За блажениот Aвaа Павле Простиот, ученикот на Свети Антониј, на отците им го раскажале следниов настан.
Дошол еднаш тој во манастирот на посета, а и заради духовна корист на браќата. По вообичаените заемни поздравувања, тие пошле во светата Божја црква да отслужат служба. Блажениот Павле внимателно го набљудувал секој што влегувал во црква за да види со какво расположение на душата доаѓа на служба. Од Господ му била дадена благодат да може кај секого да види каква му е душата, како што ние едниот со другиот си ги гледаме лицата. Сите влегувале со светли лица и со секој одел неговиот ангел, кој се радувал. Павле забележал дека еден брат е темен. Целото негово тело било црно. Од двете страни го држеле демони и го влечеле кон себе, ставајќи му узда на лицето. Неговиот свет ангел одел понастрана со загрижен и понижен изглед.
Павле почнал да плаче и седејќи пред црквата почнал да се удира по градите и да го оплакува тој што го видел во таква состојба. Браќата, гледајќи ја оваа невообичаена и неочекувана промена кај старецот и неговата тага и солзите, го убедувале да им каже зошто плаче. Тие си мислеле: да не плаче можеби тој, зашто кај нив забележал некаков заеднички порок. Го прашувале дали ќе оди со нив на служба, но Павле, одбивајќи ги, молчел и седел надвор од црквата и тажно плачел за тој што го видел во толку жална состојба.
Кога завршила службата и сите излегле, Павле повторно внимателно гледал во секого, сакајќи да вили во каква состојба тие излегуваат од црквата. И еве, го гледа кај што излегува од црквата братот што порано бил тажен и имал црно тело. Неговото лице сега било светло, телото бело. Демоните оделе далеку зад него, а светиот ангел одел покрај него и се радувал заради него. Одеднаш тој скокнал од радост и благословувајќи Го Бога, извикал: „О, неискажливо Божјо човекољубие и добрина!“ Тој истрчал, застанал на високите скали и почнал силно да вика: Дојдете и видете ги делата Божји! – колку се тие силни и прекрасни. Дојдете да го видите Тој што сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината. Дојдете да Му се поклониме и да паднеме пред него и да Му речеме: ‘Само ти можеш да ги простуваш гревовите!’“.
Браќата забрзано почнале да се приближуваат, сакајќи да чујат што говори Павле. И кога се собрале сите, тој им го кажал откровението што го имал при влезот на црквата и што се случило потоа. Тој го молел братот да му ја открие причината, зошто Бог толку неочекувано се одоброволил да направи кај него таква промена.
Разобличен од Павле, братот, отворено пред сите ги исповедал своите дела. Тој рекол: „Јас сум грешен човек, од поодамна па сè досега му се предавав на блудот. Влегувајќи денес во светата Божја црква, ги слушнав зборовите на светиот пророк Исаија, или, подобро, на Самиот Бог, Кој говорел преку пророкот: ‘Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро. Гревовите ваши да се и како бакам – како снег ќе ги обелам. Ако Го барате и Го послушате, ќе ги јадете благодатите на земјата’“. Тој продолжил: „Јас блудниот, поразен до длабочината на душата од зборовите на пророкот, кршејќи си го срцето, Му реков на Бога: ‘О, Боже, Кој дојде во светот да ги спасиш грешниците, изврши го и врз мене грешниот и недостојниот тоа што си го ветил сега преку твојот пророк. Еве, Ти давам збор, од сè срце се исповедам пред Тебе и Ти ветувам, дека повеќе нема да го правам тој грев. Отфрлајќи ги сите беззаконија, отсега ќе Ти служам Тебе со чиста совест! Владико, од овој час, прими ме мене кој се каам и паѓам пред Тебе и Ти ветувам дека отсега ќе се оддалечам од секој грев‘. Со такви ветувања излегов од црквата, ветувајќи си во душата дека повеќе нема да правам лоши работи пред Бога“ – кажувал братот.
Сите што слушаа извикаа во еден глас кон Бога: „Колку се многубројни делата твои, Господи! Сè си направил премудро“. И така, Христијаните, знаејќи од божественото Свето Писмо и од светите откровенија, колку голема добрина Бог пројавува кон оние што искрено се обраќаат кон Него и низ покајание се очистуваат од поранешните гревови, знаат, дека Господ ним им ги дава ветените добрини, не казнувајќи ги за претходните гревови. Знаејќи го тоа, не треба да очајуваме за своето спасение. Бог ветил преку пророкот Исаија дека ќе ги измие грешниците од гревот и дека ќе ги обели како волна и снег и ќе ги удостои со богатствата на небесниот Ерусалим. Исто така и преку светиот пророк Језекиил, Бог, со клетва нè уверил дека Тој не ја сака смртта на грешникот: „Жив сум Јас“, вели Господ Бог, „Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку сакам грешникот да се одврати од својот пат и да биде жив“.