За познанието на љубовта Божја

Нашиот Отец небесен толку нè возљубил што ни го дарувал и Синот Свој. И Самиот Син тоа го сакал, воплотувајќи се и живеејќи со нас на земјата. Светите апостоли Го виделе Господа, како и многумина други свети луѓе. И мене грешниот ми беше дарувано преку Светиот Дух да познаам дека Исус Христос е Бог.

Господ го љуби човекот и му се јавува кога Самиот ќе посака. Видувајќи Го Господа душата смирено се радува на милосрдието на Владиката и ништо не љуби така како што Го љуби Својот Создател. Иако таа сè гледа и сите ги љуби, сепак над сè Го љуби Господа.

Душата ја познава таа љубов, но со зборови не е возможно да се пренесе на други. Таа се спознава единствено преку Светиот Дух и ја спознаваат оние на кои Господ им го дарувал. Душата одеднаш Го согледува Господа и Го спознава.

Како да се опише таа радост и веселба?

Господ се спознава преку Светиот Дух кој го исполнува целиот човек: душата, умот и телото. Така се познава Бог и на небото и на земјата. Господ по Својата неизмерна милост мене грешниот ми ја дарува таа благодат за луѓето да го спознаат Бога и да се обратат кон Него. Пишувам во името на Божјото милосрдие. Да, навистина. Сведок ми е Самиот Господ.

Господ нè љуби како свои деца и Неговата љубов е поголема од љубовта на мајката, бидејќи мајката може и да го заборави своето дете, додека Господ никогаш не нè заборава. Кога Господ не би Го дарувал Светиот Дух на православниот народ и на нашите големи пастири, не би ни знаеле колку многу нè љуби.

Нека е слава на Господа и на Неговата голема милост што на грешниците им ја дарува благодатта од Светиот Дух. Многумина богати и цареви не Го познаваат Господа, додека ние сиромашните монаси и овчари, Го знаеме Господа преку Светиот Дух.

За да Го спознаеме Господа не ни е потребно ниту богатство, ниту образование. Потребно е само да се биде послушен и воздржлив, да се има смирен дух и да се љубат ближните. Господ ќе ја возљуби таквата душа и Самиот ќе и се јави и ќе ја научи на љубов и на смирение и ќе и дарува сè што и полезно, за да најде мир во Бога.

Колку и да се трудиме ние во учењето, нема да Го спознаеме Господа ако не живееме според Неговите заповеди, бидејќи Господ не се спознава преку науката, туку преку Духот Свети. Многумина философи и учени луѓе дошле до уверување дека постои Господ, но не Го спознале. И ние, монасите, се поучуваме во законот Господ и дење и ноќе, но далеку од тоа дека сите го спознале Господа, иако сите веруваат во Него. Едно е да се верува дека постои Бог, а друго е да се знае Бог.

Тајната е во ова: има души кои Го спознале Господа, а има и души кои не Го спознале, но веруваат во Него. Има и такви кои не само што не Го спознале, туку и не веруваат во Него, а помеѓу таквите има и учени луѓе.

Неверувањето доаѓа од гордоста. Гордиот човек сака преку својот ум и преку науката сè да спознае, но Бога не може да Го спознае, бидејќи Тој се открива единствено на смирените души. Нив Господ им ги покажува Своите дела, до кои ние не можеме да дојдеме преку својот ум, туку ни се откриваат преку Светиот Дух. Со простиот ум можат да се разберат само земните работи и тоа делумно, додека Бог и сè небесно се познава само преку Духот Свети.

Некои целиот живот се трудат да дознаат што има на сонцето, или на месечината, или на некое друго место, но душата од тоа нема полза. Доколку, пак, се потрудиме да го испитаме срцето човечко, во светите души ќе го откриеме Царството небесно, а во грешните темнина и мака. Ова е полезно да се знае, бидејќи ние вечно ќе пребиваме или во Царството или во маките.

Мрзливите се молат испитувајќи љубопитно сè, и небото и земјата, а за тоа каков е Господ ништо не знаат, ниту, пак, се трудат да дознаат. Кога им се зборува за Бога, тие велат:

„Е, како е можно да се знае Бог? И од каде ти Го познаваш?“

Ти велам: „Светиот Дух сведочи во душата: Тој знае и нè поучува“.

„А зарем со Духот може да се види?“

Апостолите го гледале како слегува во вид на огнени јазици, а ние Го чувствуваме во себе. Тој е посладок од сè на земјата. Него го вкусиле пророците и им проповедале на народите и луѓето им верувале.

