Закхеј или желбата да се види Бог

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во Неделата на Закхеј, по читањето на Евангелието на Светата Литургија, на 6 февруари 2022 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Во денешното Евангелие чувме за една впечатлива случка од животот на нашиот Спасител Христос, додека Он, проследен од голема толпа народ, минувал низ градот Ерихон. Имено, некој богат човек од градот по име Закхеј, началник на цариниците, многу беше слушал за Него, па сега силно посакал да Го види. Впрочем и целиот народ бил излезен по улиците, каде што требало да помине Христос со Своите ученици, зашто сите сакале, од различни причини, да Го видат Него, големиот Пророк и Чудотворец Кој се јавил меѓу народот и за Кого толку многу се прикажувало насекаде. Некои излегле од љубопитност, други со надеж дека ќе бидат исцелени од болестите свои, трети, за да видат некое чудо или сензација.


Цариникот Закхеј, пак, грешен и омразен од сите поради неговите лоши дела и неправедното богатство што го стекнал од народот со изнуда и насилие, имал силен копнеж само да Го види Христа, макар и оддалеку. Но, бидејќи низок по раст и притеснет во толпата, не можел да Го види од другите луѓе. Затоа смислил план: се искачил на некоја дива смоковница крај патот каде што требало да помине Исус, та барем од дрвото да Го види. Замислете, тој богат, дотеран, знаен човек, кој дотогаш сите луѓе ги гледал „од високо“, со презир и со лакоми очи, сега одеднаш се изложува на прекор, на срамотење и подигрување од страна на сиот народ! Се издигнал над толпата дури и по цена на нејзиниот презирачки и потсмешлив поглед. Сè само за Го види посакуваниот од него Исус! Велам посакуваниот, затоа што очигледно е дека кај овој човек се појавила голема желба да Го види Исуса. Толку голема и силна, што го навела да го занемари и сопствениот углед и достоинство, а и да се изложи на потценувањето и озборувањето од страна на толпата. Таа желба во него вродила цврста вера дека барем еден најмал поглед кон необичниот Посетител ќе направи нешто за промена на неговиот гревовен живот, од кого веќе бил изморен.

Па така, мили мои, да се замислиме и ние колку е важна желбата да Го видиме Бога; колку таа желба е неопходна, за да го промениме својот живот. Не е случајно тоа што во неделен ден пред Великиот Пост секогаш се чита токму ова Евангелие. Црквата со него сака да нè потсети дека духовната преобразба и патот кон боговидението започнува со желбата. Но, не со површната желба која брзо венее и се губи, ами со силниот внатрешен копнеж по Бога, што треба постојано да го слушаме и негуваме, за кого треба да напуштиме сè што од него нè оддалечува и нè колеба. Оти, честопати се случува нашите прегрешенија, влијанието на околината и тривијалните и ефемерни нешта во нашиот живот да нè оддалечуваат од желбата да Го видиме Бога.

Обременета од многубројните гревови, нашата душа лесно им подлегнува на рамнодушноста и на безнадежноста. „Залудно е сè. Мене ништо не ме спасува, ниту, пак, може нешто да ме промени. Тешко дека ќе можам да се поправам. Повеќе не чувствувам ништо духовно, нема нешто кое ме трогнува. Ќе ме пресретне ли Божјата благодат ваков каков што сум – никаков? Не верувам“ – ни тврди помислата што произлегува од духот на очајанието. Кога на ова ќе се надоврзе стравот и егоистичниот срам од толпата, од тоа „што ќе речат другите“, од тоа „зошто сите да ми се смеат“, тогаш внатрешниот копнеж по Бога уште повеќе згаснува, за накрај да биде дотолчен од безначајните и суетни нешта и грижи во нашето секојдневие.

Меѓутоа, нашиот Закхеј во денешното евангелско четиво ги надмина сите овие нешта. Иако бил, можеби, најгрешен од сите, насилник кој со мито стекнувал богатство, тој не дозволил стегите на гревот, мислењето на толпата и суетноста на секојдневието да му ја задушат желбата да Го види Бога. Не се колебал во својата огромна желба да се сретне со Христа, па макар и само со еден поглед и тоа оддалеку. И затоа направил голема жртва. Го занемарил презирот од толпата со која бил опкружен и се издигнал над неа. И во физичка и во духовна смисла на зборот. И што се случило: Настојуваше да види Кој е Тој Исус, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст. Затоа потрча напред и се качи на една смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да помине (Лука 19,3-4). Закхеј посакувал само да Го види Исуса, сметајќи се за недостоен да разговара со Него, но Бог, бидејќи срцезналец, ја проѕрел неговата добра желба за покајание и за поправање; ги прочитал неговите мисли и срцето и видел дека тој навистина Го бара Бога, за разлика од повеќето во љубопитната толпа. Закхеј веќе силно посакувал да го остави стариот, грешен начин на живот и бил подготвен на сè, само за да сретне некој којшто ќе му помогне да го промени своето битисување. Ете зошто Христос, од толку многу луѓе околу Себе, го избира токму него и му вели: Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“. И тој веднаш слезе и Го прими со радост (Лука 19,5-6).

