Страстите се школо на доблести – паѓајќи учиш да стануваш

Секогаш кога ќе го погледнам ликот на Преподобна Марија Египетска помислувам дека нашите страсти никогаш не нè напуштаат, туку се преобразуваат и трансформираат. Залудно се камшикуваме за да ги искорениме. Она што треба да го направиме е со помош на благодатта истите сили да ги насочиме кон доброто, светото, кон Бог. Преподобна Марија никогаш не престана да биде вљубена жена. Но, својата љубов, онаа своја љубовна сила, таа ја насочи кон Христа. Во тоа е тајната. Не се карајте со темнината во вас, туку направете простор за да влезе светлината. 

~~~

Се поклонуваме на Крстот, но не го живееме како егзистенцијално откритие на самопожртвуваност и жртва што смртта ја претвора во однос. Секој пат кога ќе се распнам заради љубовта, ја кршам смртта во мене. Затоа што смртта е беспомошност, затвореност и страв да го отворам моето срце кон другиот и Другиот.

Фотографија: Стефан Стаменов

Денеска на Утрената Богослужба размислував дека книгите и проповедите се многу полезни. Но да се разбереме, на крајот единствената проповед ни е начинот на кој живееме. 

~~~

Многумина во пространството на религијата чувствуваат загрижено фиксирање за гревот. Се плашат да не направат грев. Всушност, станува збор за преименување на нивниот страв од животот. Тие се плашат од животот. Бидејќи животот има ризик, нема сигурност и го тресат пресврти. И најчесто сакаме да ги контролираме настаните, себеси, другите, Самиот Бог. Меѓутоа, тој што живее ќе греши и ќе греши како создаден и смртен човек. Како што со право вели старецот Емилијан Симонопетриски: „Страстите и искушенијата се лоши, но и добри. Тоа се патиштата кои нè водат до Бога. Тие ни даваат животно искуство. 

~~~

Само демонот е напорен, повторувачки, досаден и крајно формален. Божественото е неверојатно. Различно. Вкусно, звучно и исклучително слатко. Тоа не се повторува. Не заморува. Никогаш никому не досадува или прекорува. Затоа се благословени оние луѓе помеѓу вас кои можат да ја живеат убавината на моментите. Оние кои можат да уживаат во едноставни нешта се благословени. Блажени се оние кои секојдневно живеат ново откровение на животот, кое само по себе е откривање на една убава тајна. 

~~~

Сите размислуваат за подароците што ќе ги направат овие денови: најдете срце во самотија и почувствувајте го. 

~~~

Ги гледам божиќните јасли по градовите. Радосни и блескави лица, насмеани и миризливи животни, златни и неизбледени пченични снопови, светилки и лампиони. Се смеам на лажниот сјај. Затоа што онаа вечер едноставно не беше така. На крајот на краиштата, поминаа 2000 години, а ние сè уште не можеме да му простиме на нашиот Бог што се роди во штала. Неговата понизност нè разбива. Тоа е затоа што Тој се заљубува и не му служи на својот „имиџ“. (Божиќни денови). 

~~~

Каква надеж имам кога мојот Бог го изгуби Своето „достоинство“ со тоа што се роди во штала. 

~~~

Без разлика колку дарови Бог ќе ви испрати во животот, ќе ги уништите на неверојатен, невротичен начин ако не ја надминете вината што ја чувствувате кога ќе доживеете нешто убаво. 

~~~

Го бараме чудото на исцелување. Тоа е човечко и разбирливо. Но, дали помисливме дека трпеливо соочување со болеста полно со надеж е најголемото чудо? 

~~~

Христос не сака да нè исцели без да нè научи како да бидеме здрави. А за тоа е потребна работа, трпение и пред сè време. Целта не е да се лекува во одреден случај или да се надмине одредена препрека во нашиот живот, туку да научиме да живееме радосно и во полнота. Да ​​живееме, а не да преживееме.

Фотографија: Стефан Стаменов

Стоите пред Света Проскомидија и во рацете држите две замесени просфори. Едната е од мајка која го загубила синот, другата од мајка која во ист ден се простила од двата свои херои. А ти велиш: Боже мој, ќе пукнам од толку болка што држам во рацете. Се сеќавате на зборовите на старецот Софрониј: „… Во светата Литургија Христос ја осветува и ја поднесува универзалната болка и трагедија на човекот. “ Пред да тргнам кон Светата Проскомидија, ги мирисам и со почит ги допирам, за да не ги наполнам со поголема болка. Сакам да се соединам со солзите што се пролеани над нив, со молитвата што ги придружуваше, но најмногу да ги бакнам рацете сираци што ги месеа. 

~~~

Етиката, која по цел ден се занимава со сексуалниот живот на една личност, не е дел од мене. Затоа што обично тие што зборуваат за „етика“ се најнеморални. 

~~~

Рајот не е успех и индивидуално достигнување, туку подарок од Некој кој лудо ве сака.

