За одговорноста на Христијаните за овој свет

Сите ние сѐ повеќе осознаваме дека живееме во еден трагичен свет, во свет во кој се случуваат многу страшни работи. И кога ќе погледнеме на тоа што се случува, станува толку јасно дека светот во овој момент ги жнее плодовите на целата човечка неправда направена во текот на, можеби, многу столетија: неправда со која нашите предци се помирувале; неправда со која ние лесно се помируваме, додека таа не ни се излее со гнев врз нас самите.

Ние со ужас си помислуваме за војната, но многу често сосема спокојно се однесуваме кон оној страшен, бесчовечен мир, којшто ѝ претходи на бурата и крвопролитието. И секој од нас носи одговорност за сите оние страшни работи што се случуваат наоколу; никој да не вели: „Јас сум жртва, јас сум чист, јас само сум подложен на страданија, јас сум сломен од околностите…“ Христијанинот не може да биде сломен од ништо, Христијанинот никогаш не е проста играчка на настаните што го опкружуваат, играчка пасивна, бездушна. Во нас живее силата Господна, и ако со таа сила ние не ја извршуваме на земјата правдата Божја, тоа значи дека сме подобни на онаа сол, за која Христос вели дека ако престане да соли, веќе не е пригодна за ништо – само да се исфрли и изгази од кучињата; а токму такви ние многу често биваме.

Ние често се затвораме во својата средина, обидувајќи се да си направиме тивок поток, не забележувајќи дека тој поток многу брзо се претвора во блато. Не можеме, пред лицето на она што се случува, да се ослободиме од одговорноста што ја носиме со оние кои живееле пред нас и чија плот и крв сме ние. Не можеме, исто така, да се надеваме дека Господ ќе нè заштити и спаси;  не за тоа ја создал Он Црквата, за таа да стане затворена, уплашена заедница на луѓе коишто се кријат под Божјото крило. Христос ја создал Црквата за луѓето да можат, облечени во Неговиот Дух, да влезат во животот и по цена на сопствениот живот, на своето страдање, своите трудови, својата смрт, да создаваат од поколение во поколение еден нов свет, каде што би царувала Божјата правда. Не е доволно да знаеме дека Господ создал сѐ: ние треба да влеземе како соработници во Неговиот труд и да го помниме тоа што им го кажал Христос на Своите ученици, испраќајќи ги во животот, во паганскиот, безбожен, гнил свет – дека Он ги праќа како овци меѓу волци, ги праќа како што Отецот Го пратил Него, за да останат недопрени од неправдата, нечистотијата, скверноста, безбожието на светот, но во исто време да влезат во тој свет со целата си огнена љубов, со сета подготвеност да се жртвуваат себеси, со сета сила на човечкиот дух, со целото смирение пред спасувачката Божја волја.

И секој од нас е должен така да стои во овој свет: да го осудуваме светот не е наша работа, затоа што ние носиме поголема одговорност за него отколку оние што вршат неправда. Кому му е многу дадено, вели Господ, од него многу и ќе се бара; нам ни е дадено исклучително многу, и ќе се бара исклучително многу… А за другите Христос се молел на крстот: „Прости им, Отче, тие не знаат што прават“.

И ете, ние живееме во овој свет. Христос, доаѓајќи во овој свет, рече: „Јас дојдов да го спасам, а не да му судам на светот“. А нас Он нѐ испраќа така како што бил испратен од Својот Отец: не е ли јасно како и за што треба да живееме?.. Секој од нас, според мерката на силите – нека никој не ги смета за помали отколку што сѐ – е должен да носи во овој свет колку што е можно повеќе љубов, смирение, разбирање на патиштата Божји, милосрдие, сострадание и прошка – секој! И секој има сила да го направи тоа, зашто доволно е да бидеш онеправдан, да се предадеш со вера на Божјата волја; доволно е да поседувате макар и нешто најмало за да го споделите со оној кој го нема ни тоа. А кога на нас ќе натежне напреднатата старост, кога ќе нѐ притиснат болестите, кога веќе ќе немаме телесни сили, тогаш сето ова за коешто зборував, останува при нас, а останува при нас уште и горештата молитва, за да бидат простени сите неправди, да бидат помилувани сите луѓе, да бидат спасени сите.

Ако не живееме со тој дух во однос на светот што нѐ опкружува, тогаш ние не Го поседуваме Христовиот Дух и нема зошто да се лажеме – кон нас се однесуваат зборовите на Спасителот: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе биде примен од Мојот Отец, туку тие што ќе бидат творци на спасителните слова за милоста, простувањето, љубовта…“ Нашиот свет е страшен за мнозина, и дури многумина од нас, коишто не биле допрени од никаков ужас од овој свет, живеат во страв, криејќи се од него. Со тоа, сепак, нема да се скриеме од Божјиот суд: ние сме должни или со труд, или со молитва, но секогаш во духот на Христовото милосрдие, во името на спасението, да го живееме во овој свет.

Ете како пред секого од нас лежи сега неумоливиот завет Господов; затоа да ги собереме не само сите сили на духот, коишто може да се покажат многу мали, туку и сите зрнца на вера, коишто се во нас, и да се предадеме во рацете Божји: нека Он преку нас ја твори Својата волја. Но да го помниме и тоа дека оваа волја се создава понекогаш и на наша сметка и дека треба да принесеме жртва за некој друг да добие прошка и нов живот. Тоа се однесува и на поголемо, широко поле, и на полето на најпростите, најблиски наши односи. Амин!


Извор: Митрополит Антоний Сурожский, Проповеди: об ответственности христиан за весь мир.

Превод: Наташа Наумоска