Светите апостоли Го примиле и им проповедале на луѓето за спасението, не плашејќи се од ништо, бидејќи Светиот Дух им дарувал сила. Царскиот намесник му се заканувал на апостолот Андреј дека ќе го распне ако не престане да проповеда. Апостолот му одговорил:

„Ако се плашев од крстот, немаше да го проповедам“.

Така и сите други апостоли, свети маченици и подвижници радосно оделе на измачување и страдање. Сето тоа било затоа што Светиот Дух е благ и сладосен, така што ја поттикнува душата да Го љуби Господа, а таа од сладоста на Светиот Дух не се плаши од страдања.

Многу свети маченици преку страдања Го познале Господа и ја почувствувале Неговата помош. Многумина монаси носат големи подвизи и тежок труд заради Господа. Тие Го спознале Господа и се борат против страстите во себе и се молат за целата вселена. Нив благодатта Божја ги учи да ги љубат дури и непријателите, бидејќи оној што не ги љуби непријателите нема да Го спознае Господа Кој умре на крстот за непријателите и ни се даде Себеси како пример, заповедајќи и ние да ги љубиме непријателите.

Господ е љубов и ни заповеда да се љубиме едни со други и своите непријатели. Светиот Дух нè учи на таква љубов.

Душата што не Го познава Светиот Дух не може да разбере како е можно да се љубат непријателите, па затоа и не сака да го прими тоа. Но, Господ сите ги жали, и кој сака да биде со Него треба да ги љуби непријателите свои.

Кој Го познал Господа преку Светиот Дух станува сличен на Господа, како што веќе кажал апостолот Јован Богослов: Ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е (1.Јн. 3,2) и ќе ја видиме славата Негова.

Велиш дека многу луѓе страдаат од разни неволји и од лоши луѓе. Меѓутоа, јас те молам да се смириш пред силната рака на Бога и благодатта ќе те научи, па ќе посакаш да страдаш заради љубовта Господова. Ете на што ќе те научи Светиот Дух Кого Го спознавме во Црквата.

А кој ги навредува лошите луѓе и не се моли за нив, никогаш нема да ја спознае благодатта Божја.

Ако сакаш да знаеш колку нас Господ нè љуби, замрази го гревот и телесните помисли и усрдно моли се дење и ноќе. Господ ќе ти ја дарува благодатта Своја и ќе Го спознаеш Господа преку Духот Свети. Господа ќе го спознаеш преку Духот Свети и по смртта, во рајот, исто како што си Го спознал и на земјата.

Господ и на небото и на земјата се спознава единствено преку Светиот Дух, а не преку науката. Затоа и малите деца, кои сè уште ништо не знаат, можат да Го спознаат Господа преку Светиот Дух. Свети Јован Крстител го почувствувал доаѓањето на Господа додека бил уште во утробата на својата мајка (Лука 1,44). Свети Симеон Столпник бил седумгодишно момче кога му се јавил Господ и тој го познал. На преподобниот Серафим Саровски на 27 години за време на Светата Литургија му се јавил Господ, а свети Симеон Богопримец бил во длабока старост кога Го спознал Господа, земајќи Го во своите раце.

Ете, така, Господ се прилагодува кон нас, за што подобро да ја утеши секоја душа.

Љубовта Господова не може да се познае на друг начин, освен преку Светиот Дух, а спокојната душа која има чиста совест, од созданијата Го спознава Бога, т.е. дека Тој е Создателот на небото и на земјата. Секако и ова е дело на благодатта, иако тоа сè уште е мала благодат. Без благодат нашиот ум не може да Го спознае Бога, туку целиот живот копнее по земното: богатство, слава, уживање.

Како што љубовта на Исуса Христа била голема, така и Неговите страдања биле толку големи што ние не можеме да ги сфатиме, бидејќи премалку Го љубиме Господа. Всушност, кој повеќе љуби, може подобро да ги разбере страдањата на Господа. Постои мала љубов, постои и средна љубов, но постои и највозвишена – совршена љубов. Колку љубовта е посовршена, толку е посовршено и познанието.

Воопшто, секој од нас може да расудува за Бога онолку колку што во себе има благодат од Светиот Дух, инаку како би размислувале и би носеле суд за она што го немаме видено, ниту слушнато, ниту спознаено? Светителите велат дека Го виделе Бога, иако постојат луѓе кои тврдат дека Тој не постои. Јасно е дека тие така зборуваат бидејќи не Го спознале Бога. Секако, тоа не значи дека Бог не постои.

