Светиите се наши (прв дел)

Секој ден во црквата ги бараме застапништвата на светиите.

Тие застапништва се целосна сила, целосен свет што излегува од светиите и од несоздадените енергии Божји. Но светиите не се само застапници. Со тоа што Го гледаат Христа и ја познаваат Неговата животна сила и со тоа што примаат Божествено просветление во Светиот Дух, кое ќе се исполни целосно во оној ден, кога и ние ќе бидеме заедно со нив, Христос станува веќе нивен имот и тие нè просветлуваат и нас. Го просветлуваат нашиот ум, ни откриваат тајни. Кога имам нешто и ми го побараш, ќе ти го дадам. Ако имам две облеки, Бог ме обврзува да ти ја дадам едната. Но, ако имам само една, те сожалувам, ќе ти ја дадам и неа и ќе побарам друга од игуменот. Светителот, кој има толку богатство од Божјото просветление, зарем нема да ни го даде и нам? Може ли да нè одбие?

Божественото просветление е најдлабокото и најважното што можеме да го побараме од светиите. Без разлика што и да ни недостасува, може да се надомести или можеме да живееме без него. Но без просветление, односно без знаење, не можеме да живееме. Знаењето за Бога ги одржува нашите клетки и го соединува нашиот дух, нè претставува пред Бога, нè спасува и нè воведува во Небесното Царство. Знаењето или незнаењето за Бога, било мало или големо, нè прави живи или мртви. Поради овие причини светителот не може да издржи, a да не ја изрази својата љубов со тоа што нè збогатува со Божествено просветление, со тоа што нè просветлува во секоја наша работа.

Уште повеќе, светиите не прават ништо далеку од нас, не одат зад нас за да Го молат Бога, туку се молат заедно со нас. Бидејќи тие се луѓе, кога јас клекнувам на молитва, оној кој секој ден е со Бога, клекнува заедно со мене, со-клекнува, соработува, сочувствува и се сорадува со моето застанување пред Бога. Не чудете се на ова. Страдална е борбата на светителот, но тоа е една борба, едно учество во нашиот живот. Кога Духот повикува: „Авва, Отче“, и воздивнува заедно со нас; кога Отецот и создаденото воздивнува заедно со нас, зар светителот нема да се бори заедно со нас, штом веќе сме го довеле и сме го поставиле во својата ќелија? И оваа дејност е толку лесна! Правите малку напор и ги обврзувате сите светии да клекнат заедно со вас.

Ама, ќе ми речете, зар светителот сострадува со нас? Зошто? Затоа што ние сè уште сме луѓе, ја носиме оваа телесна обвитка, го имаме дебелоглавието на нашиот ум и на нашето срце и не сме стабилни во нашиот пат. Сега можеби плачам, а подоцна се смеам. Сега барам нешто од Бога, а потоа се прашувам зошто тоа го барам. Или сега барам нешто, а потоа го заборавам. Сега ветувам нешто, а потоа го правам спротивното. Сега се заколнувам на Бога дека ќе се покајам, а потоа паѓам во истиот грев по свое мислење и волја. Го немам видено Бога со своите телесни очи како што сакам, Бог не ми се открива како што јас би сакал или замислувал, и Му ги изразувам своите бесполезности, своите детски игри, си играм со Него и Го губам од рацете.

Светителот, од една страна, ја има пред себе сигурноста на Бога, љубовта на Бога, целата Божествена промисла, и може да ја земе и да ни ја даде, а од друга страна, нè има нас, незналците и тврдоглави луѓе, и не знае што да прави со нас. Не е сигурен дали по половина час ќе останеме верни на ветувањето што сега му го даваме, дали утре повторно ќе го повикаме за да клекне заедно со нас. Имаме своја волја и утре можеби ќе го измамиме, и тогаш ќе биде принуден да се покаже празен пред Бога.

Еден старец ја молел Пресвета Богородица за своите послушници и еден ден во сон Го видел Христос како ѝ вели: „Оди, мајко моја, и не ме изневерувај повеќе; гледаш дека тие се непокајани“. Колку пати и светиите добиваат ист одговор, кога ги бараме и потоа ги напуштаме!

