Црквата е должна да има мислење за сѐ што е поврзано со земјата и народот

Во пост­комунистичките традиционално православни земји, се создаде еден концепт, според кој, Православната Црква може да постои, но само ако е скриена во глувчешка дупка, некаде далеку, скришно од очите на јавноста, а може да се појавува само ако големците и политичарите имаат потреба од неа, за да се фотографираат со верските водачи, за да му покажат на верниот народ дека, ете, тие се со Црквата.

Во тој случај Светата Црква се сведува на фоклор, на естетика, и пожелно е да стане и остане само еден културно­историски детаљ на нашето богато културно минато. Да остане во минатото, како историја, уметност, археологија, архитектура, но не смее да постои како Тело Христово, како совест на државата. Црквата не смее да биде симната на такво ниво, не смее да биде занемена Црква. Таа е единствената чуварка на духовното здравје на човекот, таа е совест на секоја власт, таа како Богочовечки организам е критериум на вистината. Затоа архиереите и свештенослужителите не смеат да молчат пред ниту една власт, туку да си го кажат мислењето, дури и кога тоа не е пријатно за некого, без притоа да бидат обоени во некоја партиска боја.

„Политиката е валкана работа, а Црквата треба да биде чиста“. Едноставна реченица со која тешко е да се спори. Меѓутоа, ако ја јадете како бомбонче, истовремено ќе мора да го изедете и полнењето. А еве какво е полнењето: „Црквата нема право да влијае на животот. Мрш во ќошот со икони да се молиш пред нив и да не си се осмелил да излезеш од ќошот!“ И бидејќи полнењето е очигледно отровно, вреди да се анализира самата лукава теза за „тотална валканост на политиката“ и за тоа дека Црквата не треба да се валка со земски работи.

Како прво, евангелската приказна е густо проткаена со политички нитки. Без познавање на тогашната политичка ситуација во светот и во Светата Земја не е можно да се сфати Августовиот попис, благодарение на кој Господ Исус е роден во Ерусалим. Не е јасно кои се капетаните на римската војска и зошто шетаат низ улиците на израилските градови, кои се цариниците и зошто народот не ги сакал, зошто свештениците се бирани на една година, а не доживотно. Би можело да му се приговори на Претечата: Зошто го разобличуваш некој си Ирод поради некоја си Иродијада? Ете, нека спие со кого сака, а ти си духовен човек, размислувај за нешто небесно. Па дури и во самата неправедна осуда на Месијата на крсна смрт се чувствува призвук на политички прилики: „Ако Овој не Го распнеш, не си пријател на кесарот. Тој себеси се нарече кесар! Ние немаме цар освен римскиот кесар!“ Исфрлете го сето тоа од Евангелието и ќе добиете некакво гностичко учење или зборник на источњачки приказни. Меѓутоа, Евангелието влегло во историјата, и влијаело на историјата, и го промени нејзиниот тек. И ако мислиме поинаку, наши свети отци нема да бидат Василиј, Григориј и Јован, туку Маркион, Василид и манихејците. „Духовно“ и „морално“ се нераздвојни. Насекаде овој или оној морал црпи вода од оваа или онаа духовност. Од своја страна, и „политичкото“ е нераскинливо поврзано со „моралното“. Законите ги бележат и одредуваат постоечките морални норми, ги прецизираат и корегираат. А по востановената пракса во поново време законодавството може грубо да се меша во моралниот живот на народот, разбивајќи ги врежаните табуа и налагајќи забранетото да се врши со мирна совест.

