Беседа за Воведение на Пресветата Богородица

 

Ако дрвото се познава по плодот, и ако секое добро дрво, раѓа добар плод, како тогаш Мајката на самата добрина и Родителката на вечната убавина, да не ги надмине со својата неспоредлива убавина и добрина сите земни и надземни добра? Поради тоа, Силата која сè прекрасно создаде, совечниот и непроменливиот образ на добрината на Највозвишениот Отец, предвечното, надсуштественото и предоброто Слово, поради Своето неискажливо човекољубие и милосрдие кон нас, посака да се облече во нашиот лик, да ја повика природата која беше повлечена во адската длабочина и поради тоа остарена, да ја обнови и да ја вознесе во наднебесните висини на Своето царство и божество. Соединувајќи се со неа по ипостас, Он требаше да прими и тело, и тоа ново тело, еднакво на нашето, за да нè обнови во суштината на нашата природа. Освен тоа, беше потребна и бременост и раѓање какво што нам ни е својствено, хранење после раѓањето и воспитание што одговара, и затоа, станувајќи во сè ист како нас, Он ја најде Слугинката која беше подобна во сè и која уште од раѓањето беше носител на непорочната човечка природа; тоа е оваа Приснодева на која денес Ѝ принесуваме пофалби и чиј влез во Светињата над светињите го прославуваме. Таа уште од пред векови беше предодредена од Бога за спасение и возобновување на нашиот род, и беше избрана меѓу сите, не само во поглед на нивното мноштво, туку и меѓу оние од векови избрани, чудесни и значајни по својата побожност и разумност, како според општополезните, така и според своите богољубиви особини, зборови и дела.
Уште од самиот почеток на човечкиот род, против нас се подигна духовната и злобната змија, која нè фрли во адската длабочина. Тој, обземен од завист, без никакви права се исполни со омраза и страст за тиранија над човекот, сакајќи да го уништи оној кој е создаден по образот и подобието Божјо. И бидејќи немаше храброст отворено да нападне, ја искористи лагата и лукавството. Зашто се приближи во облик на видлива змија, како божем пријател и советник (а всушност беше страшен и лукав непријател) и за жал, незабележително ја искористи можноста, та со својот совет, противен на Бога, во човекот, како некој отров, ја влеа смртоносната сила.
Да се придржуваше тогаш, Адам, силно до Божјите заповеди, ќе го отфрлеше лукавото непријателско наговарање, ќе се покажеше како победник над противникот, ќе станеше повозвишен од смртоносната погибел и со сите сили ќе го посрамеше безумниот и беден напаѓач. Бидејќи доброволно му се предаде, што никако не смееше да го направи, тој беше поразен и стана неомилен; и како беше корен на нашиот род и нас, како негови гранки, нè направи смртни. Затоа се јави потреба да се исправи поразот и да се стекне победа, да се исфрли смртоносниот отров од душата и телото, за повторно да бидеме повикани во живот, и тоа живот вечен и бестрасен. На нашиот род му требаше нов корен, односно нов Адам, не само безгрешен, туку и Некој Кој никако не можеше да биде измамен, Некој непобедлив, а освен тоа да може да простува гревови и виновните да ги направи невини; Некој, Кој не е само жив, туку и животворен, за да може на оние блиските по човечка природа да им подари живот и простување на гревовите, оживувајќи ги не само тие кои живееја после Него, туку и оние кои умреа пред Неговото доаѓање.
За совршената правда беше долично, онаа природата што своеволно беше поробена и поразена, своеволно да извојува победа и да го отфрли ропството. Затоа Бог благоволи да ја прифати од нас нашата природа, на чудесен начин соединувајќи се со неа по ипостас. Но таа возвишена и неискажлива чистота не можеше да се соедини со осквернавена природа. Навистина Бог не може само едно – да се присоедини кон нечистото, пред да го очисти. Затоа толку беше неопходна непорочната и пречиста Дева, која, како предодредена, во својата утроба би Го носела и би Го родила Ревнителот и Дарителот на чистотата; Дева, која се усоврши и појави, исполнувајќи ги совршено сите тајни поврзани со неа, и слевајќи ги во едно сите чуда од дамнина па до денес.
Значи Бог, не само што дојде меѓу луѓето, туку и произлезе од света и непорочна Дева т. е. пренепорочна и пресвета, зашто Дева Марија се издигна не само над плотската нечистота, туку и над самите нечисти помисли што доаѓаат од плотта. И нејзиното зачнување не беше израз на волјата на плотта, туку плод на слегувањето на Светиот Дух.
Кога дојде времето да се исполни овој Божји избор, Бог ги избра Јоаким и Ана од домот и племето Давидово. Тие беа бездетни и живееја во целомудреност, надминувајќи ги сите во добродетелта и уподобувајќи се на Давид според возвишеноста на родот и природата. Ним, кои во молитва и подвиг Го преколнуваа Бога да ги разреши од неплодноста, ветувајќи дека ќе Му го посветат детето што ќе се роди, Самиот Бог им ветува дека тоа дете ќе стане Мајка Божја; и сега им се дарува како нивно чедо, за ова седоблесно чедо да биде зачнато од многудоблесни родители, и за да може Пренепорочната да произлезе од сосема целомудрени; а таа целомудреност здружена со молитва и подвиг, да даде плод, да стане родителка на девственоста и тоа таква девственост, што непропадливо по тело да Го роди Оној, Кој од пред сите векови е роден од девствениот Отец. Ох, какви крила имаше нивната молитва, и каква смелост доби таа пред Бога!
