Вистинскиот пост

Еднаш кога постев и седев на една планина благодарејќи Му на Бога за сѐ што ми имаше дадено, здогледав пастир како седи до мене и ми вели:

-Зошто си дошол тука толку рано?

-Зашто сакам да стојам пред Господа.

-А какво е тоа стоење?

-Пост

-Каков е тој пост?

-Како што сум навикнал, така и постам

-Не знаете да постите пред Бога, зашто тоа вашето не е пост и не донесува полза.

-Што зборуваш ти, господине?

-Навистина тврдам дека не е пост тоа што вие го држите, но јас ќе те научам кој пост е совршен и угоден на Бога. Слушај, Господ не сака таков неполезен пост, бидејќи оној што така пости со ништо не ѝ служи на правдата. Туку пости вистински на ваков начин:

Не прави никакво зло во својот живот, туку со чисто срце служи Му на Бога, пазејќи ги заповедите Негови и следи ги Неговите поуки, без да допушташ погубна похот во својата душа. Верувај во Господа дека ако го исполниш тоа, со страв Божји и воздржание од секакво злодело, ќе живееш за Бога. Го направиш ли ова, постот ќе ти биде вистински и угоден на Господа.

Слушни што ќе ти раскажам за постот. Еден човек, којшто имаше имот и многу слуги, на еден дел од имот насадил лозје. Потоа тој избрал еден верен и проверен слуга и му го предал на грижа лозјето, наредувајќи му да ги прицврсти лозите на стапови; ако го направи тоа и му ја исполни заповедта, му вети дека ќе го пушти на слобода. Господарот замина во туѓина. Слугата се зафати со работа и го исполни заповеданото, но забележа дека лозјето е полно со плевел, и си помисли:

-Ја исполнив заповедта на господарот, и сега повторно ќе го прекопам лозјето, и тоа ќе изгледа подобро, а очистено од плевелот ќе роди многу пообилен плод, бидејќи нема да го гушат тревите.

И тој отиде, го прекопа и ги искорна сите треви од него и така лозјето стана велелепно и бујно израсна бидејќи немаше плевел да го задушува.

По извесно време се врати господарот и влезе во лозјето. Гледајќи го прекопано и без плевел, а лозите прицврстени и бујно никнати, се израдува многу од работата на слугата. Тогаш го повика тој својот возљубен син кој му беше наследник, и пријателите со коишто се советуваше и им раскажа каква заповед му беше дал на слугата свој и каква завршена работа затекна. А тие веднаш го пофалија слугата, бидејќи беше стекнал таква целосна пофалба од својот господар. Тогаш господарот рече:

Јас му ветив на овој слуга слобода ако го исполни тоа што му го заповедав, и тој го исполни, но освен тоа доброволно изврши добра работа за лозјето што ми причини радост. За тој негов труд сакам да го направам сонаследник на мојот син, зашто ја послуша својата добра совест.

Тоа решение на господарот, слугата негов да стане сонаследник на синот, го одобрија и синот и пријателите. По неколку дена господарот приготви вечера и му испрати на својот слуга многу јадења. А тој, добивајќи ги, зеде од нив толку колку што му беше потребно да се насити, а останатото му го раздаде на останатите слуги. Штом го добија тоа тие се зарадуваа, и му посакаа да стекне уште поголема наклоност кон својот господар заради доброто дело што им го беше направил. Слушајќи за ова, господарот уште повеќе се зарадува и откако одново ги повика своите пријатели и синот, им објасни што беше направил робот со храната што тој му ја испрати. Тие уште повеќе се утврдија во увереноста дека слугата треба да стане сонаследник на синот.

-Господине, – му велам јас – не ги разбирам овие приказни и не можам да ги сфатам ако ти не ми ги објасниш.

-Сето она што го зборував со тебе ќе ти го објаснам и покажам. Чувај ги Божјите заповеди и ќе Му бидеш угоден на Бога и ќе бидеш вброен во оние што ги пазат Неговите заповеди… Особено, пак, ако ги исполниш според мојата поука.

-Што и да ми заповедаш, господине, ќе го запазам, зашто знам дека ти ќе бидеш со мене.

-Ќе бидам со тебе, зашто имаш таква решителност за правење добро, ќе бидам и со сите оние кои ја имаат истата добра волја. Овој пост е многу добар, доволно е само да се пазат Господовите заповеди. А пости вака: Пред сѐ, пази се од секакво лукаво и срамно слово и од секоја штетна похот и чисти го срцето од секаква светска суета. Ако го запазиш ова, постот ќе ти биде вистински. Така понатаму ќе постапуваш. Откако ќе го исполниш она што ти го кажав погоре, во денот кога ќе постиш ќе вкусуваш само леб и вода. Потоа, откако ќе го земеш во предвид количеството на храна што би го изел во непосен ден, ќе го одземеш од него изеденото во посен ден и остатокот ќе го дадеш на вдовици, сираци и бедни, и така ќе се смириш, што душата ќе ти се исполни и ќе се помоли за тебе на Господа оној што ќе стекне нешто од твоето смирение. Ако го исполниш постот така како што ти заповедам, твојата жртва ќе Му биде пријатна на Господа и тој пост ќе ти биде примен. Така извршено тоа „стоење“ Му е добро, радосно и пријатно на Господа. Ако заедно со децата и сиот твој дом го запазиш ова, ќе биде среќен; а и оние што ќе го слушнат ова и ќе го пазат, ќе имаат среќа и што и да посакаат од Господа ќе добијат.

Извор: Добротољубие