Православната Црква се здоби со двајца нови Светии

Бог Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, Кој со неискажлива и непоимлива добрина, милосрдие и промисла, создал и устројува сѐ, ѝ дал радост и сила на Црквата Своја која Единородниот Син Божји, Господ наш Исус Христос со Својата Чесна Крв ја спечали, та таа радост и сила да останат непобедливи и незасенети во веки веков. Најубавите гроздови на лозницата Божја – Црквата, низ која изобилно тече сокот на вечниот живот, телото и крвта на Христа Воскреснатиот, се Светиите, вистинските пријатели Божји. Длабоко напоени од радоста и силата на Црквата, таа работилница на светоста, Светиите ја победуваат смртта и влегуваат во вечната радост и слава на Царството Небесно, каде што првоначалствува Победителот над смртта, Единствениот Свет, Единствениот Господ Исус Христос, во слава на Бога Отца, амин!
Вчера на 16 ноември 2023 лето Господово се удостоивме да ја имаме радоста од канонизацијата на уште двајца новојавени светии, кои Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија на Константинопол ги впиша во Диптихот на Светиите. Имено, станува збор за блажениот отец Гервасиј (Параскевопулос) од Патра, познат како „светецот на затворите“ (†1964) и светиот Старец Атанасиј (Хамакиотис) од Кифисја, впишан како „Свети Атанасиј Нови“ (†1967)

Кратко житие на Св. Гервасиј

Блажениот отец Архимандрит Гервасиј се родил во 1878 во селото Граница, денешна Нимфасија, општина Гортинија, на Пелопонез, Р. Грција, од родители Харалампиј и Василики Параскевопулос и го добил името Георгиј. Неговите родители биле земјоделци и сточари. На тригодишна возраст се упокојува негова мајка, па татко му се преженува. Немајќи доволна грижа од маќеата, го презема неговата тетка, а потоа неговата баба, којашто го пораснала. Поради немање средства за школување, на 12 години го прекинува своето школување и започнува да работи. Уште од дете бил разгорен за монашки живот. Во 1891 година заминува во манастирот на Успение Богородично Керница, соседен на нивното село, па потоа во други манастири, за накрај да остане повторно во манастир на Успението, но во Патра, кој бил геракомија.
Бил под духовно водство и поткрепа на Митрополитот Јеротеј Митропулос, а по неговото упокоение во 1903 го зел митрополитот на Арта, Генадиј, кој го замонашил со име Гервасиј и го ракоположил во чин јероѓакон. Потоа се враќа во својот манастир. Во 1905 се запишува во Црковната Школа Ризарио, со која тогаш управувал Св. Нектариј Егински.

„Во неговата личност гледам утрешен водач на нашата Црква. Вистински пастир на Христоименитата полнота. Господ со него!“ – зборови на Св. Нектариј за Св. Гервасиј.

Во 1909 се запишува на Теолошкиот факултет во Атина, завршува докторат. Во меѓувреме, во 1910, станува јеромонах во манастирот геракомија во Патра, но останал во Атина поради студиите и служел во манастирот Хрисоспилиотиса. По завршувањето се враќа во Патра каде што станува Архимандрит и протосингел. По 25 години се враќа во Атина и две години служи како Велик Протосингел на Архиепископот (1939-1941). Развива големо црковно пастирско дело. По две години сеоддајна служба се враќа во Патра и започнува со своето дело во градот. Наречен е „Светилникот на Патра“. Се упокојува на 30 јуни 1964 година, на 87 годишна возраст. По изминати 50 години, на 29 јуни 2014, беа откопани и извадени неговите свети мошти.

Им помагал многу на бедните и на осамените. На Литургиите кои ги служел многу често, храмот бил полн. Имал особен дар, харизма, а тоа било контактите со младите, грижата и љубовта за децата, но и кон секого што имал потреба. Во 1923 отворил катихетски центар, меѓу првите во Грција каде што беседел за Евангелието Христово и за верата православна. Основал градинка, училиште, кампови по веронаука. Напишал неколку книги: „Благочестиви студии”(Ευσεβείς Μελέται), „Современи проблеми“(Επίκαιρα προβλήματα), „Толкувачки надзор над Божествената Литургија“(Ερμηνευτική επιστασία επί της θείας Λειτουργία), како и бројни теолошки статии во весници.

Кратко житие на Св. Атанасиј Нови

Се родил во селото Турлада, Ахаја – Пелопонез, Р. Грција во 1891 од сиромашни и благочестиви родители Василиј и Константина Хамакиотис, кои го крстиле Георгиј. Се одликувал со страв Божји и едноставност. Постојано се молел и ја сакал свештеничката служба. На 15-годишна возраст заминал во Лаврата во Ахаја, кај неговиот чичко Харитон, кој бил монах. По 7 години, вклучувајќи го и школувањето во свештеничката школа во Арта, се замонашил и го добил името Атанасиј. Во 1921 добива свештенички чин, по што се покажал како светилник за манастирот со добродетелите и словото цели 10 години служејќи со бројните Божји дарови што ги поседувал. Но поради здравствени причини морал да замине во Атина. Таму добил храм и парохија во која богослужел, исповедал, бил вистински пастир и татко на својата паства. Во 1963 воскреснува еден стар манастир на Пресвета Богородица Фанеромени кај Родополи, Атика, во когошто живеат монахињи. Таму се истакнал со милосрдие и со непрекинато богослужение. Заспал во Господа на 17 август 1967. Од неговото тело излегува благоухание, исцеленија и утехи.

По нивните свети молитви, Христе Боже, помилуј нѐ и спаси нѐ.