Многу ја сакам поемата на Веритис, „Дружење со Христос“. „Копнеев да доживеам дружба со Христа, Неговата топла љубов да ја затворам во градите. А градите се тесни и се отвараат и шират, и колку што повеќе љубат, толку повеќе не можат да се заситат“.
Никако не можеш да се заситиш. Колку повеќе пиеш вино, толку и уште повеќе сакаш да пиеш. Колку повеќе ѝ се даваш на Христовата љубов, толку и уште повеќе сакаш да се даваш. Него треба да Го возљубиме со сета наша душа, срце, сила, разум. Приклучокот на нашето срце треба да го вклучиме во Неговата љубов, за да се соединиме со Него. Господ тоа не го бара за Себеси, од егоизам, туку заради нас, за да ни дарува сè, радост, среќа.
Поетот успеал во тоа. Го возљубил Христос и бил возљубен од Него. Ја нашол тајната на Божјата љубов. Не е тешко, туку, напротив, многу е лесно да го откриеме тоа. Тоа зависи од начинот на живот и од подготовката, и бара поседување на православен дух.
Таа љубов, тој ерос и тој ентузијазам те носат дури и во мачеништво. Прават да се жртвуваш, да не се плашиш од ништо и ништо друго да не земаш предвид; да бегаш далеку, во пештери и по краиштата на земјата. Ова божествено лудило го имал и светиот Јован Каливит, кој мене ми беше инспирација. Светителите и мачениците, поаѓајќи од божественото лудило, не се колебале во ништо, трчале кон мачеништво со радост и восхит. Оној кој повеќе љуби, повеќе дава, а оној кој љуби премногу, што соодветно може да даде? Тој се дава себеси!
Да Го возљубиме Христос, и тогаш од нас со копнеж, топлина и со божествена љубов ќе излегува Христовото име, и ќе Го повикуваме Неговото име таинствено, без зборови.
Да стоиме пред Бога со копнеж, смирено, и да одиме по Неговите траги. Христос да нè ослободи од секој детаљ на нашиот стар човек. Да молиме да ни дојдат солзи пред молитвата. Но внимание! „Да не знае вашата лева рака што прави десната“. Молете се скрушено: „Христе мој, дали сум јас достоен да ми дадеш таква благодат?“ И тогаш тие солзи стануваат солзи од благодарност. Трогнат сум; не ја извршував Божјата волја, но ја барам Неговата милост.
Молете Му се на Бога со радост, копнеж и љубов, во тишина, со кротост, меко, без силување. Кога ја кажувате молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, кажувајте ја полека, смирено, благо, со божествена љубов. Со сладост изговарајте го Христовото име. Зборовите кажувајте ги еден по еден, „Господи… Исусе… Христе… помилуј ме“, благо, нежно, љубовно, молчаливо, таинствено, умствено, но и со издигнување кон Бога; со копнеж, со љубов, без притисок, без присила или недолично нагласување, без стегање и грч. Како се изразува мајката, која го љуби своето дете? „Детенце мое… ќеркичке моја… Панајоти мој… Ристаки мој“. Со копнеж и радост! Во тоа се состои целата тајна. Тука зборува срцето. „Детенце мое, душо моја!“ „Господи мој, Исусе мој, Исусе мој, Исусе мој…“ Она што го имаш во твоето срце и во твојот ум, го изразуваш „од сето твое срце и од сета твоја душа и со сета твоја сила и со сиот свој разум.“
Понекогаш е добро гласно да ја кажувате молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, за да слушаат и сетилата, да слуша и увото! Ние сме и душа и тело, и има заемно влијание помеѓу нив.
Меѓутоа, кога ќе се вљубиш во Христос, тогаш ги претпочиташ молчењето и умствената молитва. Тогаш запираат зборовите. Внатрешното молчење и тихување е она што и претходи, ја придружува и последува Божјата посета, односно божественото соединување на душата со Бога. Кога ќе се најдеш во таа состојба, не се потребни зборови. Тоа е нешто што го живееш, и нешто што не се објаснува. Само оној кој ја живее таа состојба, може да ја разбере. Чувството на љубов те преплавува, те соединува со Христос. Се исполнуваш со радост и веселие, а тоа покажува дека во себе ја имаш Божјата љубов, совршената љубов. Божјата љубов е несебична, едноставна, вистинска.
Најсовршениот начин на молитва е тихувањето. Молчење. „Да молчи секое тело човечко. Тука се случува обожението, во молчењето, тихувањето, во тајната. Таму се извршува вистинското богослужение. Меѓутоа, за да го доживеете тоа, треба да достигнете до таа мера. Тогаш зборовите отстапуваат. Сетете се: „Да молчи секое тело човечко“. Таквиот начин на молчење е најсовршениот начин. Така се обожуваш. Влегуваш во Божјите тајни. Ние не треба многу да зборуваме, туку да оставаме да зборува благодатта.
Ја кажував молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, и се отвораа нови хоризонти. Од моите очи течеа реки од солзи на радост и веселие заради Христовата љубов и Неговата крстна жртва. Копнеж и радост! Тука се крие величието, рајот. Овие пет збора ги кажуваш со копнеж и радост, од срце, за- тоа што Го љубиш Христос. И така полека се губат зборовите. Срцето е толку исполнето, така што е доволно да кажеш еден збор, „Исусе мој!“, и крај, ни еден збор. Љубовта по- добро се изразува без зборови. Кога една душа навистина ќе се вљуби во Господа, тогаш ги претпочита молчењето и умствената молитва. Поплавата на Божјата љубов ја исполнува душата со радост и веселие.
Таа душа претходно се извежбала во Псалтирот, Октоихот, Минеите итн., а сега зборовите запреле. Длабоко во себе го доживува Божественото смирение. Христос слегол и се вселил во неа, и таа го чувствува Божествениот глас. Се наоѓа и во светот и надвор од светот. Се наоѓа во рајот, односно во Црквата, во несоздадениот рај. Игнатиј Брјанчанинов вели:
„Многу посакувана е молитвата на срцето, многу посакувано е молчењето на срцето, многу посакувано е да живееме во најизолираната пустина, затоа што тие услови се особено поволни за молитвата на срцето и за молчењето на срцето.“
Молчењето на срцето е ништо да не те расее, и да живееш сам пред Самиот Бог.
Бог е насекаде присутен и сè исполнува. Се обидувам да полетам во бескрајот, во ѕвездите. Мојот ум тоне во величието на Божјата семоќ, размислувајќи за растојанијата од милиони светлосни години. Сесилниот Бог го чувствувам пред мене и ги отворам рацете и ја отворам мојата душа да се соединам со Него. Да се причестам со Божеството…