Сум сретнал деца со израз на лицето кој не e детски, буквално e искривен од грчевите на злобата. Тие гледаат со некаква омраза кон своите родители, како да сакаат да им се одмаздат за своето раѓање. Сум видел мало дете на рацете на таткото, како ѕвер што гребе и го удира по лицето.Таткото, буквално оправдувајќи се, велеше: „ Мојот син е нервозен уште од самото раѓање. “ Таквите деца се агресивни: ги кршат своите играчки, предметите во туѓите домови ги земаат и ги фрлаат на подот, со некоја дрскост гледаат на луѓето што ги опкружуваат, во храмот врeскаат, бегаат за време на службата, намерно им пречат на луѓето во молитвата; понекогаш нивниот поглед станува толку суров и мрачен, што се чини дека тоа се демонски очи, а не очите на детето.
Еднаш го прашав схиархимандрит Серафим, како треба да се постапува со таквите деца, дали треба над нив да се изврши чинот на изгонување на лоши духови. Тој одговори: „Некои од нив навистина се опседнати од демони, или се раѓаат веќе болни, посебно децата на алкохоличарите и нарко-зависниците, но повеќето од нив не се болни, туку развратени со неправилно воспитание. Сега родителите сметаат дека е невозможно децата да се казнуваат, а гревот живее дури и во најмалото дете. Ако не го сечеме, тогаш тој ќе се развие уште повеќе. Некои родители се трудат да ги исполнат сите желби и каприци на своите деца, и децата почнуваат да бараат, мајката и таткото да им се потчинуваат на сите нивни зборови. Така израснуваат малите палавковци, чии први жртви стануваат токму нивните родители. Детето треба разумно да се казнува, инаку ќе порасне како несреќен и неблагодарен човек.“
Зачуден од ова, прашав: „Како е можно да се казни дете, кое има само една или две години?“ Отец Серафим одговори: „Треба да му се запрети со прстот и строго да се каже „не“, и детето ќе разбере. Тоа повеќе го разбира тонот на гласот со кој му се зборува, отколку значењето на самите зборови.“
Тогаш го прашав, дали е можно детето физички да се казни; зарем тоа дете нема да стане плачливо и нервозно. Тој ми одговори: „Понекогаш детето треба да се казни, но тоа треба да се направи без злоба. Поголема штета врз нервите и психата на детето нанесуваат оние родители, кои го казнуваат детето, а во истиот момент му ласкаат, како да му се извинуваат поради казната. Покорисно е физички да се казни детето, отколку со часови да се малтретира со зборови.“ Старецот сметаше дека порано родителите повеќе умееја да ги воспитуваат своите деца; умерена болка од каишот воопшто нема да го повреди детето, а ќе го вразуми.
Еднаш, познатиот американски психолог Роџерс гостувал во Тбилиси. Тој од своите колеги дознал дека во Тбилиси постои званична група на млади, кои ги изучуваат психолошките проблеми, посебно оние за взаемниот однос и општење. Тој се заинтересирал за нивната работа и сакал да се запознае со раководителот на таа група, Виктор Криворотов. После разговорот со него, Роџерс рекол: „Вие сакате врз основа на христијанската концепција да ги решите прашањата од психологијата, на пример на детето да му понудите спремна морална програма, но во реалност би требало да создадете услови за слободен развој и природен морален потенцијал, поставен во самото дете, без надворешно дејствување и принуда. “ На тоа Криворотов одговорил: „Ако во вашата градина вие создадете можности за слободен раст и размножување на сите билки, без разлика, а го отстраните дејствувањето на градинарот, тогаш намножениот коров ќе го уништи сето цвеќе.“
Роџерс не можел да одговори на ова, но само со авторитетен тон изјавил: „Тоа нема да се случи“, скоро, буквално, повторувајќи го изразот на херојот од книгата на Чехов: „Тоа не може да биде, затоа што не може да биде.“ Присутните тивко се насмевнале, за да не го навредат престарениот хуманист, кој им бил гостин.
† † †
Неколку години бев старешина на храмот на Свето – Георгиевата црква во градот Илори. Тој храм отсекогаш бил почитуван во Западна Грузија. Во храмот се чуваа и две икони, опковани со сребро, кои на црквата и ги дарувал кнезот Леван Дадијани. Иконите се сметаа за чудотворни. Може да се каже дека славата за чудата од иконата на Свети Георгиј, ја облетала цела Западна Грузија. Немало села, каде не се знаело за силата на Великомаченикот Георгиј, кој бил невидливо присутен во илорскиот храм. Тука многумина добиле исцеленија, посебно оние од душевни болести и од онаа состојба, која се нарекува демонска опседнатост.
За време на прогоните, кога храмот на Св.Георгиј бил затворен, поклониците не престанувале да доаѓаат до неговите ѕидини, а жителите на тоа место, со ризик по сопствениот живот, ја чувале иконата на Великомаченикот.А кога храмот повторно бил отворен, ја донеле оваа икона во црквата. Мноштво поклоници од Мергелија доаѓале на поклонување кај Св. Георгиј, посебно во периодот од Пасха до Педсетница.