Светиите дејствуваат самите, се застапуваат за нас и нè просветлуваат, се молат заедно со нас и копнеат, сочувствуваат и учествуваат во нашата борба. И сето тоа го прават самостојно. Ние го повикуваме светителот, му бараме тоа што сакаме, понекогаш со голема колебливост, и светителот го презема нашиот недостаток за да го надомести. Се обидува и нас да нè оживее и Бога да Го трогне. Како што земате сметководител и тој ви ја извршува работата совршено, а вие не знаете што направил; како што му се доверувате на лекарот и тој ви ги отвора внатрешностите, но вие не чувствувате болка ниту разбирате нешто, така точно го повикувате светителот и тој прави сè сам. Ние немаме што да правиме; во продолжение одиме да спиеме, а светителот продолжува да ја врши својата работа. Зарем продолжува? Секако дека продолжува. Ѓаволите продолжуваат да нè искушуваат, па зарем светителот ќе ја прекине својата работа?

Светиите дури и ги „прекршуваат“ длабоките тајни на Бога и Неговото мислење. Колку пати Светото Писмо Го претставува Бога како да се кае! Секако, Бог никогаш не се кае, но ова покажува колку ги слуша Своите светии. Бог им се открива јасно на светиите, и тие ни Го откриваат и нам. Тие ни ги пренесуваат скриените и тајни знаења, според божествената промисла и предзнаење. Светиите се наши.

Кога толку едноставно ги повикуваме светиите, преку нивната икона, преку нивните мошти или со нашиот ум, светиите стануваат наши живи сопатници. И бидејќи светителот е неразделен од Бога, знам дека заедно со него е и Бог. Дури и ако јас сум во грев, во смрдеа, и Бог не може да дејствува во мене, дури и ако не Го чувствувам, знам и верувам дека заедно со светителот е и Бог.

Исто така, знам дека светителот е за мене едно веселие. Колку пати сме разговарале, за да се ослободиме од тежината на осаменоста! Колку пати кажуваме бесмислици, затоа што сме тажни и сакаме да ни исчезне тешкотијата, искушението, тагата, или сакаме да ги урнеме ѕидовите што нè разделуваат од другите! Колку пати имаме некаков комплекс во себе поради нашиот грев, нашата хендикепираност, нашата инфериорност, и не знаеме што да правиме! Тогаш излегуваме надвор за да дишеме воздух или одиме во ќелијата на нашиот брат за да му кажеме нешто. За оваа ситуација, Отците велат: Ако дојде твојот брат и ти каже дека е тажен, фрли ја веднаш својата бројаница, за да не ја види и да сфати дека се молиш, и веднаш кажи му: „Брате мој, што ти е?“ Зарем светиите нема да се однесуваат поинаку? Кога така се однесуваме ние, кои сме во опасност да бидеме повлечени од братот во грев, зар нема да се однесува така светителот кој не е подложен на такво завлекување и може да ги распушти нашите облаци, така што ќе стане за нас вистинско веселие?

„Веселие ги придружува праведните“, вели Светото Писмо. Веселието станува постојан дел, неразделно соединет со праведниот. Кога Светото Писмо го кажува ова за живите праведници, кои утре можат да паднат, колку повеќе важи за светиите, кои веќе не паѓаат? Кај нив веселието пребива многу повеќе. Светителот доаѓа со своето веселие, со својата насмевка, со своите карактеристики, со своите искуства, со својот живот; тој е истиот, го има истиот разум, живее како кога бил долу на земјата. Следствено, многу лесно можам да го добијам веселието, кое ми е толку неопходно за да се молам удобно.

Но светителот не е само наш сопатник, наше веселие, туку и „нашата свеченост меѓу првородените“, нашето учество во хорот на сите светии. За да ја почувствуваме оваа реалност, ајде да се потсетиме на видението на пророкот Даниил во врска со триумфот на Христос, на Црквата и на светиите. Пророкот ги претставува разните народи како ѕверови, кои се победени од Синот Божји и паѓаат, а Синот Човечки доаѓа на облаци и Старецот на деновите седи на Својот престол за да го суди светот, народите, кралевите, душите на луѓето. Сè се уништожува, ништо не останува, ништо не може да Му се спротивстави на Синот Човечки. На Него Старецот на деновите му го дава владеењето, честа и царството. Тоа значи дека Отецот ги пренесува Своите права на Синот, Му предава сè во рацете Негови, додека не биде сè наново воспоставено и Синот одново да Му го предаде на Отца.

(Продолжува…)