Добивајќи го, на ваков начин, она за кое тие се молеа и бидејќи познаа дека Божјото ветување се исполни на дело, самите, како богоугодни и богољубиви се погрижија да го исполнат ветувањето дадено на Бога. Штом малку порасна, тие ја одведоа навистина осветената Богоотроковица, а сега девствена Богомајка, во светињата Божја, кај архиерејот кој таму служеше. И бидејќи исполнета со благодат, и зрела по ум уште на таа возраст, беше свесна повеќе од другите за сè што се извршува во поглед на неа, и колку што можеше, покажа дека не е доведена, туку дека самата и по слободна волја Му пристапува на Бога, како сама по себе да е окрилена за осветената и божествена љубов, како самата тоа да го сака и ја спознава својата достојност да биде воведена и да пребива во Светињата над светињите.
Родителите ја приведоа Богомајката кон Бога, иако таа се уште не беше ни девојка, ниту девојче, туку дете што има потреба од родители, зашто имаше само три години и беше неодамна отргната од мајчините гради и бебешка храна. Таа, сепак, дури и на таква возраст им покажа на оние што гледаа непогрешливо размислување, зашто сите ја видоа како пристапува кон храмот со неискажлива радост. Доаѓајќи до предворјето на светилиштето, опкружена со благородни девојки од нејзиниот род, достоинствено облечени, со факели во рацете, кои во таа величествена поворка и совршен ред ја следеа кон внатрешноста на храмот, таа видливо покажа дека подобро од сите знае што станува и што допрва ќе се случи. Така величествена и воздржана, таа покажа смирен дух и однесување, за да не се каже дека оди пред другите, а потоа, соединувајќи го стремежот со устројството, постепено го забрза чекорот и ги претекна девојките околу неа, тргнувајќи напред, за оние кои што ја следеа да видат дека на неа се однесува онаа изрека од Псалмите: Во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец (Псал. 44, 14 – 15).
Поради тоа и архиерејот Божји, како согледа дека во Дева живее благодатта што ги надминува сите, ја удостои со почести повисоки од другите, и ја воведе во Светињата над светињите, уверувајќи ги сите присутни, со љубов да го прифатат она што тогаш се случуваше со Божјо посредство и по Негова волја, зашто со посредство на ангел, нејзе ѝ беше испратена храна од небесата. Таа храна силно ја поткрепи природата на Дева, правејќи ја почиста и повозвишена од бестелесните сили, кои ѝ служеа. И не влезе таа само еднаш во Светињата над светињите, туку бидејќи прифатена од Бога, пребиваше таму заедно со Него подолго време; како небеско знамение кое благодарение на неа, ќе се открие во свое време и ќе им биде дадено за вечно обиталиште, на сите оние што ќе поверуваат во нејзиното преславно раѓање.
Заради тоа, значи, избраната пред сите векови, се покажа како посвета од светиите и како онаа чие тело е почисто и побожествено и од духовите утврдени во доблеста. Таа не Го смести во себе само обличјето на словото Божјо, туку и Самото воплотено и единородно Слово на беспочетниот Отец, налик на ризница во која Он ќе стапне во Свое време; и тоа време се исполни, заради збогатување и украсување на сето земно и надземно. Така Он ја прослави Својата Мајка и пред да се роди од неа, како што направи и после рождеството. Ние, пак, сфаќајќи ја смислата на спасението што преку неа се изврши, да ѝ возвратиме, колку што можеме, со благодарност и пофалби. И навистина, ако разумната жена, спомната во Евангелието, откако слушна неколку спасоносни зборови од Господа, стоејќи среде мноштвото народ со висок глас ја прослави Неговата Мајка и ѝ се заблагодари, велејќи Му: Блажена е утробата, што Те носела, и градите од кои си се хранел! (Лука, 11, 27); дотолку повеќе ние, кои во себе ги имаме сите зборови за вечниот живот и не само зборови, туку и чуда, и страдања преку кои нашата природа стана од гробот и се вознесе од земјата на небото, а со тоа и ветување за бесмртен живот и непроменливо спасение, треба непрестајно да ја прославуваме и величаме Мајката на Началникот на нашето спасение и Дарителот на животот, празнувајќи го нејзиното зачнување и раѓање, а сега и преселување во Светињата над светињите.
Да се преселиме и ние, браќа, од земјата на небото и да се воздигнеме од телото кон духот. Да го пренасочиме нашиот стремеж од привременото кон постојаното, да ги презреме телесните насладувања кои се стапица за душата и брзо проаѓаат; да посакаме благодатни духовни дарови зашто се непропадливи, да го отргниме својот живот и нашите мисли од земниот метеж и да ги вознесеме во небесните светилишта, во онаа Светиња над светињите, каде сега пребива Богородица.
На тој начин, проследени со душеполезни дела и богоугодна смелост, до неа ќе допрат песнопенијата и молитвите кои ѝ ги принесуваме. Така, благодарение на нејзиното посредништво ќе станеме наследници на сегашните и на идните добра, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ, Исус Христос, Кој заради нас се роди од неа. Нему Му доликува секаква слава, чест и поклонение, заедно со беспочетниот Отец и со совечниот и животворен Дух, сега, секогаш и во веки веков. Амин.