Еднаш во Илори пристигна една жена од Ткварчелиј со молба да одам и да го причестам нејзиното болно дете. Ги зедов Светите Дарови и отидовме во градот, кој се наоѓаше во планините. Патот беше како жица, која ги обвиваше планините. Цела околина се потопуваше во зеленило. За првпат бев во Ткварчелија, кој се наоѓа на неколку зарамнети, широки планински ливади, што се издигнуваат една над друга. Некогаш овде имало мала населба но, кога пронајдоа залихи на јаглен, и селото се претвори во работничко место, таа мала населба прерасна во град. Говореа дека реката Гализга, која протекува покрај Ткварчелија, во минатото била проѕирна и чиста, како солза. Старите велеле: „Во Гализга е половина вода, половина риби.“ Сега таа е претворена во црн, мртов поток, каде испарува јаглен. Таму нема живот, како во мртвото море во Палестина.
Многукатните домови во Ткварчелија, изградени се по модел, и наликуваат еден на друг, како близнаци или како одраз во огледало на едно и исто лице. Се искачивме на третиот спрат и влеговме во собата. Сопругот на мојата сопатничка брзо се поздрави со нас и излезе. На креветот седеше едно дете, потпрено на душек. Кога го погледнав, срцето ми затрепери и веднаш си спомнав за иконата наречена „Детството на Св. Јован Крстител“. Тоа десетгодишно дете имаше така строг, дури и величествен лик, како да не беше болно, како да не беше приковано за постелата од неизлечива болест, туку како да е цар, кој прима гости. Детето беше слепо. Мајката и самата медицинска сестра ми рекоа, дека откако лекарите на три годишна возраст му откриле вода во мозокот, тие заклучиле дека нема уште долго да живее. „Во домот – зборуваше мајката -„ ја имавме Казанската икона на Мајката Божја, благослов од родителите. Во собата кадешто лежеше мојот син, паднав на колена пред Казанската икона на Мајката Божја и си го претставив адот. Почнав силно да се молам да не умре мојот син, да ми испрати Господ друг крст, само не смртта на син ми. Тогаш се случи чудо. Мојот син остана жив, но осуден е целиот живот да го помине во постела: тој го изгуби видот и нозете му се одзедоа. Одам по него, како по бебе.“
Ја прашав грубо и неумесно: „А, да знаевте дека вашиот син ќе биде ваков страдалник, дали ќе се молевте за неговиот живот?“ Таа ме погледна како со прекор и ми рече: „Тој е мојата среќа, го љубам повеќе од сé на светот, ние заедно се молиме. Кога сум на работа, тогаш размислувам: Како да помине побрзо времето, за да си се вратам при мојот син. Со сопругот се менуваме покрај постелата на детето; Тој исто така го љуби синот но, не е верник, и затоа за него болеста на детето е поголема жалост, отколку за мене. Син ми понекогаш му зборува на сопругот: – Зошто со тебе не се молам, како со мама?- Тој одговара: – Ти моли се, а јас ќе те слушам.- Тој не верува, но е мудар човек, и не сака да го отруе својот син со отровот на неверието. “
Во својот живот имав видено големи старци и подвижници но, се осмелувам да кажам дека слична благодат почувствував и во тоа десетгодишно слепо дете. Неговата мајка ми рече дека тоа непрестајно се моли: друг живот тоа нема.
Го исповедав и го причестив детето. Му зборував за Исусовата молитва, за книгата која се вика: „ Разговори на еден поклоник со својот духовен отец “. Внимателно ме слушаше. На лицето му се огледуваше радост, тивка и длабока радост од причесната. Ме порази и тонот на неговиот глас. Обично децата зборуваат емоционално, како да брзаат да го поделат она што го мислат, што го виделе; но, тој зборуваше со спокојство и цврстина, како што вообичаено зборуваат луѓе со големо животно искуство. Тоа беше дете – Маченик, а во исто време избраник Божји, и си мислам, најсреќен меѓу своите врсници.
Во својот живот сум видел и облагодатени деца, што буквално се обележани со посебен знак. Некои од нив, Господ ги зема уште во детството, за да не се извалкаат од суетите на овој свет. Видов едно дете како умира: паднало во лонец со врела вода и добило смртоносни опекотини. Детето имаше три или четири години. До тогаш мајка му често го водеше во Црква за причест. Тоа умираше во тешки маки, но, не плачеше, не врескаше. Кога му пријдов, ми постави за мене, неочекувано прашање: „ Зошто добрите деца умираат рано? “ Му одговорив: „ Затоа што ангелите ги чекаат за да ги земат покрај себе. “ Ги затвори очите и ,ми се чини, тивко се насмевна на моите зборови.
