Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб – I дел

(Прв дел)

 

Кратка историја на Ерусалимската Црква

 

Историјата на ова Црква почнува во 33 г.н.е., веднаш по Воскресението и Вознесението на Исуса Христа. Нејзини основачи биле Христовите ученици, а за прв епископ бил избран св. Јаков, братот Господов. (с.17). Сите дванаесет Христови ученици биле Галилејци по потекло, освен Јуда, кој бил Јудеец. И Самиот Богочовек Христос по потекло бил Галилеец.

За време на Христа Галилеја немала никаква управна ниту верска врска со јудеја. Била тоа една космополитска област во која жителите биле претежно Сиријци, Грци и Палестинци. 

Двата доминантни јазика на кои се зборувало во Палестина во тој период, биле грчкиот и арамејскиот (т.е. старо сириски), а многу поретко еврејскиот и латинскиот. По походот на Александар Велики, т.н. „општ“ (μοινη) јазик за целиот антички свет станал грчкиот. Тоа важело и за Галилеја, која била попријателски расположена кон нашиот Господ.

Во 66 г. Јудејците кренале востание против Римјаните. Четири години подоцна, во месец април, 70 г.н.е., римскиот војсководец Тит, дошол со војска од 36000  луѓе, го освоил градот и срамнил со земја. По негова наредба биле срушени сите градби, меѓу кои и Соломоновиот храм. Некаде три години пред оваа голема катастрофа, околу 67 г.н.е., Ерусалимската Црква и Христовите ученици биле жестоко прогонувани, како од Римјаните, така и од Јудејците. Тие биле принудени да се засолнат во блиските градови на Декапол (Десетоградие) и Переја, источно од Јордан. Меѓу градовите на Декапол, најмногу христијани примил градот Пела, станувајќи така ново седиште на Ерусалимската Црква. Сепак првиот град во кој значајно се проширила христијанската вера и во кој Христовите ученици биле наречени христијани, била прочуената Антиохија[1], престолнина на Селеук, 400 км северно од Пела.

Урнатини од црквата Пела во Јордан.
Ерусалимската црква пронајде урнатини во овој град пред повеќе од седумдесет години.

Голем дел од тој антички свет притекнал кон Христа и така христијанската вера се проширила по сите градски центри на Средоземјето.

Во периодот помеѓу 132 и 135 г.н.е., Јудејците повторно кренале востание против Римјаните и на чело со Вар Кохва го презеле градот. Римскиот цар Адријан, немилосрден кога станувало збор за бунтови, го испратил против нив својот војсководец Север, кој востанието го задушил со нечуена суровост, убивајќи илјадници Јудејци.

По својата победа Адријан повторно го основа и подига Ерусалим, по угледот на грчко-римските градови и во 136 г. градот бил преименуван во „Елија Капитолина“, во чест на самиот цар – Елиј Адријан. Христовиот гроб бил покриен со земја и на тоа место се подигнало светилиште на Афродита, додека на ридот Сион бил изграден храм на Зевс.

Имајќи за цел дефинитивно да го искорени јудаизмот, на кој гледал како на опасност од постојани бунтови, Адријан го отстранил името Јудеја од мапата и го заменил со „Сирија-Палестина“, а со посебен декрет го забранил влегувањето на Јудејците во  Ерусалим, под закана од смртна казна. Ова било причина христијанството уште повеќе да се оддалечи од јудаизмот.

Во 125 г. Адријан отпатувал за Атина, каде се сретнал со двајцата филозофи, Аристид и Кодрат[2], кои му ги предаваат своите Апологии во прилог на слободното верско изразување на христијаните. Адријан го прифатил нивното излагање и издал декрет со кој се забранувало прогонство на оние христијани против кои не постои обвинение за кривично дело.

Овој декрет, како и повторното основање на Ерусалим под името Елија Капитолина, биле двете основни причини, кои ја навеле Ерусалимската Црква во 136 г. да се врати од Пела во Ерусалим. Сириските, палестинските и грчките христијани за прв пат добиле своевидна, иако не потполна, верска слобода, која била заштитена од страна на новиот Адријанов режим. Прв епископ на Ерусалим, по враќањето на Црквата од Пела, бил Марко.[3]

(Продолжува…)

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица


[1] Во времето на својот процвет, Антиохија по убавина и сјај,  била рамна на Рим или Александрија. Била основана во 293 г.п.н.е., од страна на Селеук I Никатор, кој, за да ја насели, довел од блиската Антигонија 5000 Атињани и Македонци, а од други населби Критјани и Кипрани.

[2] Е. Ренан, коментирајќи ги овие две апологии, пишува: „These wriings, striking аs they were by their novelty, could not be withoui their effect upon the Emperor“, што значи: „Овие текстови, така впечатливи во својата иновативност, невозможно е да немале влијание на царот“ (Е. Renan, History of Origins of Christianity, кн. 6, The Reigns of Hadrian and Antoninus Pius [AD 117-16], Cornell University 1890, с.220).

[3] „И прв, значи, после еврејскиот епископ, во таа нееврејска Црква, беше поставен Марко“ (Евсевиј, Црковна историја, кн. 4, поглавје 6)