Спомен на сите Светогорски Светии

Атонските отци и во тело ангели,

исповедници и преподобни,

јерарси и маченици,

да ги чествуваме со песни свештени,

подражавајќи им во добродетел.

Цело мноштво светогорско

и монаштво сето, да викнеме едногласно:

слава на Оној што ве овенча,

слава на Оној што ве освети,

слава на Оној што во неволји, вас ни ве даде заштитници.

(Тропар на светите Атонски отци)

Во втората недела по Педесетница, Црквата Христова го слави споменот на сите преподобни и богоносни отци наши, коишто засветлија во Светата Гора Атонска.

Градината на Пресвета Богородица, Светата Гора Атонска, има драгоцена, чудесна и свештена историја. Едно од најскапоцените нешта на Атон е, секако, нејзиното светителско богатство. Атонското светителословие со право ја сочинува основната слава на најголемата похвала на едно надилјадагодишно монаштво.

Светиите на Света Гора се љубвеобилните светогорски отци. Нашата љубов кон нив доаѓа по должност и благодарност за нивните дарови. Тоа е љубов на чедата кон родителите, на учениците кон учителите. Тие ја претвориле дивината на Гората во благост, ненаселеното место го направиле животопогодно, пустината ја преобратиле во цивилизација. Постанале здатели на обители и собрале близу до нив мноштво монаси. Додека живееле биле советници, а по нивното скончание станале застапници за сите нас. Монаси од разни земји се собрале на едно место и се нарекле со едно име. Следбеници на првиот исихаст Петар, кој од Богородица примил радосно ветување за постојаната заштита на Гората. И навистина, Богородица станала единствениот покров, заштитник и лекар, не само на светите, ами и на сите монаси.

Светиите на Света Гора се оддале целосно на Бога. Со многугодишните тешки подвизи се очистиле себеси и станале чисти садови, за да ги примат небесните дарови. Љубовта кон своите браќа ја покажале со тоа што ја напуштале возљубената им исихија и по Божествени знаменија оделе да основаат обители, скитови и келии. Со многу трудови, трошоци и искушенија изградиле населби, за да бидат, според зборовите на Св. Никодим Светогорец, „за секоја добродетел училишта, на Божјите заповеди чувалишта, за трудовите подвижнички мислилници, за ангелското житие работилници, на древните и свети општежитија подражание, на странците прибиралишта, на бедните прибежишта, пристаништа спасителни и неразбранувани“.

Светиите на Света Гора ја покажале Гората и ја направиле чудесна како Синај, како горите палестински, пелусиски, галисиски, латриски, како Олимп Витиниски… Светиите и нивните ученици, во текот на вековите, како преподобни и маченици, исихасти и општежителни, затворници и свештеноапостоли, се покажале светли продолжувачи на вистинското православно монашко предание, коешто го запазиле онака како што тоа се родило во лулките на источното монаштво, со бденија и самопожртвуваност…

 

Заедничкиот празник на светогорските светии и нивната иконографија

Заедничкото празнување на Светиите на Света Гора започнува со составувањето на нивната служба и пофалното слово за нив од Светиот Никодим Агиорит. Богослужбата и пофалното слово биле отпечатени во Ермопол Сириски, во 1847 година. Хронолошки, првата икона на Соборот на сите Светогорски Отци била зографисана во 1796 година и се наоѓа во претставништвото на Манастирот Констамонит во Кареја. Веројатно во 1796 година била напишана и богослужбата , меѓутоа до нејзиното печатење кружела во ракописи, како што било вообичаено. Околу 1800 година била зографисана иконата на Светогорските Светии, којашто се наоѓа во салата за синаксиси на Свештената Општина, додека порано се наоѓала во олтарот на храмот на Протатонот во Кареја.

Свети Никодим во неговото префинето пофално слово за Преподобните, ја кажува и причината што го натерала за овој заеднички спомен на сите Светогорски Отци. Зашто тие заедно се покажаа „заеднички заштитници и добротвори на цела Света Гора“. Тие коишто „станаа за нас посредници за илјадници добра“ достојно е да ги прославуваме заедно. Последованието за Преподобните е напишано со сета благодат и љубов на Божествениот Никодим. Големата му почит кон чествуваните отци го прави чудесен и вдахновен поет. Ова последование се пее соборно, со особено торжество и свештенолепие, во Втората недела од Педесетница, после Неделата на Сите Светии, во сите светогорски обители и скитови. Но чествувањето на Светогорските Отци, макар што се сосредоточува во местото каде што живееле, не задоцни да заземе и пошироки размери. Така, богослужбата на светите Светогорци се пее и на оние места од каде што потекувале или каде што се чуваат нивните свети мошти…

И нашата Свештена Бигорска Обител, чиешто општежитие е обновено со благослов на Пречистата Владичица наша Богородица, преку нејзината светоименита Градина, со особена љубов и торжество, со бдение, молитва и благодарност го чествува споменот на сите преподобни и богоносни отци наши, коишто засветлија во Светата Гора Атонска.

Нивните свети молитви да бидат со нас!

Сите светогорски учители, монаси, отшелници и јерарси, подвижници, отци преподобни, исповедници свети, денес, хору монашки, да ги воспееме.

(Величание)