Откако поминаа големите празници, решивме добронамерно да апелираме до „душегрижниците и добронамерниците“, кои со истата дежурна тема, односно за нив секогаш актуелна пропаганда, ѝ ги честитаа на Црквата, односно на верниот народ и клирот овие празници: тарифникот на МПЦ, попови и џипови и другите попатни навреди. Предизвикани од тие објави, иако еднаш пишувавме, повторно се обидуваме да ја кажеме и доколку е можно да ја посочиме вистината за нашето свештенство, кое чесно си го заработува лебот и за нашата Црква, која живее исклучиво од доброволни прилози. Јасно ни е дека оваа пропаганда е производ на истиот оној веќе одминат систем на едноумието, што со децении, и по неговото официјално завршување, сѐ уште се провлекува кај нас, закоравен во своите тесни излитени рамки, кои не му дозволуваат на човекот да го прошири својот хоризонт и да погледне на работите од една друга перспектива. Зачудувачки е како некои се толку упорни во ова? Што им пречи толку Црквата? Зошто им се допушта толку лесно да манипулираат со јавноста? Нели е жалосно што се заборава на неоспорниот факт дека да не беше Црквата, лесно можеше да нѐ снема како народ? Зар покрај сите полезни работи што ги правела и сѐ уште ги прави таа за нас, тие се зафаќаат токму со начинот на нејзиниот опстанок во овие современи услови.
Да сфатиме веќе еднаш дека Црквата е на народот, значи е наша, дека во неа свештенството и народот се едно во Христа, секој со дарот од Бога даруван, и дека низ историјата таа секогаш ја делела истата судбина со својот народ. Ни во комунизмот, а ни сега, таа не била обврска на државата и нема друг начин да се финансира, освен од народот, и тоа, што треба секогаш да се има на ум, од доброволните прилози на народот и од црковните треби, кои се всушност основниот извор за платите на црковната администрација, образовниот кадар и за свештенството, кое нема редовен месечен надомест, туку живее со своето семејство од она што во месецот ќе го заработи. Во спротивно, свештениците би требало да работат и нешто друго, да имаат одредени работни места во државниот и приватниот сектор, но тогаш прашање е дали би биле свештеници, зашто во тој случај свештенството ќе стане споредно, некој вид на хоби.
Можеби најважно од сѐ е да се разбере дека како верници не плаќаме месечен надомест во вид на данок за религијата на која припаѓаме, во конкретниот случај за Црквата, како што е тоа осмислено на Запад, или дури и во некои други Православни Цркви.
Но повеќето од оние на кои им пречи „раската во туѓото око, а не гредата во своето“, се луѓе кои во храмот влегуваат само три до четири пати во годината, и тоа на големите празници, некои и помалку, а некои и воопшто. И токму тие се оние коишто најмногу критикуваат и фрлаат отров, пред сѐ меѓу нашата младина, оддалечувајќи ја така од својот сопствен егзистенцијален, односно духовен, културен, интелектуален и социјален развој. Луѓе, кои сопствената совест ја мијат со делата на другиот, својата неактивност ја оправдуваат со туѓите грешки и својот наводен мир го наоѓаат во своето несмирение и суета.
И, ќе додадеме, не се вистинити ни оние коментари дека духовенството не им снисходи на верниците кои навистина немаат услови да дадат свој материјален придонес за Црквата. Редно е да се сетиме на сите бесплатни групни венчавки и крштевки кои беа организирани од Црквата, на нејзината милосрдна дејност кон сиромашните, помошта за повеќедетните семејства, народните кујни, што не секогаш Црквата смета дека треба да се објавува, и сл. Кој сака да се запознае со мисијата и секојдневието во делувањето на Црквата, треба да биде во неа, а не од надвор да се занимава со невистини и шпекулации, често тенденциозни.
Возљубени браќа и сестри, да не се подаваме на провокации, особено не на „вистините“ што ги предочуваат луѓе со атеистичка определба, убедувајќи го нашиот народ дека не е доволно мудар самиот да расуди и оцени. Да ја штитиме Црквата, како што таа нѐ штити нас. Таму каде што треба, нека има и критика, но конструктивна, а не лажна, тенденциозна и злобна пропаганда. Критиката не треба да се претвори во генерален став, или однесувањето на поединци не би требало да го определи нашиот однос кон сите други, кон организацијата, институцијата и сл. Познато е дека соблазната и разочарувањето придонесуваат за тешки последици, особено кај духовно неопитните, но нашата вера не смее да се сведе на осудување и да престане поради другиот. Наш идеал е Христос, а по патот кон изградувањето по мерата на Христос, одат и свештениците. Тој пат не е лесен и секогаш е исполнет со падови, со подлегнување на страстите и паѓање во грев. Но големината на христијанството е во љубовта, во состраданието, во молитвата за тој што е опфатен во грев да се поправи. Осудата е спротивност на љубовта.
п.с. А што да кажеме пак, ние, авторите на текстот, кои сме монаси. Нашата ситуација е уште посложена: ние воопшто не добиваме плати, ниту имаме некакви приходи, освен она што го стекнуваме со трудот на нашите раце, а за пензиско осигурување, пак, не може да стане ни збор. Во овој контекст нема ни да спомнеме нешто за мисијата што секојдневно ја правиме, за да не прозвучи дека тоа го правиме со намера да се фалиме, но таа им е општо позната на сите.
Да не се случи и самите да бидеме осудени, па да исповедаме: и ние во манастирот, како и многу други монаси од различни манастири, имаме џипови, што обично се половни, а кои ни се неопходни за искачување по планините, каде што се нашите монашки живеалишта.
Монасите и монахињите заедно со нивниот Старец, Архимандрит Партениј,
од Свештениот Бигорски манастир