Митрополит Атанасиј Лимасолски
✤✣✤
Разумно користење на слободното време
✤✣✤
Независно од тоа дали човекот сака или не, времето бега и со секоја година човекот сè повеќе старее. Незабележливо во неговиот живот дејствува и друг фактор: минатото се наголемува, а остатокот на животот се скратува. Сознанието за овој факт е многу вредно, доколку правилно го искористиме, тоа може да му помогне на човекот да достигне до познание за многу нешта и да постапува со расудување во различните животни искушенија.
Да се потрудиме да го користиме нашето слободно време со расудување, пристапувајќи кон овој проблем духовно, зашто секој од нас на Страшниот Суд ќе биде испитан како го искористил од Бога даденото му време на земен живот. Колку е важно прашањето за користење на времето, можеме да видиме од примерот на светиите. За нив е својствена необична чувствителност по тоа прашање, тие секогаш се труделе да го искористат времето така што ниту една минута да не пропадне бесцелно.
Денес често може да се слушне: „Боже дај ми време за да ги пораснам децата, да ги оженам, да ги средам во животот, да ги завршам сите работи што сум ги започнал или планирал, да направам што повеќе добри дела, да го завршам тој бескраен вртлог од работи…“ А сепак, дали се запрашал некој, колку е тоа оправдано, зашто и илјада години да живее човек, пак не би му стасало време да се справи со сите свои работи. Човекот постојано си задава илјадници задачи, започнува многу активности чијшто крај не се гледа и поради тоа многу често страда од стрес и нема спокој.
Што имаме на ум кога велиме: „спокој“? Вистински спокој човек може да најде само во тој случај ако се погрижи секојдневно да одвојува макар и малку време за молитва. Ако после напорниот ден човекот посвети макар и малку време за општење со својот Творец, со Пресветиот Дух обилно излеван во Православната Црква, тој неизоставно ќе почувствува душевен мир, ќе се почувствува спокоен бидејќи почивката не е само патешествие или можност за телото да одмори неколку часови. Се разбира телесниот одмор е неопходен, но душевното одморање е најважно за човекот, а човекот вистински душевно одмора, само тогаш кога придобива жива врска со Бога. Гледајте како се успокојува човек после присуството на богослужба. На пример нашиот кипарски народ особено сака да ги посетува службите во периодот на Богородичниот пост. Колку се убави тие богослуженија, какви прекрасни тропари се пеат! Сето тоа му помага на човекот кој жеднее за Бога, мисловно да се вознесе кон Него и да се приопшти кон Светиот Дух. Тие тропари се напишани од Светии кои имале личен опит од општењето со Светиот Дух, опит од присуството на Бога во нивните срца и тие со точност го изразиле тој мистичен опит во зборовите на црковните песнопенија и во богослужбените текстови.
Присуствувајќи на богослужбите ние добиваме вистинско чувство на спокој. Јас верувам дека тој душевен мир и успокојување што верниците го добиваат од учеството во црковните богослужби, не може да се стекне ниту во најдобрите хотели на светот. Неретко се случува луѓето да ги напуштаат ваквите и слични места уште поуморни и душевно растроени.
Во наше време можеме да забележиме чудна закономерност – многу луѓе го минуваат времето во центри за релаксација, барови и слични места, но наместо со спокој, смирување, врамнотеженост и радост се враќаат од таму со нервна возбуда. Уште кога ќе се разбудат на утро тие почнуваат со викање и навреди, при што како повод за караниците може да послужи и најбезначајна причина. Во Православната Црква сè е толку спротивно. На Св. Јован Златоуст му припаѓа една исклучителна поука: „Сакаш ли да дознаеш што е Црквата и во што се состои нејзината чудотворност? Тоа е толку едноставно. Влези во храмот и види: Во Црквата волците се претвораат во овци, влегува разбојник, а излегува преподобен, влегува гневлив, а излегува кроток, влегува човек, а излегува ангел!“ И понатаму божествениот Златоуст продолжува: „Но што велам ангел? Влегува човек, а излегува бог по благодат“.
Ете што значи Црквата. Никој не може да негира дека учествувајќи во богослужбите, молебните, слушајќи ги црковните химни човекот открива вистинско успокојување. Од таа причина во Православната Црква постои толкаво изобилство на богослужби.
И така, способноста правилно да го распределуваме своето време е голем дар за човекот од Бога. Ајде да се погрижиме да научиме да го одвојуваме неопходното време на телесна почивка; но наша главна грижа е да се научиме да се молиме посветувајќи ѝ го на молитвата своето слободно време. Во нашето секојдневие ние се соочуваме со многу тешкотии и разочарувања, многу млади луѓе се наоѓаат во безизлезни ситуации, поради што се подложени на стрес, во умот им се раѓаат многу прашања кои им внесуваат немир во душите. Во младоста кога човекот е сè уште многу беспомошен, кон сè останато му се придодава и тој мрак на незнаењето: човек не знае кој е, што прави, каде оди, што всушност сака. Но тој може да се исцели ако започне мудро да го користи своето време, ако се научи да се моли правилно, да стекнува сила од молитвата, помош и просвештение, бидејќи Самиот Господ е Светлина и Божјата Светлина којашто дејствува во човекот постепено ќе го разруши мракот на духовното незнаење.