„Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков“

Аврам и Мелхиседек

Книгата Битие од Светото Писмо за Стариот Завет, во четиринаесеттата глава ни соопштува една интересна случка. Имено, кога нaшиот праотец Аврам се враќал како победник од една војна против силниот источен цар Ходологомор, за да го ослободи својот внук Лот,  излегле да го пресретнат победените од Ходологомор кнезови, коишто слегле од планините, како и други локални кнезови коишто не зеле учество во војната.

Среде нив бил и Мелхиседек, царот на Салим, кој подоцна ќе се нарече Ерусалим.

Оваа загадочна личност од Стариот Завет била „свештеник на Вишниот Бог“, односно на вистинскиот Бог. Мелхиседек извадил „леб и вино“ и го пресретнал со нив Аврама. Приносот на лебот и виното претставува несомнено праобраз за тајната на Божествената Евхаристија. Инаку, кога не би постоела потреба од предобразување, би се чинело многу бесчесно за еден цар да пречека друг само со вино и леб. Меѓутоа ова гостољубие ја има следнава таинствена смисла. Мелхиседек, кој е праобраз Христов, му го принесува на Аврам, древниот духовен родоначалник на Христијаните, образот на тајната на Телото и Крвта Христови. Ова гостољубие е, всушност, пророштво за Божествената Тајна, Тајната над сите тајни – Светата Причест. Исто како што и личноста Мелхиседекова е едно пророштво за Личноста Христова. Пророштво што не содржи зборови, но зборува преку една таинствена личност и еден таинствен настан.

Мелхиседек го благословил Аврама и рекол: Благословен да биде Аврам, од Севишниот Бог, Творец на небото и земјата! Благословен да биде и Севишниот Бог, Кој ти ги предаде непријателите во рацете твои! (Битие 14,19-20). Било невозможно по човечки Аврам да го победи силниот Ходологомор, кој беше победил толку многу кнезови, така што целиот Исток треперел од него. Меѓутоа очигледно Божјата десница му помогнала на Аврам.

А тој, пак, му дал десетина од пленот на Мелхиседек.

Related image
Свети праведен Мелхиседек, царот Салимски

Царот Мелхиседек се појавува во библиското раскажување одеднаш, како што забележува и Св. Ап. Павле: без татко, без мајка, без род, немаше ниту почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е подобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник (Евр. 7,3). Тој бил праобраз Христов, Кој е без мајка како Бог, без татко како Човекот, беспочетен и бесмртен, вечен свештеник. Се разбира, Мелхиседек имал родители и умрел како човек, но начинот на којшто се појавува во Светот Писмо, и тоа само еднаш во Стариот Завет, без вовед, без да спомене уште еднаш – го прави праобраз на Господ Исус Христос. Мелхиседек: ’Мелхи‘ значи цар, а ’седек‘ – праведност. Апостолот Павле вели дека по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим (т.е. на Ерусалим), односно цар на мирот (Евр. 7,2). Салим значи мир. Следствено, Мелхиседек е праведен (кој шири правда) и миротворен цар, совршен да Му служи на Вишниот Бог.

За светиот и праведен цар Мелхиседек аналитички ни говори Св. Ап. Павле, во седмата глава од неговото послание до Евреите:

Гледате ли колку е голем оној кому прататкото Авраам му даде десеток од најдобриот плен! Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед да земаат по Законот десеток од народот, односно од браќата свои, иако и тие произлегле од бедрата Авраамови. Но тој, кој не му припаѓаше на нашиот род, зеде десеток од Авраам и го благослови оној што беше примил ветувања. Не може да има никаков спор дека помалиот се благословува од поголемиот. Така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има сведоштво дека е жив. И, така да речам, Левиј, кој прима десетоци, и сам даде десеток преку Авраам, бидејќи уште беше во бедрата на татко си кога го сретна Мелхиседек (4-10).

Доколку праведноста би била возможна само со левитското свештенство, кое му се даде на израилскиот народ според Законот, тогаш каква би била потребата да се појави друг вид свештеник според чинот Мелхиседеков и да не биде според чинот Ааронов? Штом престанало да важи левитското свештенство, сам од себе престанува да важи и старозаветниот закон, којшто предвидувал свештениците да бидат од племето на Левиј. Затоа и нашиот Спасител Христос, на Кого се однесуваат сите пророштва во Законот, се воплотил од друго племе, од кое немало никој којшто му служел на жртвеникот. Зашто познато е дека нашиот Господ по тело произлегол од племето Јуда, за кое Мојсеј не спомнал ништо кога говорел за свештенството кај стариот Израил.

Image result for ο μεγας αρχιερευς
Христос – Великиот Архиереј

Сега станува толку јасно дека се појавува еден друг Свештеник според чинот Мелхиседеков, Кој не стана само за овој, физички живот кој завршува со смртта, туку за вечниот живот и трае непрестајно. Затоа царот Давид, говорејќи пророчки за Христа, извикува: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков (Пс. 110,4). Така, престанува левитското свештенство како немоќно и недоволно. Бидејќи Законот не бил во можност да донесе никаква праведност. Сега, пак, Бог ни дава надеж одозгора, со која доаѓаме блиску до Него (свештенството по чинот Мелхиседеков).

Свештенството по чинот Мелхиседеков беше дадено со заклетва Божја. Левитите станувале свештеници согласно заповедта Мојсеева, без да имало заклетва Божја. Но Христос стана Свештеник по волјата на Бог Отецот: Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков. Затоа Господ стана залог за горната праведност. Исто така, левитите биле многумина, бидејќи смртта попречувала да остане некој вечно во чинот, додека Он, Кој вечно живее, има постојано свештенство. И затоа може да ги спаси сите што преку Него приоѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив и посредува за нас.

Господ Исус Христос во Посланието на Св. Ап. Павле до Евреите е прикажан како првосвештеник Кој принесува жртва кон Бога Отецот. Исто го правел и првосвештеникот во Стариот Завет. Самиот Христос, имајќи две природи, Божествена и човечка, соединети неслеано, неразделно, неизменливо во едната богочовечка Личност, е истовремено и жртвоприносител и жртва. Он е великиот Архиереј, од Кого и извира свештеничкото достоинство, но истовремени Он се жртвува Самиот Себеси како човек на Крстот. Жртвата Христова на Крстот беше и е неопходна за помирувањето на човекот со Бога. Крстната смрт на Словото, Кое прими тело, претставува врв на Неговата постојано самопринесување. Секогаш кога се извршува тајната на Божествената Евхаристија, Христос, како голем Архиереј, преку рацете на земниот свештеник, се жртвува Себеси како човек.