Секоја рана може да стане начинот на твоето спасение

Треба по секоја цена да ја држиш раната отворена. Не брзај да ставаш лажни мелеми врз неа. Не ја криј под душевниот праг. Остави празнината да извика во тебе, да копнее да се пополни. Да вели: ,,Не можам да издржам, нешто ми недостасува, нешто ми треба.‘‘ Не плаши се од ова болно чувство. Тоа е толку вистинито, можеби е најавтентичниот дел од твоето суштество. Роден си за целина, не те исполнува делумното, млакото и минималното. Создаден си за бесмртност, смртта не може да те собере. 

Остави тој крик, таа глад и жед да те водат кон вистината. Да копаат во тебе, правејќи си патишта. Секоја рана, секоја болка може да стане начинот на твоето спасение, односно, начин да го видиш животот со поинакви очи. Бидејќи, обично преку раните гледаме на друг начин на светот и животот. Трагедијата дава еден нов почеток. Како вели Христос: ,,Треба да загубиш, за да најдеш.‘‘ Треба да го почувствуваш Моето отсутство, за да Ме побараш. Треба нешто да умре, за да воскресне. 

Токму тој длабок недостаток во душите на секој од нас, таа празнина која бара полнота, ги движи нашите стапки. Притоа, пред да го вкусиме рајот, ја сетивме горчината на адот. Затоа, не брзај да ги извадиш клинците од раната, барем уште малку, сѐ дури не почне да благоуха на воскресение.

Прочитав нешто многу умно и суштествено, имено дека: ,,Животот е многу краток, за да сме нормални, треба да останеме чудаци‘‘. Сигурно некој ќе се праша: ,,па добро, што ни предлагате – да не се менуваме?‘‘ Не, не го предлагам тоа. Но, промената не смее да се претвори во фикс идеја. Мене лично, ми помогнаа шест животни продолженија за да ја тргнам блокадата од моето секојдневие и да живеам колку што можам со поголема радост. Во тој краток живот, нема да успееш да ги решиш сите свои проблеми, и меѓу нас кажано, не е ни задолжително. Можам да сум радосен и без нивното решение. Не се возмутувам повеќе. Она што треба да се реши, ќе се реши, тоа што ќе остане не ни е потребно за нашето патување. И десет животи да живеам, нема да спознаам кој сум. Создадени сме како неспознатлива голема тајна. Се познавам себе си, но никогаш до крај. Нема да се исцелат сите мои рани и болки. Не ни очекувам. Затоа, се учам да живеам со тоа што сум. Работам со тоа што ми е дадено и не барам напразно да променам сѐ, туку само она што може да се смени. Другите работи ги примам и се усогласувам со нив.

Патуваме со воз, две госпоѓи седат на седиштата пред мене. Не се познаваат. И покрај тоа, по неколку минути споделени информации започнува пријатен разговор. Во еден миг, помладата и предлага на другата да прочита едно списание што го држи во рацете. Знаете од оние списанија кои се занимаваат со шоу бизнис. Веднаш добива остар одговор колку одвратни се тие списанија и дека не треба да се занимава со оговарање. 

Помина некаде околу половина час. Младата госпоѓа веќе се насладуваше на тивок убав сон. Постарата фрли поглед за да се увери дека сопатничката навистина заспала. Откако се увери, многу тивко и внимателно го зеде оговарачкото списание од кое пред малку со гнев се одвраќаше и ја прекоруваше сопатничката што го читаше, и започна да го разгледува со особен интерес и љубопитност. 

На крај, колку ни е убаво да се криеме? Да изгледаме нешто поинакви од она кое всушност сме. Колку е тешко да сфатиме дека во нас истовремено суштествуваат и возрасниот и детето, и зрелиот и незрелиот, интелектуалниот и емотивниот, светиот и грешниот. Колку е тешко да ја прифатиме севкупноста на нашето битие, дека колку што сме светлина, толку и мрак носиме. Дека солзите ни содржат вода и сол…