Тајната на љубовта (трет дел)

Една од целта на овие текстови не е само да им ги разјасниме на верните длабочината и значајот на обредот, туку овие обреди да ги направиме разбирливи и за неверните – не само за да бидат повеќе прифатливи за верните и за нерелигиозните луѓе, како подобро би ги сфатиле, туку затоа што црковните обреди, поминувајќи веќе илјада години со своите корени во верата и искуството, често сликовито, илустративно и символично, пред нас разоткриваат таква длабочина на човечкото искуство во љубовта, радоста и тагата, која може да биде полезна не само за верните, ами и неверните можат многу да разоткријат некоја длабочина на нивните души и на нивниот сопствен живот.

Сите ние велиме дека знаеме што е љубов и дека знаеме да сакаме. Во суштина, често знаеме само да се насладуваме со човечките односи. Ние мислиме дека го сакаме човекот, само затоа што кон него негуваме угодни чувства, затоа што со него ни е убаво, но љубовта е нешто далеку повеќе, многу изискателна, а повремено и трагична.

Во љубовта постојат три страни. Како прво, човекот кој љуби дава и сака да дава. Меѓутоа, за да дава и тоа потполно, не задавајќи му бол на оној кому му дава, неопходно е да умее да дава. Колку често се случува, кога даваме не од вистинска, самопожртвувана, великодушна љубов, во нас да расте чувството на сопственото значење и на сопствената величина. Нам ни се чини дека тоа е еден од начините да си потврдиме на себе, за и на другите да им ја покажеме својата важност. Меѓутоа, да добиваш од човек под тие услови е многу болно.

Љубовта може да дава само тогаш кога ќе заборави на себе. Кога човекот, како што рекол еден германски писател, дава како што птицата пее, од својата изобилност, не затоа што тоа од неа се бара, или е принудена на тоа, туку затоа што давањето е песна на душата, затоа што е радост во која можеме да заборавиме на себе, поради радоста на другиот човек. Таквата љубов, која умее да дава е многу поретка одошто ние обично си мислиме.

Од друга страна, во љубовта треба да се знае и како да се прима; впрочем, примањето понекогаш е далеку потешко од давањето. Сите ние знаеме колку е мачно кога нешто ќе добиеме или кога ќе ни стори некоја добродетел човек кого не го сакаме или не го почитуваме; тоа е понижувачко, тоа нè навредува. Тоа го забележуваме кај децата: кога ќе им даде поклон некој, кого не го сакаат или во чија љубов не веруваат, децата сакаат да го изгазат тој поклон, затоа што тој ја навредува самата длабочина на нивната душа. За да знаеме да даваме и да знаеме да примаме потребно е љубовта на оној што дава да оди до самозаборав, но и тој што добива да го љуби давателот и безусловно да верува во неговата љубов. Кога западниот подвижник Венсан де Пол испратил една од монахињите, за да им помага на сиромасите, ѝ рекол: „Запамети дека ќе ти биде потребна целата љубов за која е способно твоето срце, за да можат луѓето да ти ги опростат твоите добродетели“. Ако често го имаме она на ум, помалку ќе се чудиме за тоа што луѓето од нашето опкружување, невесело или понекогаш и со стегнато срце се обраќаат за помош.

Во љубовта треба да се знае и како да се прима; впрочем, примањето понекогаш е далеку потешко од давањето.

Меѓутоа и таму каде што се дава и се прима, постои уште една страна на љубовта, која ја забораваме: тоа е самопожртвувањето, но не во смисла во која обично размислуваме, т.е. на пример, човекот кој љуби е подготвен да работи за другиот или да се лиши од нешто, за другиот да го добие тоа што му треба, родителите да се лишуваат од најпотребните работи, за децата да бидат сити и облечени и понекогаш да се израдуваат на поклони. Не, самопожртвуваноста за која зборувам е построга и се однесува на нешто што е во поголем дел внатрешно. Таа се состои во повлекувањето заради љубовта кон другиот. Тоа е многу важно. Повремено помеѓу мажот и жената се случува следново: тие снажно, цврсто, нежно и радосно се сакаат еден со друг, но еден од нив е љубоморен (на мажот или на жената), но не на некоја личност, која е тука и која би можела да ја доведе во прашање нивната љубов, туку на минатото. На пример, се оддалечуваат другари и другарки од детството, доживувањата од минатото се потиснуваат некаде во длабочината на чувствата. Оној кој љуби така безумно и непромислено би сакал животот на другиот да започнува од моментот на нивната средба, а сè што претходело на таа средба – целото богатство на животот, душата и односите, за него изгледаат како опасност, бидејќи во душата на љубената личност живее и нешто друго освен него. Таквиот пристап е многу опасен: човекот не може да почне да живее од (па макар и да е светол ден) моментот на средбата со драгиот и љубениот. Човекот треба да живее од самиот почеток на својот живот. Оној кој љуби е должен тајната на минатото да ја прифати како тајна и да ја штити, да ја чува; тој мора да прифати дека саканата личност во минатото имала такви односи со родителите, пријателите, другарите, дека постоеле такви минати случки, во кои тој не може да учествува на друг начин освен со заштитничко, нежно и со љубов исполнето почитување. Овде започнува сфера, која би можела да се нарече сфера на верата, не само вера во Бога, туку и меѓусебна вера на еден човек во друг.


Човекот почнува да го љуби другиот затоа што, изненадно и неочекувано и за самиот себе, во себеси забележал нешто што никогаш порано не го забележувал. Се случува млади луѓе и девојки да припаѓаат на истиот круг, да живеат еден покрај друг, да работат заедно и да учествуваат во општествениот живот. Одеднаш некој кој до тој момент не го ни забележувал, станува средиште на интерес за некого од тој круг; во еден момент една личност ја гледа другата не само со очи, туку и со некакво проникнување на срцето и умот. Тој човек, кој до тој момент бил само еден од многумината, одеднаш станува единствен. Човекот се појавува тогаш со нова убавина, нова длабочина, со нова важност. Таквото гледање може да потрае со години, може да потрае и цел живот. Повремено, меѓутоа, кога ќе помине некое време, таквото гледање се замаглува. Всушност, во тој момент настапува верата, еве во која смисла: вера како убедување дека она што некогаш се гледало, а сега станало невидливо – веродостојно и несомнително. Сите ние повеќе или помалку живееме со таква вера. Постојат моменти на посебни средби, длабоки и возбудливи, а потоа се враќаме во обичниот живот; меѓутоа, кога повторно ќе се најдеме лице в лице со човекот, знаеме дека тоа што го гледаме не е целосен човек и дека во него постои длабочина, која сега не можеме да ја проѕреме. Кон тоа човекот се однесува на нов начин. Тоа многу јасно се открива во целосната низа на молитви во текот на склопувањето на бракот.


Венчавка

Тајната на љубовта (втор дел)

Митрополит Антониј Сурожски (Блум) († 2003)