Христос влегол и престојувал на гости во домот на цариникот Закхеј. За тоа вознегодувала сета маса луѓе, сите оние што само од љубопитство сакале да Го видат Оној за Кого беа чуле дека е некаков новојавен пророк кој врши чудеса. Тие во суштина немале во себе вистинска желба за Бога, ниту пак, некакво настроение да го променат својот живот и да принесат плодови на покајание. Затоа и фатиле да негодуваат, разочарани од фактот што, еве, Оној за Кого сметале дека е нешто големо, отишол во куќата на еден голем грешник. Слично како и фарисејот Симон, кој од надворешна куртоазија Го беше поканил Христа во својот дом, па кога Христос ѝ дозволил на грешната жена да Го помаже, овој си помислил во себе: Да беше Овој пророк, ќе знаеше која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница (Лука 7,39).

Меѓутоа, Господ многу добро, повеќе од сите, знаел која е и каква е таа жена, како и овој цариник. И таму, во домот на Симона и овде, во домот на Закхеја, триумфира доброто. Пред сите заблескало вистинското покајание на Закхеј и неговата решеност за преобразба:  А Закхеј застана и Му рече на Господ: „Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“. А Исус му рече: „Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син Авраамов. Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси загубеното“ (Лука 19,8-10). Закхеј, значи, чиешто еврејско име, патем, се толкува како ‘чист, невин’, искрено се покајал за своите гревови и со тоа се очистил и бил од Бога оправдан. Сосема го променил својот поранешен живот и спровел плодотворно покајание. Според црковното предание, Закхеј наскоро оставил сè од овој свет и потполно се предал на својот Спасител Христос, а подоцна станал дури и епископ на Кесарија.

Гледате ли, мили мои, колку е суштествена нашата вистинска желба и цврста намера да го промениме сопственото живеење од лошо кон добро? Да се издигнеме мисловно над нашето опкружување, коешто многупати нè советува да се сообразиме со него и не ни дозволува да Го видиме Христа. Навистина, секогаш било тешко човек да се издигне над толпата, но се чини дека особено денес човекот, чиешто секојдневие е ужасно завладеано од виртуелниот свет и од социјалните мрежи, се наоѓа во едно страшно искушение, што веќе не може да се изземе себеси од медиокритетската маса и да се управи кон нешто повозвишено. Заплиснат од безбројните бранови на површноста, на ефемерните „постови“ во виртуелниот свет, современиот човек речиси не наоѓа време за духовното и за суштествена врска со Бога. Забележуваме дури и заблудени и опрелестени поведенија на „виртуелни верници“: тие се објавуваат себеси за побожни, а лутаат од страница на страница во кибер-просторот, честопати застануваат и на такви со неморални содржини, па така, приучени од „догматите“ на Фејсбук и од „теологијата“ на социјалните мрежи, си земаат за право да мудруваат, па дури и да се поставуваат над епископите, над свештениците, над монасите, над црковните собори и синодските одлуки. Од таа нерегулирана и хаотична збирштина на информации се создава една мешавина од луѓе, една безлична толпа, токму таква толпа, какво што било ерихонското население кога низ градот минувал Христос. Секакви луѓе со најразлични желби, страсти и интереси, збунети, изгубени, заблудени. Затоа, од сите нив Христос го избра само оној во кого имаше искрена желба за преобразба. Во еден дом влезе Христос, таму каде што виде вистинска желба за покајание.

Токму таа, искрената желба на нискиот и понижен човек за промена, за одухотворување, за преумување е нешто што многу ни недостасува денес. Затоа Црквата, подготвувајќи нè полека за Чесниот Пост, ни го предлага денешниот лик од Евангелието, малиот и грешен Закхеј, цариникот кој направи сè за да Го види Бога. Ако ја негуваме со поголема усрдност и внимание таа исконска желба во нас, нема да останеме незабележани од добриот Бог. Кога ќе ја види нашата богокопнежлива желба, Он прв ќе дојде во нашето срце, ќе ни ја даде потребната преобразувачка благодат и преку нашиот разговор со Него во молитва, во нашиот внатрешен човек ќе започне таинственото созерцание, благодатното боговидение. Господ ќе го гали нашето срце со радост и умиление.

Посакувам кај сите нас да се пројави таква желба за промена на нашите животи, па да станеме вистински покајници како Закхеј. Да Го привлечеме Господ со својата желба да дојде во нашиот внатрешен дом, во срцето и да вечера таму со нас. Еве и сега, на оваа Света Литургија следува нејзиниот најсвет дел, т.н. епиклеза и осветувањето на Светите Дарови. Одново, на таинствен, благодатен начин, ќе станеме учесници на Тајната Вечера, сотрпезници на Бога. Он ни даде привилегија и милост да се причестуваме со Него, да бидеме еднокрвни со Него. Затоа, мили мои, да се задлабочиме во себеси, барајќи го скриениот копнеж да Го видиме Него со очите на своето срце. Да бегаме од формализмот и од фарисејтвото на толпата, затоа што формалноста и слепото и бездушно следење на човечките правила создава во нас помисли на осудување, завист, безнадежност. Да Му го предадеме со искреност своето срце на Христа, Кој ќе биде засекогаш со нас и во нас, заедно со Отецот и со Светиот Дух. Амин!