Кај еден светител прочитав дека Господ го прима обраќањето на душата во секое време, но дека најдобра возраст за духовниот живот е – детството, кога душата е мека, како врел восок. Затоа најдобра возраст за Исусова молитва е – раното детство: колку побрзо детето се привикне на неа, толку подобро. Веќе над новороденото дете, треба да се чита таа свештена молитва. Детето е поблиску до духовниот свет од нас. Она што ние се обидуваме да го разбереме со разумот, тоа детето непосредно го чувствува и како да го впива во себеси. Некои родители сметаат дека детето треба да им созрее, за да го учат на христијанството. Тоа е голема грешка. Душата на детето поседува способност за посебно духовно знаење и духовна проникливост, подоцна тоа го губи тој дар и станува налик на младо нежно стебло, кое постепено здобива груба кора.
Постои предание дека на Сократ му дошла мајка со дете и го прашала, како треба да се воспитува детето. „ На која возраст е тоа дете? “, запрашал мудрецот. „ Има само две години “, одговорила мајката. „Доцна е; него, веќе, не треба да го воспитувате, туку да го превоспитате“,
одговорил Сократ.
Во една прилика ме повикаа во Зугдид на погреб. Погребите во Мегрелија се сметаат за едни од најважните настани. Тогаш доаѓаат роднини и познајници, до неколку стотини луѓе од различни градови и села, само за да се простат со покојникот и да изразат сочувство на семејството. Трпезата после погребот, како и вообичаено, заврши доцна и едно верно семејство, кое дотогаш не доаѓаше со другите богомолци во Илори, ме повика да преноќам кај нив. Таткото на семејството беше скромен, лесен и срамежлив човек, кој во младоста, на некој, за мене неразбирлив начин, стигнал до затвор во Сибир и таму се запознал со својата идна жена. Имаа две деца од пет и седум години. Во собата на понискиот спрат, гореше печка, никој не сакаше да спие; ние долго разговаравме. Во тоа време немаше духовни училишта и скоро да немаше духовна литература. За христијанската вера луѓето учеа едни од други, преку предание, фаќајќи ги зборовите во лет. Разговорот започна со сухомските подвижници. Домаќините ме прашаа зошто на луѓето им е неопходно да заминуваат во планините, што прават таму. Како одговор почнав да им зборувам за непрестајната Исусова молитва. Беседата продолжи до полноќ. Чинам децата веќе спијат но, тие притајувајќи се, слушнале сé. Другиот ден, пред заминување, домаќинката ми соопшти: „Мојот син утрово рече дека слушајќи го нашиот разговор, почнал да ја кажува Исусовата молитва и ја повторувал долго, додека не заспал. Тој со воодушевување ми кажуваше: – Колку убаво ми беше таа ноќ и утрово, кога се разбудив и сé до сега во срцето чувствувам радост. “
Се разделивме, како родени. Ме одведоа назад во Илори, каде ме очекуваше изненадување: во автомобилот ставиле полна ќеса прилог од погребот. Во Мегрелија не се готви месо за трпеза после погребот, па така имавме монашка трпеза. Му ја кажав на отец Георгиј ( Булискерија ) таа мала приказна за Исусовата молитва, а тој ми одговори: „Многу добро, сега детето често ќе ја повторува таа молитва“.
Ми го раскажаа и овој случај. Една девојка отпатувала во Загорск, каде старците ја научиле на Исусовата молитва, и од тогаш таа секогаш се трудела да ја има оваа молитва во срцето и на усните. После неколку години се омажила, но и покрај световните грижи, не ја оставала Исусовата молитва. Кога се подготвувала да стане мајка, таа ја читала Исусовата молитва на глас, за да ја чуе нејзиното, уште неродено дете, за детето, уште во утробата, заедно со неа да се моли. После породувањето, кога го заспивала бебето, таа ја изговарала над него Исусовата молитва, и детето престанувало да плаче и се смирувало на нејзините раце. Во нејзината соба, во аголот имало неколку свети икони, а на спротивниот ѕид виселе фотографии и слики. Таа забележала дека детето често го усмерува својот поглед кон иконата на Христос, Кој седи на престолот; долго и внимателно гледало на тој лик, како да распознавало нешто одамна познато и родено. Понекогаш изразот на лицето на детето, бил таков, како да гледа некого во собата, како да сака да зборува за тоа, но не може.
Мајката треба над главата на своето дете да чита Евангелие и молитви, посебно Исусовата молитва: тоа е тој небесен балзам, кој таа го излева на неговата душа. Кога детето ќе почне да зборува, нека првите зборови, на кои ќе го научат неговите родители, биде името на Исус Христос и Исусовата молитва.
Преподобен Јован Лестичник пишува дека кога човекот ќе се разбуди наутро, првата негова мисла треба да биде за Бога – со тоа тој ќе го освети целиот ден ( ќе принесе почеток на своите дела на Бога ). А детството е – утро на животот. Во детството се полага темелот за духовниот живот на човекот. Еден од Светителите рекол: „Првата боја, со која се бои облеката, не се пере.“