Прифаќање на волјата Божја

Не плашете се од доцнењето на чудото за нас. Може да е подобро така. Сигурно Бог ја знае нашата состојба многу подобро од нас. И Бог е за нас и чудата се за нас, но Неговото присуство и Неговата интервенција не се испланирани од нас. Божјото присуство во нашиот живот се случува многу пати на многу и различни начини, а не со заглушувачко и спектакуларно откривање. Еден неискажлив внатрешен мир, едно вонредно и трогателно умиление, едно длабоко чувство на грешност и прошка, што друго би било освен знак на мирното присуство Божјо во нашиот живот?

Το κακό (Μοναχός Μωυσής Αγιορείτης)
Старец Мојсеј Светогорец († 2014)

Бог не е само дарител на здравје, долгоденствие и добар живот, дури и земна бесмртност, но и дарител на небесни дарови и благодети и спасение на нашата бесмртна душа. Тоа е една голема тајна, што се крие во длабочините на православниот духовен живот, верниот да ја живее сладоста, убавината и мирот на вечниот живот во длабочините на неговата душа и покрај многуте надворешни неволји.

Многу потребно е да се разбудиме веднаш сите и да ставиме други приоритети во нашиот живот. Да го бараме, според словото на Господа, Царството Небесно и потоа ќе ни се додаде и останатото. Ние кои немаме сериозни телесни пореметувања (болести), може да имаме посериозни духовни: духовен инвалидитет, душевно слепило, срцева нечувствителност и друго.

Сакаме да имаме некаков Бог лесен, послушен, расположен за дарови, што ќе го имаме в рака, за да си поминуваме убаво, среќно и само тогаш ќе му благодариме и ќе го славиме. Не Му дозволуваме да нè испитува педагошки, да нè поучува строго, да нè спречува во грешките. Го сакаме нашиот живот во наши раце, да правиме со него она што сакаме. Кога работите ни доаѓаат како што сакаме, тогаш велиме колку е добар Бог, но кога некогаш се изместуваат, не само што Му одвраќаме, туку не ни сакаме никаков однос со Него. Го сметаме за груб, страшен, строг и неумолив.

Нашиот Бог на ниту една византиска икона не е насмевнат, те гледа во очи, целосна искреност, целосно сострадание. Без траги на жалење, одмазда, закана, страв, трепет и угнетување. Имаме еден воодушевувачки, единствен, прекрасен Бог, Кој нè изненадува, нè воодушевува, нè трогнува, Кој нè затресува и расклатува преобразително. Да Го оставиме да ни проговори и да ни каже тоа што сака Тој, а не тоа што сакаме да чуеме ние.

Само доколку успее човек да ја прифати волјата Божја во себе, само тогаш ќе се ослободи од илјадниците помисли, кои го измачуваат и го разоруваат. Не е лесно, би рекле, прифаќањето на волјата Божја, понекогаш изгледа неразбирлива, главно за несмирените луѓе.

Доколку со Божја помош верникот не си дозволи да потклекне, да се разочара, да се осами и да падне во меланхолија, тогаш може да живее една харизматична состојба на богата светодуховна благодат. Смирен од болката, да ја почувствува големата радост од присуството Божјо во својот живот и тоа дека единствената цел во животот не е добриот помин, здравјето и долгоденствението, туку суштинската конекција со Него, животот во Христа.


Извадок од книгата: Μοναχού Μωυσέως Αγιορείτου, Η παρουσία του Θεού στη ζωή μας, Ιερά Μονή Εισοδίων τής Θεοτόκου Μυρτιάς Θέρμου, Αγρίνιο 2011, σελ. 24.
Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител