Светлината влегува низ пукнатините на нашата душа

( Писмо до човек кој страда од душевна болест)

Ми пишуваш дека од мал си имал стравови, паника и подоцна како средовечен човек веќе имаш депресија. Во исто време велиш дека копнееш за духовен живот. Дека сакаш да личиш на подвижници и на луѓе кои вложувале големи напори и воделе сурови борби со своето јас, за да Го сретнат Бога. Но додека го посакуваш тоа, истовремено не можеш да го постигнеш и тоа те разочарува, зголемувајќи ја твојата тага, вина и фикс-идеи. Сакаш од мене одговор. Она што смирено можам да ти го кажам, не како мудрец, ами како страдалец, не преку мојата добродетел, ами преку моите постојани падови, е следново:

  1. Бог е Личност и создава единствени и неповторливи односи со секој човек. Кога ги читаме житијата на Светиите, се восхитуваме на Божјата милост. Гледаме дека врската со Бога е вистинска и остварлива. Се вдахновуваме од љубовта и копнежот на Светците да најдат начини преку кои ќе го вкусат Божјото присуство во својот живот. Но тоа е едно, а друго е да сакаме да го подражаваме нивниот начин на живот. Тоа не е возможно. Зашто нивниот начин бил личен.
  2. Бог сака од тебе нешто посебно. Патот што ти го открива за да се сретнете и средбите кои ти ги создава, се единствени. Соодветни се на тебе, на твојата историја, искуство и опит. Бог никогаш не посакал нешто што го немаш или за кое знае подобро од тебе дека не можеш да го издржиш. Затоа не угнетувај се себично. Прифати го тоа што си, она што можеш да го издржиш и тоа дај Му Го на Бога.
  3. На крај, да се вратиме кон прашањето со твоето искуство. Луѓето кои имаат некакви душевни искушенија, не можат и во никаков случај не треба да го напрегаат нивниот нервен систем. Затоа што веќе е изморен и е ранет уште од детството. Треба да прават малку, едноставни и радосни работи.

Духовниот живот не е притисок, стрес, опсесија, угнетување и тага. Старец Емилијан Симонопетриски зборуваше за „радосна аскеза“. Како и Св. Порфириј, за еден духовен живот, чијашто карактерна особина не е насилието, туку љубовта и радоста.

Затоа не исцрпувај се себеси во работи кои те надминуваат. Коишто не се за тебе, не ти „одговараат“. Она што треба да го правиш е да го носиш крстот на болеста. Да кажеш: „Нека биде благословено името Господово“, и тогаш ќе видиш дека Бог ќе те исполни со благодат.

Фактот што од мало дете си распнат не Го остава рамнодушен Бога. Прифаќајќи ја раната, на еден парадоксален начин ти ја исцелуваш. Ја правиш да омекне.

Правилото на твојата молитва е трпението и прифаќањето на ранливоста и кревкоста на твојата душевност. Тоа те води до смирение, до љубовта и оттаму до славословие и длабока молитва. Затоа што едно „Слава Тебе, Боже“, што ќе го каже еден болен човек ги надминува по број стотиците бројаници и метании на еден монах, којшто ја има слободата да е здрав.

Ако лекарот одлучи, земи ги со смирение и славословие кон Бога твоите лекарства. Ако треба да поработиш како психотерапија со твоите мисли и емоции, направи го тоа.

Медицинската и психолошката помош не го заменуваат духовниот живот во Христос.

Психијатријата зборува за „душата“ како невробиолошка структура, а Црквата како Божји образ и егзистенцијален центар на човечкото битие, но тоа се различни работи и не се збунувај.

Исто така, не се збунувај кога ги читаш отците на Црквата кои зборуваат за тагата. Едно нешто е дистимијата (форма на хронична депресија), очајот, периодичната и преодна фаза на тагата, низ коишто минуваме сите луѓе, а друго нешто е клиничката депресија. Отците зборуваат за тагата и дистимијата, не за депресијата, и дури кога го спомнуваат терминот, не го користат како што тоа го прави науката. Потребна е расудливост и да внимаваш што слушаш и читаш на таа тема.

Пробувај едноставно, мирно и нежно да ја исполнуваш Божјата волја, која е љубов, сочувство, простување и понизност кон сите. Кажувај ја Исусовата молитва, безмолвие без специјална програма, едноставно за да се научи твојот ум сам да брза кон Христа. Но, не со притисок или опседнатост. Веднаш штом почувствуваш задушување, прекини ја.

Да живееш со радост секојдневно, со пријатни работи, со пријатели, сам, како што се чувствуваш подобро. Изрази се, твори, движи се, љуби и дозволи да те љубат. Без вини, тие се од нашето патолошко јас, фрли се во морето на Божјата љубов и тогаш ќе видиш, дека твоите гревови се капка во океанот. Не копај во вчера, живеј денес и замисли го утрешниот ден.

Трпението и прифаќањето што ќе ги покажеш кон твојата состојба, на крајот ќе се покажат како прехранбен производ за култивирање на твоето битие, за да се јави Христос, исполнувајќи го со светлина и радост твојот живот. Не мора да исчезнат нашите проблеми, но кога ќе дојде благодатта, сè се облекува во радоста на Духот. Тој живее во тебе и Тој прави сè.


Извор: otecharalampos.wordpress.com
Превод: Наташа Наумоска