За чудото на светиот великомаченик Теодор Тирон

Икона на св. Теодор Тирон

По царот Констанциј, син на Константин Велики[1] зацарува незнабожниот цар Јулијан Отстапник[2]. Тој отстапи од Христа, премина кон идолослужењето и покрена силно гонење против христијаните, не само јавно туку и тајно. Зашто, злочестивиот се срамеше сите христијани јавно да ги подложува на свирепи и нечовечки маки и страдања. Истовремено се плашеше дека многу од идолопоклониците, додека го гледаат јуначкото трпение на мачениците Христови ќе започнат да преминуваат кај христијаните. Затоа поганиот и лукав Јулијан намисли тајно да ги оскверни луѓето Христови. Знаејќи дека во првата недела на Великиот Пост, христијаните посебно се очистуваат и посветуваат на Бога, тој го повика градскиот епарх во Цариград и му нареди да ги собере и отстрани сите намирници од пазарот што вообичаено се продаваат, и наместо нив за продажба да изложи други намирници кои претходно кришум ќе ги попрскаат и осквернат со крвта од идолските жртви. Така христијаните, купувајќи ги овие намирници ќе се осквернат со идолските жртви за време на светиот пост.

Епархот веднаш ја спроведе во дело безбожната наредба на беззакониот цар, и на сите пазари изложи осквернети намирници. Но севидливиот Бог, промислувајќи за своите слуги, ја уништи тајната и лукава замка на злосторникот, зашто кај цариградскиот архиепископ Евдоксиј[3] го испрати страдалникот, великиот свети Теодор Тирон. И тој, доаѓајќи кај архијерејот на јаве а не на сон, му рече: „Оди веднаш повикај го Христовото стадо, и строго му забрани никој да не купува намирници од пазарите, зашто по наредба на безбожниот цар сите се осквернети со крв од идолските жртви“.

Архијерејот беше во недоумица, па праша: „А што ќе прават сиротите кога во своите домови немаат намирници?“ Светителот му одговори дека своите потреби ќе ги подмират со коливо (варена пченица со мед). Тогаш архијерејот го праша својот посетител кој е тој што така промислува за христијаните. Светителот му одговори: „Јас сум маченикот Христов Теодор; Он сега ме испрати кај вас на помош“. Откако го рече тоа, тој стана невидлив.

Коливо во чест на св. Теодор Тирон – Бигорски манастир

Архијерејот Евдоксиј веднаш стана, ги повика сите христијани, и ги извести за тоа што го слушна и виде. И со варена пченица и мед, Христовото стадо остана неповредено од замката на незнабожецот. Кога виде дека неговата тајна замка е откриена царот се засрами и нареди повторно да бидат вратени на пазарот вообичаените чисти намирници. А пак христијаните ја отпразнуваа првата сабота на Великиот Пост во спомен на светиот великомаченик Теодор, благодарејќи му на Бога и прославувајќи го светиот слуга Негов. Од тогаш па се до денес православните христијани по целиот свет со варена пченица ја празнуваат саботата од првата недела на Великиот Пост во спомен на ова чудо, за да не се заборави така трогнувачкото промислување Божјо за христијаните, и помошта на светиот великомаченик Теодор Тирон. Затоа првата сабота од великиот Пост е наречена Тодорова Сабота. На тој ден се служи света литургија и православните христијани ги посетуваат Божјите храмови со варена пченица и мед.

Фреска од страдањето на св. Теодор Тирон

Св. Теодор Тирон, храбро му се спротивстави на намесникот и судија Бублиј, поднесувајќи секакви маки за Христа. Судијата за овој маченик изрече ваква пресуда: „Наредувам Теодор да се изгори во оган затоа што не ѝ се покори на власта на славните цареви и на големите богови“. Па додаде: „И затоа што верува во Исус Христос, распнат во времето на Понтиј Пилат, како што велат евреите“. Со пресуда, веднаш се пристапи кон извршување. Слугите веднаш се растрчаа на сите страни и од најблиските куќи довлекоа дрвја на одреденото место. Направија голема клада и врз неа го поставија свети Теодор. И кога светиот маченик го прекрсти своето чело, го потпалија огнот околу него. Тогаш слегна Светиот Дух, и го разладуваше маченикот Христов. Така блажениот Теодор славејќи го и фалејќи го Бога, мирно го предаде духот на својот Господ Христос. „И видовме, – пишува очевидец – како неговата света и чесна душа како молња се вивна во небесата“. А една побожна и доблесна жена, по име Евсевија, го измоли телото на маченикот Христов, го помаза со мириси, го завитка во чиста плаштаница и го положи во гроб, крај својот дом во градот Евхаити. Таа секоја година ја празнуваше неговата чесна и света памет.

Маченикот Христов, Теодор пострада на седумнаесетти февруари 306 година, во времето на царот Максимијан мачителот, додека во нас царува нашиот Господ Исус Христос, на Кому нека му е слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега секогаш и во сите векови, Амин.

Извадок од: Житија на светиите: февруари; Струмица, 2010; стр: 375-377


[1] Царот Константин Велики царувал од 306 до 337 год. (автократор од 324 до 337); неговиот син Констанциј од 337 до 361 година.

[2] Царувал од 361 до 363 година.

[3] Бил архиепископ во Цариград од 360 до 370 година.