Покајанието нема крај овде на земјата, затоа што крајот на покајанието би значел дека постанавме во сè слични со Христа. И најмалата разлика помеѓу Христа и нас бара длабоко покајание: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј не. Ова слово го искажува растојанието кое го чувствуваме помеѓу Него, совршеното и вечно Битие, и нас. Ако навистина не сме во сè подобни на Господа, како можеме да бидеме вечно со Него, се запрашува Свети Симеон Нови Богослов. За него, како и за нас, тоа е невозможно. Не ни останува ништо освен трпение.
Луѓето, сами од себе, не можат да разберат дали прават грев или не. Само Господ и Светиот Дух го откриваат тоа. Во рајот, кога Исус Христос зборуваше со Адама, тој одби да се обвини себе си; Ти ми ја даде оваа жена, и таа ми даде да јадам од овој плод. Да се обидеме да не го обвинуваме Бога.
Во малите работи, во едноставните постапки, да се обидеме да го сочуваме следниов внатрешен став: се одрекувам од волјата на паднатата моја плот; сакам во моите вени да тече животот на самиот Бог.
Штом Бог постои, признавам дека сите грешки произлегуваат од мене, а не од Него. Ако задржам еден таков став, Бог ќе ми даде дух на покајание.
Кога го гледаме Христа Каков што Е, почнуваме да се гледаме самите себе си, да се освестуваме колку големи и бедни грешници сме, и да заплачеме за себе си. Љубовта за целиот свет се раѓа по мерата на нашиот плач. Престануваат поделбите. Сите сме едно во Христа.
Само кога ќе нè просветли светлоста Христова, можеме да ги согледаме нашите гревови. Со молитвата срцето почнува полека – полека да ги опфаќа дејствувањата на духовите што го исполнуваат светот. Наместо да напредуваме, ги гледаме со сè поголема јаснотија страстите кои нè обземаат. На парадоксален начин ова чувство на ненапредување е напредок. Макар и сè уште да не сме ја виделе нестворената Светлина Божја, низ неа ги гледаме нашите гревови.
Не можеме да стекнеме чиста молитва, освен само со покајание. Кога се каеме, значи кога се чистиме од секоја гревовна страст, полека – полека стануваме способни да влеземе во Божествената Светлина.
Патот кон познанието на Бога поминува најпрвин низ верата, љубовта и покајанието.
Да ви го даде Бог на сите духот на покајанието. Плачете за вашите согрешенија, плачете за да не се исуши вашето срце.
Најосновна работа е да го имаме секогаш познанието за нашата несовршеност пред Бога. Тогаш влегуваме во постојана напрегнатост помеѓу самоукорувањето и љубовта Христова, помеѓу покајанието и надежта во милоста Божја. Од една страна живееме во страдание, зашто сме толку далеку од Бога кого Го љубиме. Од друга страна ова страдание и оваа љубов дејствуваат како внатрешен огин и силно нè придвижуваат кон Бога. Оваа напрегнатост го најде својот најостар израз во словото Христово кон Старец Силуан: Држи го својот ум во пеколот и не очајувај. Ова слово може да предизвика страв, ужас и паника, но не треба да нè скрши. Претставува основно начело на нашиот, во Христа, живот.
Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 32-35.