Тајната на љубовта (четврти дел)

Говорејќи за бракот, за взаемните односи на мажот и жената, спомнав дека освен љубовта, т.е. освен нежната, пламена и тивка привлечност на една личност кон друга, на тие односи својствена им е и верата. На почетокот од службата во текот на обредот на венчавањето се молиме за Господ да им испрати на оние кои се венчаваат не само мирна и совршена взаемна љубов и Своја помош, туку и едномислие и цврста вера. Се разбира дека прво што му доаѓа на ум на Христијанинот е следното: „Господи, дај ни цврста вера во Тебе и тогаш сè ќе биде добро“.

          Тоа е вистина, но тука има и една друга страна. Не можат да постојат вистински, прави взаемни односи, доколку меѓу мажот и жената, помеѓу невестата и младоженецот не постои вера, т.е. од една страна взаемна доверба, а од друга страна верност. Тоа е многу важно и тоа многу јасно се разоткрива во понатамошниот тек на службата, кога се чита онаа молитва во која се спомнува блудниот син. Тој заминал од татковиот дом, живеел блуден, развратен живот, а потоа под притисокот на околностите се покајал и се вратил дома. Што се случило? Стариот татко го пресретнал, го прегрнал и го целивал; кога синот му рекол на таткото: „Згрешив против небото и пред тебе и не сум достоен да се наречам твој син“, таткото не му допуштил да ги изговори зборовите, кои покајаниот син ги подготвувал додека бил на пат. Всушност, сакал да каже: „Прими ме барем како еден од твоите наемници“, но таткото не му дозволил да го изговори тоа, бидејќи тој може да биде недостоен син, но не може да биде ништо помалку од син. Таткото повеќе ништо не прашува, нему му е доволно тоа што неговиот син се вратил дома. Тој не го прашува дали се кае, дали жали, дали се срами од своето минато, дали е спремен да се промени; тоа што синот негов се вратил е доволно за да верува до крај (в. Лука 15, 11-32).

          Значи, ние од Господа бараме токму таква вера и таква доверба, бараме тоа да се сочува во текот на целиот живот помеѓу мажот и жената, доколку се случи нешто помеѓу нив, кавга, неразбирање па дури и неверство и ако некој од нив се врати и рече: „Ти се вратив“ – оној кој останал верен да ги рашири рацете и да рече: „конечно, толку долго те чекав“; а кога виновникот ќе рече: „Можеш ли да ми простиш?“ – само да го прегрне и да го целива и повеќе да не го споменува минатото.

          Тука е неопходна вера, таква вера која може да се роди само од таква љубов за каква говорев и во другите беседи: од љубовта која зрачи и согледува, која е прониклива и способна да ја види сета човекова убавина, дури и во оној момент кога таа убавина се разнишала, или кога во таа убавина нешто се помрачило.

Убавината во човекот не може докрај да биде уништена: верата кон човекот и љубовта кон него можат да го воспостават и она што се чини дека не може да се воспостави ни со казнување ниту со поука – меѓутоа, со љубовта може да се воспостави!

И всушност тоа сето време го гледаме во Евангелието. Гледаме како Христос ги среќава грешниците: Он за ништо не ги укорува, Он не им поставува прашања за минатиот или сегашниот живот. Он ги љуби и како одговор на љубовта која се дава на дар, која се дарува како поклон, во човекот се распламтува благодарност, така што тој, според благодарноста станува достоен за таа љубов. Тој може да биде љубен, но не затоа што е достоен, туку може да научи да биде достоен затоа што е љубен. Има една руска поговорка: „Сакајте нè кога сме црни, а кога сме бели сите ќе нè сакаат“. Вистинската љубов знае да го сака човекот и кога е „црн“ и пример за тој однос ќе изнесам преку толкувањето на една од најкратките почетни молитви на чинот на венчание.

          Веќе говорев за тоа дека човекот не е љубен заради некоја одредена причина – напротив, тој може да стане важен и прекрасен човек, затоа што е љубен. Во друга молитва на чинот на венчанието се говори за тоа дека Бог ја избрал Црквата како чиста девојка меѓу незнабошците. Да се замислиме над тоа, да се запрашаме: која е таа Црква? Црква – тоа сме вие и јас; јас, ти и сите наши пријатели. Како тогаш можеме да кажеме дека Бог нè избрал како чиста девојка? Сите ние сме грешни, сите имаме недостаток, сите ние во значајна мера сме упропастени. Како тогаш Бог можел да нè погледне и да нè избере како да сме чисти? Овде станува збор за тоа дека Бог нас нè набљудува и во нас гледа можна убавина, која во нас постои, го гледа во нас она што можеме да бидеме и дека нè прифаќа поради тоа што Он го гледа. И поради тоа што сме љубени и што ни се случило чудо – тоа што некој во нас не видел грдо, туку убаво, не видел зло, туку добро и не видел упропастено, туку прекрасно – ние можеме да почнеме да растеме, да растеме поради воодушевеноста што со таа љубов ни е покажана нашата сопствена убавина, за која не сме ни помислувале дека постои. Јас, секако, не говорам за онаа надворешна, површна убавина, во која сите ние се разликуваме – во цртите на лицето, во интелигенцијата, префинетоста или талентите – не, туку говорам за поинаква убавина.

          Секогаш мораме да имаме на ум дека единствениот начин да го препородиме човекот, единствениот начин да овозможиме човекот да се реализира потполно, е тоа дека го сакаме, но не да го сакаме поради неговите доблести или поради неговата совршеност, туку и покрај тоа што е несовршен, да го сакаме едноставно заради тоа што е човек и затоа што човекот самиот по себе е велик и така прекрасен сам по себе. Во тоа секогаш можеме да веруваме. Тоа не можеме секогаш да го видиме, но очите на љубовта ни допуштаат да проникнеме во тоа. Човекот можеме да го гледаме со рамнодушни очи – тогаш ништо не гледаме, ги забележуваме само надворешните појави и цртите на лицето, го проценуваме човекот како што проценуваме сè останато – куче, коњ или нешто што сакаме да го купиме; можеме да го гледаме и со злобни, омразени, сомнежливи очи и тогаш во него нема да видиме ништо, освен она што одговара на нашиот однос кон него, бидејќи бездруго во секој човек може да се најде нешто непријатно, „нешто што не ни е по волја“ и токму тоа „што не ни е по волја“ повремено го затскрива она што е далеку поважно. Само со очите на љубовта можеме да го видиме човекот онаков каков што е во самата негова длабочина,  во самата негова суштина, па така и ќе се однесуваме кон него. Така и Бог се однесува кон нас. Бог не нè сака затоа што сме добри, ниту пак, е Бог милостив кон нас затоа што заслужуваме милост и љубов: Он едноставно нè љуби. Ако бидеме способни да бидеме благодарни заради тоа што некој – Бог или човек – може да нè сака без никаква основа, едноставно поради тоа што неговото срце се излева кон нас, ние можеме да станеме други луѓе. Тоа во бракот е многу важно, важна е таа вера во човека и таа способност да запаметиме дека само со љубов можеме од него да направиме – не, не од него да направиме, туку дека можеме да му помогнеме – да постане сè она што може да биде и каков што Бог го замислил, дека можеме да ја разоткриеме сета негова убавина.


Венчавка

Тајната на љубовта (трет дел)

Митрополит Антониј Сурожски (Блум) († 2003)