Ние сме деца Божји и слични сме на Господа

Господ од прав го создал човекот, но нè љуби како Свои родени деца и желно нè очекува. Господ толку нè возљубил што заради нас се воплотил и ја пролил Својата Крв. Со неа нè напојува и ни го дарува Своето пречисто Тело, така што сме станале деца Негови, од Телото и Крвта Негови. По Телото станавме слични на Господа како што децата личат на својот татко, независно од возраста. Духот Божји сведочи на нашиот дух дека вечно ќе бидеме со Него.

Господ непрестајно нè повикува кон Себе: „Дојдете при мене и Јас ќе ве успокојам“. Тој нè храни со Своето пречисто Тело и Крв. Тој милостиво нè воспитува со Своето слово и со Духот Свет. Тој ни открива тајни. Живее во нас и во Светите Тајни на Црквата и нè воведува таму каде што ќе ја гледаме славата Негова. Но, секој од нас ќе учествува во таа слава според мерката на љубовта своја. Кој повеќе љуби, повеќе и сака да биде со Возљубениот Господ и затоа повеќе и ќе Му се приближи. Оној кој малку љуби, малку и сака, а оној што воопшто нема љубов не ни сака да се потруди да Го види Господа и затоа ќе пребива во вечната темнина.

До солзи ми е жал за луѓето што не Го познаваат Бога и Неговата милост. Нам Господ ни се покажал Себеси преку Светиот Дух и ние живееме во светлината на Неговите свети заповеди.

Чудна работа е тоа. Благодатта ми даде да разберам дека сите луѓе кои го љубат Господа и ги чуваат заповедите Негови, се исполнети со светлина и слични се на Господа. Оние, пак, кои се противат на Бога, исполнети се со мрак и слични се на ѓаволот.

Ова е природно, бидејќи Господ е Светлина и ги просветлува слугите Свои, а оние што му служат на ѓаволот, добиваат темнина од него.

Познавав едно момче. Изгледаше како ангелче. Беше смирен, чесен и кроток. Лицето му беше бело со румени образи, светли очи, плави, добри и спокојни. Но кога потпорасна, се предаде на нечист живот и ја изгуби благодатта Божја. Кога имаше 30 години започна да личи и на човек, и на бес, и на ѕвер и на разбојник. Изгледот му стана темен и страшен.

Познавав една убава девојка, со светло и пријатно лице. Многумина ѝ завидуваа на нејзината убавина. Подоцна гревот толку ја разобличи што беше мачно и да ја гледаш.

Имав видено и спротивно на ова. Гледав луѓе кои стапуваа во манастир со лица изморени од гревот и страстите, но со покајание и правилен живот станаа необично благообразни.

Господ ми дарува во манастирот Стар Русик, за време на исповедта, духовникот да го видам во обличје Христово. Стоеше во исповедалната во неискажлива светлина. Иако имаше сосема седа коса, неговото лице беше свежо и убаво како кај младо момче. Исто вака го видов и еден епископ за време на Светата Литургија. Така го имав видено и отец Јован Кронштатски. Тој по природа беше човек со обичен изглед, но од благодатта Божја неговото лице стануваше како лице на ангел и на човек му беше мило да го гледа.

Така гревот го унакажува човекот, а благодатта го разубавува.

Човекот е создаден од земја, но Бог толку го возљубил што го украсил со Својата благодат, та станал сличен на Бога.

Жал ми е што малкумина знаат за ова. Тоа е поради нашата гордост. Кога би сме се смириле, Господ би ни ја открил оваа тајна, затоа што многу нè љуби.

Еднаш луѓето Му кажале на Господа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе“. Он му одговори на оној што Му зборуваше и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“ И како покажа со рака на учениците Свои, рече: „Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа. Зашто, кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка“ (Мат. 12,47-50).

Има луѓе кои велат дека нема Бог. Тие така велат затоа што во нивните срца живее духот на гордоста кој им дошепнува лаги за Вистината и за Црквата Божја. Тие мислат дека се мудри, а не го знаат ниту тоа дека тие мисли не се од нив, туку од нечистиот дух. Кој ќе ги прифати таквите мисли, се ородува со лошиот дух. Нека Бог на никого не му допушти смртта да го затекне во таква состојба.

Во срцата на светите луѓе живее благодатта на Светиот Дух и ги ородува со Бога и тие јасно чувствуваат дека се духовни деца на Отецот небесен, па затоа и велат „Отче наш“ (Рим. 8,15-16; Галат. 4,6-7).

Душата се радува и весели од овие зборови. Преку Светиот Дух таа знае дека Господ е наш Отец. Иако сме создадени од земја, Светиот Дух живее во нас и нè прави слични на Господа нашиот Исус Христос, како што и децата личат на својот татко.

Човекот е создаден од земја. Што добро може да има во него?

Но, ете, милоста Божја го украсила човекот со благодатта од Светиот Дух и тој станал сличен на Исуса Христа, Синот Божји.

Голема е оваа тајна и голема е милоста на Бога кон човекот.

Кога сите народи на земјата би знаеле колку Господ го љуби човекот, сите би Го возљубиле Христа и Неговото смирение и би сакале во сè да бидат слични на Него. Но, ова е невозможно за самиот човек, бидејќи само во Светиот Дух човекот станува сличен на Христа. Паднатиот човек се очистува со покајание и се обновува со благодатта на Светиот Дух, станувајќи потполно сличен на Господа.

Толку е голема милоста Божја кон нас.

Ти благодарам, Господи, што Го испрати на земјата Светиот Дух, Тој ја учи душата на она што не знаела ниту да го сонува.

Светиот Дух нè поучува на Христово смирение за душата секогаш да ја носи во себе благодатта Божја, која ја весели душата. Но, Господ во исто време ѝ дава на душата и да тагува за луѓето и да се моли со солзи за сите народи да Го познаат Господа и да се насладуваат со Неговата љубов.

Кој преку Светиот Дух ја познал љубовта Божја, не знае за одмор ниту дење, ниту ноќе. Кога телото ќе се измори и ќе сака да прилегне, душата и на постелата со сета сила своја копнее кон Бога, својот Отец. Господ нè ороди со Себе. За да бидат сите едно, како што си Ти, Отче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Јован 17,21). Така, Господ преку Светиот Дух нè прави едно семејство со Бог Отец.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 409-412