Смирението го ослободи Ровоам од Божјиот гнев кој се задал кон него и кон целиот народ. Кралот Ахав исто Го разгневил Бога со своите беззаконија, само смирението го спасува од гневот Божји. Затоа Бог му зборуваше на Илија Тесвитјанин: Виде ли, се понижи Ахав пред Мене? Затоа што така се понижи пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом (1. Цар. 21,29).
На овој начин, тој што има смирение се ослободува од многу опасности. Ова можеме да го разбереме и од зборовите: „Бог ги понижува гордите и смирението ги спасува оние што се каат “. Оние кои имаат смирение се извишуваат кон Бога како што е напишано: Понизете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне кога ќе дојде времето (1. Пет. 5,6). Смирението е учење од Бога, зашто е кажано: Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените (Изреки 11,2). Смирените се наследници на Царството Небесно, затоа што Бог вели: Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно (Матеј 5,3). На смирените Бог им дава благодат, како што е напишано: Бог им се спротивставува на горделивите, а на смирените им дава благодат (Јаков 4,6).
Смирението во часот на нашата смрт може да ги замени сите наши добродетели и само еден смирен збор може да го спаси човекот! Ова го посочува и еден светец од Добротољубието, велејќи: „ќе ти кажам чуден збор и не се изненадувај. Дури и да не си придобил бестрастие во своите навики што ги поседуваш, сепак, ако во моментот на смртта пребиваш во длабоко смирение, ќе се вознесеш не помалку бестрастен во облаците. Бидејќи, иако си собрал безмилосно богатство од сите добродетели, сепак, најскапоцената капка е смирението и таа е највредната. Тоа е причина не само за помирување со Бога за оној што го поседува, туку и за влез во брачната одаја на Неговото Царство заедно со избраните“.
Ова го потврдува еден преподобен отец од Патерикот, кој вели: „Деца, знајте дека смирението, без никакви подвизи, спасило многумина“. Смирението го оправдало митарот само со неколку зборови (Лука 18,13-14), блудниот син ја облекол својата поранешна облека (Лука 15,22), разбојникот на крстот се населил во Рајот пред сите праведници и светии (Лука 23,42-43).
Смирението секогаш доаѓа по Божјата милост, како што гледаме од божествениот отец Исак Сирин, кој вели: „Како што сенката го следи телото, така и смирението – Божјата милост“. А Свети Јован Лествичник вели: „Многумина добиле спасение на душата, без дар на пророштво, без да вршат знаци и пророштва, без да имаат откровенија и без да гледаат ангели. Но, без смирението никој нема да влезе во небесната одаја“.
Знај, исто така, брате Јоване, дека смирениот, како Божји пријател, Бог не дозволува да биде искушуван премногу. Ова нè учи светиот отец Исак Сирин, кој вели: „Искушенијата од духовната прачка служат за преуспевање и раст на душата, а искушенијата од кои душата на смирениот се испитува и расте добро се: мрзеливост, умствена збунетост, вообразена телесна немоќ, ослабување на надежта, збрканост во мислите, лишување од човечка помош, бедност во телесните потреби итн. Од овие искушенија човек придобива напуштена и беспомошна душа и срце скрушено и многу смирено. И ако некој ги откупи, тогаш тој достигнал до својот посакуван Создател. И се преплетуваат: утеха и безнадежност, светлина и темнина, борба и беспомошност – накратко, тешкотија и радост. И ова е знак на успех кај човекот, но сето тоа – со Божјата помош“.
Избор и превод на текст: Наташа Наумоска