Светата Литургија – IV дел

 

Како дарови принесуваме леб и вино. Лебот укрепува и му дава живот на човекот, а виното му дава издржливост и здравје. Следствено, кога
Му принесуваме леб и вино на Христос, Му го даваме тоа што нѐ храни, што ни дава живот . Таинствено, символично Му го принесуваме на Христа својот живот, своето здравје, своето веселие; се принесуваме самите себеси; ги принесуваме своите тешкотии, своите болки, своите страдања, своите деца; Му принесуваме сѐ што е наше и целиот свет.

Приносот се извршува за време на читањето на молитвата на принесувањето. Именката „принос“ (грч. ἀναφορά) произлегува од сложениот глагол ἀνα+φέρω што значи „носам нагоре“. Со други зборови, во тој страшен миг Христос во Својот наднебесен жртвеник ги прима нашите дарови, нашиот живот што Му го принесуваме, нѐ прима нас.

Следствено, кога одиме на света Литургија, одиме да Го примиме Христа. Но, претходно треба да сме подготвени да Му дадеме што и да посака, да се дадеме самите себе. Ако задржиме нешто за себеси, не можеме да се соединиме со Христа. Во тој час пред нас се јавува закланиот Христос. И ние, исто така, треба да се чувствуваме како заклани за Него и да бидеме подготвени, ако затреба, навистина да бидеме заклани.

И така, Христос непрестајно се јавува пред нас и ние пееме „Алилуја“. Што означува „Алилуја“? Алилуја е поздрав што се упатува при брак со Христос. За бракот имаме посебни желби и поздрави. „Да живеете среќно илјада години“, им посакуваш на младоженците. Алилуја е свадбена песна, поздрав при брак со Христос, кога Христос стапува во брак со невестата – душата.

Затоа, светата Литургија со своето богојавление, со Христовото присуство, е склучување на мистичен брак со Господа. Бракот се нарекува и радост. Во Литургијата како Христос да ни кажува: „Влези во радоста на својот Господар“ , во бракот на твојот Христос. А, ако не сакаш? Ако не сакаш, каде ќе отидеш да се скриеш? Каде и да отидеш – во морските длабочини или во небесните висини, Он е таму . Некаде ќе те настигне. Зошто подобро не се предадеш сам? Ќе видиш колку голема ќе биде твојата радост! Ако одбиеш, тоа за тебе ќе биде самоубиство.

Откако ќе ги причести луѓето, свештеникот го издигнува св. Путир и возгласува: „Постојано, сега и секогаш и во веки веков. Амин“. Нѐ потсетува за Христовото Вознесение. Тоа е моментот во којшто Христос ни ветува дека засекогаш ќе биде со нас . Откако сме Го примиле Светиот Дух, сме ги виделе тајните на Царството, можеме да си заминеме со духовни очи, полни со убавините што сме ги виделе.

Следствено, возљубени, нашата Литургија е едно обручение со Христа, еден брак. Он нѐ одведува во Своето Царство. После ќе излеземе повторно, ќе си одиме по куќите заедно со нашите страсти, со нашите гревови, со нашата окајаност. Не е важно. Повторно ќе отидеме на Литургија, повторно ќе Го грабнеме Христа, Он повторно ќе нѐ обожи. И така, со непрестајна борба, во непрестајно патување – свештеникот напред, а ние после него, ќе стигнеме до небесното Царство. Одиме ли на Литургијата со таков копнеж? Значи сме си го осигурале Царството небесно.

Видовме како се отвораат небесата за време на Литургијата. Ги видовме благата на небесното Царство. Го зедовме нашиот „залог“, Светиот Дух . Научивме дека Оној Когошто ние, грешните души, Го бараме, можеме да Го земеме во своите раце во црквата. Да доаѓаме секојпат за да Го примаме така Христос и таинствено и невидливо да Го сместуваме во себеси. И заминувајќи си со души што празнуваат, да кажеме: „Да Му ги повериме своите души и да Му го предадеме својот живот“. Да Му ги повериме своите души на Христа, Когошто Го видовме и да Му го посветиме својот живот „и да го разгориме во своите срца огнот на Неговата љубов“ , огнот што изгорува во нас сѐ што е гнило, што нѐ очистува и нѐ подготвува за вечниот живот.

*27Лк. 23, 42.
*28Никола Кавасила 3, 1; 4, 1, с. 48, 50.
*29Мт. 25, 23.
*30Пс. 138, 7-10; 3та стихира на „Господи воззвахъ“, сабота вечер, гл. 6.
*31 Мт. 28, 20; Лк. 24, 50-51.
*32 Сп. 2 Кор. 1, 22.
*33 Никола Кавасила, 1, 12, с. 42.