Светите луѓе зборуваат за она што навистина го виделе и што го знаат. Тие не зборуваат за она што не го виделе. Тие не зборуваат, на пример, дека виделе коњ долг една врста (стара руска мерка за должина 1 врста = 1.066 метри) или дека виделе параброд долг десет врсти, што и не постои. Кога не би постоел Бог, мислам дека никој на земјата и не би го спомнувал. Меѓутоа, луѓето сакаат да живеат според својата волја и затоа велат дека не постои Бог, а со тоа тие и докажуваат дека Тој постои.

Дури и незнабожците чувствувале дека постои Бог, иако не знаеле како треба да Го почитуваат вистинскиот Бог. Меѓутоа, Светиот Дух ги научил пророците, а потоа апостолите, светите отци и нашите епископи и така вистинската вера дошла до нас. Го познавме Господа преку Светиот Дух, а кога го спознавме нашата душа се зацврсти во Него.

Душата која го познала Господа невидливо го чувствува присуството на својот Создател и во Него наоѓа мир и радост. Со што да ја споредам таа радост? Таа може да се спореди само со враќањето на љубениот син од далечна земја. По долгото отсуство тој во родителскиот дом со милина ќе разговара долго со својот мил татко и со својата сакана мајка, со браќата и сестрите.

О луѓе, созданија Божји, познајте го Создателот. Тој нè љуби. Познајте ја љубовта Христова и живеејќи во мир радувајте Го Господа. Тој нас милостиво сите нè очекува кај Себе.

Обратете се кон Него сите народи и вознесете му Ги своите молитви. Тогаш молитвата на целиот свет ќе се издигне кон Него како тивок облак, осветлен од сонцето и ќе се зарадува целата небеса и ќе Му запее песна пофална кон Господа за Неговите страдања со кои нè спаси.

Разберете луѓе дека сме создадени за слава Божја на небесата и не врзувајте се за земјата, затоа што Бог е наш Отец и нè љуби како Свои мили деца.

Милостивиот Господ на земјата го испратил Светиот Дух и со Него е утврдена Светата Црква.

Светиот Дух ни ги открил не само земните тајни, туку и небесните.

Преку Светиот Дух ја познавме љубовта Господова. Љубовта Господова е огнена. Исполнети со таква љубов светите апостоли оделе по целата вселена и нивниот дух копнеел за сите луѓе да Го спознаат Господа.

Со Светиот Дух се насладувале избраниците Божји, пророците, па затоа нивните беседи биле толку силни и блиски на душите. Секоја душа копнее да го слушне словото Господово.

О, чудо! И мене, многугрешниот, Господ не ме презре, туку ми дарува да Го познаам Светиот Дух.

Господи, дарувај ми смирен дух за секогаш да Ти благодарам што на земјата Го испрати Светиот Дух. Добро Го чувствувам. Тој Самиот ми помага да го чувствувам.

О, Свети Духу, о, Цару Велик! Што да Ти дарувам јас, кој сум грешна земја? Ти ми откри несфатлива тајна. Ти ми дарува да Го познаам Господа – Создателот мој. Ти ми дарува да познаам колку тој неизмерно нè љуби.

Господ нас толку многу нè љуби, што тоа е невозможно да се објасни. Таа љубов се познава единствено преку Светиот Дух и душата ја чувствува на необјаснив начин. Господ по Својата природа е благ и милостив и кроток и мил. Неговата добрина не може да се опише, но душата без зборови ја чувствува таа љубов, сакајќи секогаш да пребива во таа тивка состојба.

Тој рекол: „Нема да ве оставам сираци“, и ние гледаме дека навистина не нè остави, туку ни Го дарува Светиот Дух.

Светиот Дух невидливо ни дарува знаење. Во Него душата го наоѓа својот мир. Светиот Дух ја весели душата и ѝ дарува радост на земјата. Каква ли, пак, радост и веселба ќе настанат на небото? Со Светиот Дух сме научени на љубовта Божја, но дури на небото таа ќе го достигне своето совршенство. О, немоќен човек сум! Ја спознав љубовта Божја во нејзиното совршенство, но не можам да ја стекнам и затоа мојата душа секој ден плаче и мисли: „Уште не сум се здобил со она што го барам“.

Светите апостоли преку искуство ја познале љубовта Божја и љубовта кон луѓето кога Светиот Дух ги осенил.

Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос (Галат. 4,19), вели апостолот.

О колку би бил среќен кога сите народи би Го познале Господа.

Господи, дарувај ми да Те познаам преку Светиот Дух, како што Те познале и апостолите.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 378-385