Светоста не е состојба за малкумина, зашто Христос е за сите

Кога луѓето влегуваат во Црквата и започнуваат да живеат „подуховно“, тие започнуваат да ја култивираат и молитвата на некаков свој начин. Почнуваат да кажуваат дека живеат „поспокојно“, сметајќи го спокојството што го чувствуваат како доказ за нивниот духовен напредок.

Меѓутоа, многупати ова спокојство што го чувствуваат е само површно (и затоа е опасно). Затоа, многупати ги гледаме овие луѓе со гнев се спротивставуваат кога некоја личност или некој настан ги вади од нивното лажно смирение. Кога ќе помислат дека другите луѓе се одговорни за нивните проблеми, тогаш тие се оддалечуваат од нив, покажувајќи така погрешен начин на размислување. Тие го ставаат своето „спокојство“ над другите, ја ставаат својата „невознемиреност“ над комуникацијата со другите.

Некој може да рече дека монасите го прават истото, особено пустиножителите кои се дистанцираат од луѓето за да можат да се посветат, преку безмолвието – на „полесно“ заедништво со Бога. Но, мора да забележиме дека оваа тишина кон која се стремат пустиниците не ја поставуваат над љубовта кон другите, а ако тоа се случува, тоа не е правилно.

(Фото: Томе Љушев – Шпанец)

Го гледаме преподобниот Старец Паисиј како ја напушта молитвата, тишината на својата ќелија и како лесно се одѕвива со подготвеност на повикот на луѓето за да ги сослуша; да ја слушне нивната болка, нивните поплаки, нивниот грев.

Сигурно, слушајќи го сето ова, пречесниот Старец би се „вознемирил“, луѓето ќе му ја предаделе својата вознемиреност, придружена со болка, една вознемиреност, којашто, сепак, на крајот не влијаела на мирот и тишината на неговото срце.

Тоа била една мирна вознемиреност, спокојно неспокојство, бидејќи неговиот мир бил длабок и непоколеблив од надворешни фактори, имал длабоки корени.

Ако ние, во потрага по тишина, се молиме и се чувствуваме спокојни од една страна, а од друга страна за најмалото нешто се гневиме и се вознемируваме, мора да разбереме дека нашиот мир е лажен и површен, дека, накрај, тишината кон која се стремиме и мирот што го постигнуваме не се ништо повеќе од една емотивна „дрога“ на нашиот автономен подвиг.

Не треба да очекуваме дека за еден миг ќе го достигнеме безмолвието на срцето, но не треба да го сметаме ова за недостижно; треба многу работа, многу смирение, зашто без смирение секогаш ќе паѓаме во стапицата дека сме постигнале нешто, дека сме значајни меѓу незначајните. Едно е да се стремиме по тишината на мислите со смирен дух и послушание – со смиреност на молитвата, негувајќи едноставност и љубов во своето срце, а друго – да ги измачуваш другите и сам да се измачуваш од привременото „замолчување“ на големата идеја за себеси, која при првата можност создава нови идоли на себезадоволувањето.

Кога ќе престанеме да се заштитуваме, да се натпреваруваме, да се оправдуваме, тогаш ќе станеме слободни. Тешко е, многу е тешко да престанеш да имаш претензии, тешко е да ги разбиеш мислите за сопственото достоинство. Меѓутоа, тоа е неопходно. Затоа што без него ние секогаш ќе бидеме робови на нашето его и никогаш нема да Го најдеме Бога.

Пред нас секогаш ќе бидат нашите достигнувања, православието, постот, бдението, добрината, црквувањето, незлобливоста, тишината, доблеста.

Ќе се обожуваме себеси. Ние постојано ќе создаваме надворешно, но самите во нас ќе смрдиме. Ќе продолжиме со нашите духовни подвизи пред луѓето, но внатрешно ќе бидеме празни. Ќе се трудиме надворешно за да докажеме дека сме духовни, дека сме излекувани, но внатрешно ќе останеме слепи, парализирани, болни, лепрозни, мртви. Ќе чувствуваме лажен мир во нашата духовна автономија, којашто предизвикува вознемиреност и раздори. Бог секогаш ќе биде нарушител на нашите права, на нашето мислење. Ќе бараме оправдување со спротивставувањето на другите. Ќе се обидеме да се чувствуваме важни преку соочувањето со другите.

