, каде одиш?
– Одам во еден скит. Јас сум овчар. Но кога би имале среќа да разговарате со некој манастирски настојател, или со некој епископ, ќе видите што знае тој!
– Слушај, море! Ова е чудо!
– Вие се сретнавте со манастирскиот овчар, реков. Да се сретневте со некој настојател или со некој професор на богословија, коишто се учени, ќе видевте што би ви рекле тие.
– Море, џабе живееме! Прости сме! Што си ни кажа овој поп!
Им зборував многу за ѕвездите, за движењето на Орион; им реков колку ветрови дуваат на Земјата и како секој се нарекува, и како се создаваат ветровите според свети Јован Дамаскин; за соѕвездијата, и колку степени има секое соѕвездие, и колку Сонцето се задржува на секој степен. Се сеќавам дека им зборував опширно, според свети Василиј Велики од Шестодневот. Уште само колку имав да зборувам, но се префрливме на друг воз. Се разделивме со болка во срцето.
– Господа, ме вовлековте во разговор којшто не го ни започнав. Простете ми и одете си со здравје; ќе станете генерали, а јас си одам по својата работа.
Тоа беше разговорот, но овде ви го прераскажав накратко.