Токму љубителите на уништувањето на традиционалните обичаи ѝ покажуваат на Црквата со прст кон аголот со икони и велат: „Не се мешајте во нашите работи“. Ваквата појава е дејствување на антихристијанскиот дух и груба лага, проктаена со бел конец. Но сакаме да наведеме неколку аргументи. Современиот политички систем кој победи во светот претпоставува поделба на власта на законодавна, судска и извршна. Секоја влада има министерски кабинет, кој претставува главен орган на извршната власт. Се разбира, министерскиот кабинет е политички орган. Меѓутоа, во министерскиот кабинет влегуваат министрите на здравство, култура, образование, спорт и наука. Значи, и Болшој театар, и изградбата на породилно, и реформата на високото образование и уште илјадници значајни животни појави доспеваат во сферата на одговорност на политичарите. Точно ли е тоа? Да, точно е. Но, зарем тоа автоматски значи дека Црквата нема право, јавно да говори и да има сопствено мислење за сите овие прашања? Никако. Црквата има право, па дури и должна е да има свое мислење за сѐ што се случува во животот на земјата и народот. Црквата не смее да се обидува да се приграбува до власта и да зема во раце земски меч. А во сѐ останато треба да дејствува во Духот и силата „со оружјето на сопствената војска, која е силна пред Бога и може тврдини да руши“. Абортусот не спаѓа исклучиво во областа на медицината, а преку Министерството за здравство – во политиката.

Оваа појава може да биде оценувана од морална гледна точка, а под извесни околности може да спаѓа и во криминал. Во секој случај, изразувајќи свое мислење за убивањето деца во мајчината утроба, Црквата не се втурнува во политиката, иако допира политички сфери.

Понатаму, Црквата треба да пронаоѓа форми за влијание во образовниот процес во основното, средното и високото образование. Но никако не за да ги оспори правата и власта на Министерството за наука и образование, туку за да постои во „просветата“ Светлина, за да заблеска во „образованието“ Образот Божји, а во „воспитувањето“ да постои можност за вистинска храна и за да не умре човекот од духовен глад. Говорејќи „читајте книги“ Црквата не се интересира за пазарот за продажба на книги, туку за човековиот внатрешен свет. И така е насекаде. Оди свештеникот во болничката соба за да причести човек на смртна постела, или да изврши елеосвештение на болен пред операција. Тој не се вовлекува во политика, туку ја лечи душата и ги одврзува јазлите кои никакви закони не можат да ги одврзат. Ако крстот на храмот свети над крововите на воената населба, тоа не е поради мешање во политиката на одбраната, туку за да можат војникот и офицерот полесно да дишат и повесело да служат.

И ако Црквата некаде успешно спроведе кампања за борба против алкохолот, тоа ќе се одрази и на потрошувачкиот пазар и на криминогената ситуација во регионот, и на демографијата, и на статистиката за повреда на работно место. Со еден збор, ќе се одрази на сѐ. Но сето тоа ќе бидат споредни политички и граѓански плодови на евангелската дејност. Овие вистини се толку очигледни што срамота е да се спомнуваат секогаш одново. Но еве ви го светот во својата вештачка убавина и потонат во безумство: баналностите звучат како откровение. Во длабочината на својата Богочовечка суштина, Црквата ја има силата од својата Глава – Христос – и тоа голема слобода, која Он ја дава. Уште Црквата води грижа за светот и современиот човек. (Токму така се вика една од книгите со поуки на Пајсиј Светогорец – „Со болка и љубов за современиот човек“). Затоа ќе се чуе гласот на Црквата. Мора да се чуе. Понекогаш за некои уши ќе звучи дека се согласува со власта, а понекогаш – со опозицијата. Понекогаш може да звучи дека не е ни за „овие“ ни за „оние“, туку над обете. И големо богатство е тоа што се слуша гласот на Црквата. Бидејќи, ако таа замолкне тоа ќе значи дека настапиле времиња од кои, уште од почетокот на светот и векот немало потешки и потажни. Во тие дни Црквата ќе се сокрие молчешкум и ќе бара пустина за да го дочека брзото Второ доаѓање на Младоженецот (Христос).

И сите дрдорковци и потсмевачи, сите поборници на јавното дрдорење и тајно беззаконие ненадејно ќе сфатат дека со молчаливото заминување на Црквата одеднаш животот ја загубил смислата, а страшниот гнев веќе стои пред прагот… Затоа, вели, Невесто Христова, зборувај за сѐ што сметаш дека е потребно. Зборувај за времето и просторот, за облеката и храната, за раѓањето и смртта, за гревот и казната за грев. Зборувај и за политиката. И звукот од твојот глас и пискливата реакција на многумина поради твојот глас нека бидат знаци на тоа дека Земјата сѐ уште не е територија на тотален пораз, туку битка за Вистината која сѐ уште трае.

Превод: Свештеник Јани Мулев (Амвон)