Не можеме да размислиме што значи „живот во Христа“, „благодат“, „љубов“, „мир“, „радост“ кога херметички ги затвораме очите пред смртта, кога единственото нешто за што се грижиме е ,,нашето добро име“, кога нашата добродетел се претворила во самоцел, кога опсесијата на нашиот живот ни е покровителството на сопственото јас.

Ние пресметуваме сè врз основа на нашиот земен живот. Но, неизбежно доаѓа раздорот, доаѓа поделбата. Затоа што повеќе сакаме „во право да сме“ сега, отколку засекогаш да бидеме заедно. Претпочитаме предност пред служењето. Претпочитаме монолог пред дијалогот. Претпочитаме осаменост пред животот во заедница. Повеќе сакаме да се дружиме отколку да сакаме. Претпочитаме затвор пред слободата. Ние ја претпочитаме земјата пред духот. Ја претпочитаме религијата повеќе отколку Црквата. Претпочитаме, додека не би требало да претпочитаме, а само да копнееме… Бестрасно.

Без оглед на тоа колку сте световно вооружени, секогаш ќе се плашите од каква било закана. Најголемата е да бидеш заборавен, никој да не те памети. Да не успееш. Меѓутоа, полн со мир е човекот што ја живее љубовта кон Оној Кој ги сака сите и сè засекогаш, дури и да е лишен од признание, афирмација, пофалба, сила, публицитет, слава.

Ова е сумирано во поздравот на свети Серафим Саровски: „Радост моја, Христос воскресна!“ Бидејќи единствената радост може да ја почувствува оној, во чие срце постои Радоста на светот, Мирот, Љубовта. Радоста може да ја чувствува оној, кој, иако не успева во светот, живее во сигурноста на Неговото присуство. Скоро сите светци безуспешно го напуштиле овој свет. Сиромашни, парталави, изолирани, безначајни, јуродиви, заклани. Живеејќи со единствената нивна грижа – врската со Христос. Нивните проблеми биле многу. Но, тие не се грижеле дали ќе ги заборават. Ги надминале. Не затоа што се правеле дека не ги гледаат, туку затоа што погледот не им останал во сега и утре. Го гледале невечерниот ден.

Вистина е дека светоста ни изгледа како нешто далечно, нешто непознато. И навистина, тоа е оправдано, затоа што Христос е големиот Непознат во нашиот живот. Светоста не е услов за малкумина, за неколкумина избрани, за некои митски херои кои живеат во пустини и пештери. Зошто? Затоа што Христос е за секого.

Многу правилно вели еден старец: „Во православната традиција не постојат поделби и поделби на материјалното и духовното, на дејството и теоријата, на луѓето во светот и монасите. Или ја имаш Божјата благодат и имаш сè на еден начин, или ја немаш, и се наоѓаш целосно во темнина“.

Не се само монасите или свештениците кои имаат „одговорност“ да добиваат благодат. Ова е „право“ на секој што сака да ја доживее Вистината. За жал, нè научија дека Црквата е тесен простор. Но, не се во право. Во Црквата има неверојатен простор за сите што сакаат да влезат и да станат нови. Има место за сите што сакаат да го повратат отровот од егото и да станат собраќа на сите.

И така, како голема задружна компанија, одиме напред. Одиме од страста кон доблеста. Но, не треба да останеме таму. Не сакаме смртта да нè најде „доблесни“. Ние сакаме нешто друго. Подлабоко. Поголемо. И најголемото е најмалку. Најголемата работа е да се постигне смирението. До таа мајка на благодатта, која го тера човекот да ја надвие смртта, додека сè уште се движи во тело и во коски. И тогаш сфаќа дека сè е безначајно. Без мирис, без боја и вкус пред Божествената уметност што ја созреал.

Црквата не е она што веројатно мислиме. Бидејќи некои се обидуваат да нè ослободат од болести што не сме ги доживеале и да нè разболат со своите третмани. Тие нè збунуваат со нивните решенија. Да се влезе во Црквата не значи да се затвориш некаде, туку да се искачиш. Каде? На висината на крстот на љубовта.

Ова е Црквата: братство на сите. Една реалност којашто завршила и започнува, која постои вечно, која простува – се вклопува без разлика и мудро го повикува „секој кој сака…“ Црквата не е насилие, таа е тишина во вековите, тивка револуција што се жртвува. До безславие, до крајно смирение.

Црквата е Христос.


Извор: pavelpapadopulos.wordpress.com
ПреводНаташа Наумоска