~~~

Да одвоиме еден ден наместо за пост, да ги прегрнеме сите оние сирачиња, гладни, бездомни, болни, осамени и секакви ранети луѓе кои никогаш не почувствувале љубов и умираат без да бидат пронајдени во својата осаменост. 

~~~

Денеска е Задушница. Длабоко сеќавање на сите оние кои ги одбележаа нашите животи на свој единствен начин. Се заљубивме во нив, ги сакавме како родители, како пријатели. Чувствувавме болки, се каравме и се повредувавме со нив, но на крајот во љубовта воскреснавме. И денес го отелотворуваме тој недостиг во погледите преку постот како знак на чест и почит кон сите оние кои некогаш нè држеле за рака, оние кои ни ги допреле срцата и ни дозволиле да ги споиме нашите усни во заеднички зборови за вредности, верувања и соништата, во тие бакнежи кои ни ја покажаа вечноста во времето. Спомни си, Господи, за Твоите слуги (Задушница).

Фотографија: Георгиј Личовски (Радио Слободна Европа)

 

Простувањето значи да кажеш Збогум! на минатото што те повредило, и да направиш простор за другиот во тебе, во името на Христос. 

~~~

Остави некогаш да ти се изрони солза од очите – тоа ќе те направи прекрасен.
Остави некогаш да направиш грешка – тоа ќе те направи почовечен.

Згреши, за да научиш како луѓето стануваат свети. 

~~~

Проститутката, разбојникот, митарот и многу други грешници и неуспешни за светот денеска ги сретнавме пеејќи го Големиот канон. Не знам зошто, но ги чувствувам толку блиску кога ги гледам спомнати во црковните текстови. Очигледно затоа што и јас се чувствувам неуспешно, рането, немоќно и осакатено од животот. Тоа се пеколно измачени души кои благоухаат на Рај. И денес, уште една година, го почувствував нивниот мирис, мирисот на оној кој знае да губи, да се покае и да се понижи, да се менува и да живее без страв. На оној кој низ животот покажува дека многупати неуспехот не е проклетство, туку можност. 

~~~

Твојата убавина не е во совршенството, туку во тие мали секојдневни несовршености на твојот живот. Твојата сила не лежи во твоите достигнувања, туку во твоите неуспеси и пеколот што го претвори во рај. Престани да го бараш „совршеното“ за да ти се даде убавината. 

~~~

Многупати ме прашуваше со тие твои длабоко вознемирени очи: „Каде е оваа Божја благодат за која слушаме и читаме? “ Ами, во трпението и храброста е благодатта. 

~~~

Во нашите најголеми „гревови“ има добродетел, а во нашите „добри намери“ често има многу гревови. Или, како што многу добро рекол Пол Елијард: „Најтемните очи се затворени за најсветлите (очите). 

~~~

Себеси се сфативме толку сериозно што на крај се поклонивме сами на себе и го претворивме своето јас во „божество“. Бевме толку загрижени за нашето „спасение“ што на крај, го загубивме.

Фотографија: Александар Пауновски

Чудото со умножувањето на петте леба не е ништо друго освен вистината дека тоа што се дели се множи. На крајот на краиштата, ова е љубовта што нè задоволува кога знаеме да го споделиме она малку без страв дека ќе го изгубиме. Малку станува многу, само кога се споделува. 

~~~

Многупати додека постиме од храна го храниме својот егоизам. 

~~~

Во покајанието нема вина, инает или насилство. Тоа не се заканува. „Од денес ќе видите што ќе правам! …“ „Денес сè е готово, ќе видите…“ Овие апсолутни изјави имаат егоизам и отпор во себе. Тие се обидуваат да ги заплашат другите, па дури и сопственото јас. Св. Порфириј рече: „Не е така… вашето тајно јас (потсвеста) го слуша она што го кажувате и се спротивставува на тоа.“ Покајанието е слатко, смирено, тивко, мирно. Се гушка со тебе. Утешително е. Не се заканува, не дава изјави на ветувања. Не присилува. Не навлегува. Во тебе цвета кога не го очекуваш, и кога ќе дојде време да падне надгробната плоча –  да воскреснеш. 

~~~

Колку повеќе го отфрламе Крстот, толку повеќе ќе се одложува Воскресението. 

~~~

Најскапоцените чуда се оние кои никогаш не очекувавме да се случат, бидејќи чудото обично доаѓа кога ќе престанеме да го чекаме. 

~~~

Се будиме, се прекрстуваме заедно со големо ‘Благодарам!. Еве еден убав начин да кажеме ‘Добар ден!’ на нашиот Бог.

Избор и превод на текст: Ана Масларова
Извор: Блог за отец Харалампос Пападопулос