Треба да бидеме многу претпазливи. Неопходно е да обрнеме внимание на себе и да имаме страв Божји. Стравот претставува светлост; тој е всушност, светилка. „Почеток на мудроста е стравот Господов“ (Изрек. 1, 7), но и крајот на мудроста е стравот Господов!
Стравот ѝ претходи дури и на љубовта кон Христа. Кога ќе се стекнеме со Христовата љубов, стравот сѐ уште е измешан со љубовта, затоа што љубовта може да го упати човекот кон некоја слобода и така да го наведе човекот да се оддалечи од вистинската љубов. Стравот е кочница која го ограничува човекот.
Секогаш кога во себе ќе ја согледаме злобата, зависта, осудата, жалењето или било што потекнува од ѓаволот, ние мораме да сфатиме дека немаме чисто срце. Кога би имале чисто срце, ние не би се навредиле, дури и кога луѓето би нѐ клеветеле и исмејувале. Фактот дека ние сме навредени, вознемирени и лути, ни покажува дека нашето срце не е чисто.
Нам ни недостасува смирението. Смирението го прави човекот поснисходлив, потолерантен, потрпелив. Кога ние немаме трпение, кога немаме толеранција, кога не сме снисходливи, кога не можеме трпеливо да поднесуваме, тогаш тоа се знаците на недостаток на најосновните добродетели, смирението и љубовта, што нѐ водат поблиску до целта, а тоа е чистотата.
Кога не постои вистинска духовна љубов и смирение, тогаш ние не сме успеале да ја постигнеме својата цел.
На човекот не му треба образование и огромно знаење за да постигне чистота. Кога мислам дека имам жртвувано сѐ за да ја постигнам оваа цел, тогаш не можам да барам изговори за да се оправдам. Ако сме во потрага по оправдувања, тогаш ќе ја уништиме својата цел. Не е многу важно дали другата личност згрешила или не, туку дали јас навистина го сакам мојот брат, или за тоа чувствувам тешкотија во своето срце. Тоа е моја грешка; треба да направам промена во својата душа и да покажам љубов, дури и ако внатре во себе доживувам лутина, поради тоа што тој некогаш ме изобличил, или затоа што немал добро мислење за мене.
Ако јас, во себе, имам темна и горчлива претстава за него, тогаш тоа ме оптоварува единствено само мене. Тој брат навистина би можел да ми биде пријател, но мислам дека таквото размислување нема да ми помогне да ја постигнам својата цел. Не е важно какво е расположението на братот кон мене, јас треба да го гледам на еден поинаков начин, ако сакам да стигнам до мојата цел и да се соединам со Бога. Од таа причина, светите отци, особено монасите, никогаш не ги осудувале другите луѓе, дури и ако имале нешто против некого.
Еден отец се подготвувал да го изведе братот пред суд, имено, да го казни. Отишол кај авва Сисој и му рекол:
„Оче, сакам да се донесе обвинение против мојот брат, којшто ми направи такво и такво зло“.
„Ти прости му и оправдај го“.
„Не“, рекол тој. „Ако му простам, ќе го направи тоа повторно. Тој човек треба да биде казнет!“
„Добро, чедо мое. Тогаш, ајде да се помолиме, па потоа оди“. Паднале на колена и авва Сисој започнал да се моли: „Оче наш… и немој да ни ги простуваш нашите гревови, затоа што и ние не им ги простуваме на нашите должници!“
„Не е така“, рекол монахот. „Вие погрешивте!“
Но, бидејќи сакаш да го изведеш братот пред суд, ние вака треба да се молиме!“
Монахот тогаш ја сфатил својата грешка, се покајал и не отишол да го пријави братот.
Постои една голема вистина: како што е нашето срце расположено кон својот брат, така и срцето на Бога е расположено кон нас. Дали сакаш Бог да ти ги прости гревовите? Дали сакаш да те сака со сето Свое срце? Тогаш и ти треба да даваш љубов и да простуваш со сето свое срце.
Дали сакаш Бог да заборави на сите твои грешки и да не се сеќава повеќе на нив? „Сакам, сакам“, – ќе повика душата. И тогаш без разлика колку и да те растажиле твоите ближни, ти за тоа повеќе нема да размислуваш. Ниту пак ќе се сеќаваш на тоа. Ова е голема вистина. Затоа, секој кој ќе се оддалечи од целта, ќе направи многу и големи грешки во животот. Ако ја примениме оваа мудрост на светите отци, ѓаволот повеќе ќе нема никаква моќ над нас.
Ајде да бидеме внимателни и да се прекоруваме себеси, за да не ни се случи да ја пропуштиме целта, и потоа горко да се каеме. Треба тоа да го имаме на ум, и да се однесуваме како ова да е нашиот последен ден.
Една е нашата цел: да се повратиме, да ја согледаме сопствената вина, да се прекоруваме за сѐ, да се осудуваме, да се сметаме себеси за одговорни и виновни, и да не обрнуваме внимание на тоа дали нашиот ближен е виновен или не.
Светите отци велат: „Ако сакаме да се здобиеме со мир, обидувајќи се да ги смириме другите, никогаш нема да го најдеме мирот“. Со други зборови, ако сакаме да стекнеме мир, со тоа што ќе се обидуваме да ги смириме другите, ние никогаш нема да живееме во мир. Значи човекот треба да го најде мирот во себе, внатре во себе. „Најнапред обиди се да се смириш ти самиот, и со тебе ќе се помират и небото и земјата“, вели авва Исаак Сириски.
Да го всадиме ова длабоко во своите срца, бидејќи ова е духовно богатство кое ни го подариле и Светото Евангелие и светоотечките текстови, а за спасение на нашите бедни души.