Понеделник од Шеста седмица на Великиот Пост – За смирението

 

Преп. Авва Исаија: Суетен е трудот на оној кој без смирение пости строго и поднесува тешки подвизи.

Инокентиј Архиепископ Херсонски: Смирението е неопходна добродетел на созданието; само на Единиот Бог Му доликува величие.

Св. Јован Златоуст: Покајанието го подига паднатиот, плачот за гревовите чука на небесните врати, а смирението ги отвора.

Св. Филарет Московски: Смирението е столб на добродетелта. Како што солта ѝ дава вкус на храната, така смирението ги прави совршени добродетелите. Без сол храната брзо се расипува; без смирение добродетелта брзо се расипува од гордост, суета, нетрпеливост и на крај пропаѓа.

Преп. Силуан Атонски: Поради смирението душата стекнува спокој во Бога, но за да може да го задржи тој спокој, душата треба долго време да се вежба. Ние го губиме спокојот бидејќи сѐ уште не сме се утврдиле во смирението.

Св. Атанасиј Александриски: Смирениот не го памети злото што другите му го причинуваат и не го осудува оној кој греши. На таков начин тој трикратно стекнува отпуштање на своите гревови: како оној кој не суди – нема да биде суден, како смиреномудар – ќе биде оправдан, како оној што проштева – ќе добие прошка.

Преп. Максим Исповедник: Не се споредувај со духовно послабите луѓе, туку подобро рашири се себеси по мера на заповедта за љубовта. Споредувајќи се со луѓето ќе паднеш во напаста на надменоста, а ширејќи се себеси по мера на љубовта ќе ја достигнеш висината на смиреномудрието.