Како се финансира МПЦ-ОА?

Почитувани верници,

Со оглед на тоа што деновиве на адреса на нашата редакција постојано пристигнуваат разни коментари за новиот „ценовник“ на Скопската православна епархија на МПЦ-ОА, би сакале и ние да го искажеме своето скромно гледиште, не за тоа дали поскапувањето е оправдано или неоправдано, потребно или непотребно, туку гледиште кое е еден вид одбрана од повеќедецениската негативна пропаганда против нашата Црква, која води корени уште од претходниот атеистички општествен режим.

Сите свети таинства во Православната црква на симболичен начин го прикажуваат реалното присуство на невидливото; секое свештенодејство во Црквата, во својата неизмерна длабочина ја отсликува и неизмерната Божја љубов кон родот човечки, љубовта на нашиот Творец и Господ, Распнат заради нашите страсти и слабости и Воскреснат за од нив да нѐ ослободи.

Затоа ние луѓето никогаш и со ништо не би можеле да ја отплатиме таа љубов Божја, пројавена кон нас преку светите тајни на Црквата Христова. Нашето доброволно влегување во Црквата е израз на нашата желба да оствариме личносен однос со Бога, и сѐ што правиме во неа и за неа, претставува акт на милосрдие, доброволен принос од љубов кон Христа, нашиот добар Бог и Спасител, а за потребите на нејзиниот живот. Со тоа што даваме, подаруваме, или како што нашиот народ милува да рече „плаќаме“ на Црквата, ние, всушност, покажуваме еден мал акт на благодарност за неискажливата благодат што таа ни ја дава, за вратите на спасението што ни ги отвора. А не треба никогаш да го заборавиме ни тоа дека сите ние, и народот и клирот, заедно сме дел од Црквата, која е Тело Христово, а поодделно сме членови на тоа Тело.

Од друга страна, Македонската православна црква, за разлика од повеќето Православни цркви во другите земји, но и од Римокатоличката црква и Исламската заедница, на своите членови не им наплаќа „членарина“, односно месечен или годишен данок. Целото административно тело на МПЦ-ОА, што ги вклучува сите нејзини вработени, живее токму од финансиските средства собрани од црковните треби (венчавки, крштевки, парастоси и останато). Исто така, и мисионерската активност на нашата Црква, како и градбата на нови храмови и одржувањето на старите, во најголем дел се финансира од тие средства. Не треба да се занемари ни фактот дека со поголемиот дел од црковните таинства, повеќето од верниците се ползуваат најчесто само еднаш во нивниот живот. Еднаш се крштеваме и можеби само еднаш сме кумови на крштевка, најчесто еднаш се венчаваме и еднаш венчаваме, а сиот трошок околу тоа го делиме со повеќе личности: кумот, зетот итн. Еднаш до двапати годишно во нашиот дом повикуваме свештеник за да ни освети вода, еднаш во годината славиме домашна слава и во црковната каса оставаме 150 денари за осветување на колач или петолебие. Тука се поставува и прашањето: колку пати годишно одиме во црква?! Повеќето од оние на кои им пречи „раската во туѓото око“, се луѓе кои во храмот влегуваат само три до четири пати годишно, некои и помалку, и тоа на Божиќ, Велигден, Успение на Пресвета Богородица и на некој друг поголем празник. Сме се запрашале ли некогаш и за тоа колку повеќе сили и средства трошиме за второстепените и помалку важни нешта, како што е на пример ресторанот во кој ќе се извршува прославата за конкретниот повод, надворешното украсување итн.?

Но, за жал, наместо некогашната љубов и пожртвуваност на нашиот народ кон својата Мајка Црквата, на која ѝ должиме буквално сѐ – од просвета до историска егзистенција – денес сѐ уште го жнееме класјето посеано од комунистичката пропаганда против Црквата, па така постојано ги слушаме тие престарени и декаденти стереотипи од типот на тоа дека сите попови имаат убави и скапи џипови, неколку станови, раскошни куќи…

И за крај, би спомнале дека духовенството секогаш им снисходи на оние верници кои навистина немаат услови да дадат свој материјален придонес за Црквата. Во контекст на ова би ги навеле групните венчавки и крштевки што ги организира Црквата, потоа нејзината милосрдна дејност кон сиромашните, помошта за повеќедетните семејства, народните кујни и сл.

Да бидеме духовно внимателни и да не осудуваме со леснотија, без подлабоко да размислиме и да ја запознаеме подобро потребата поради која некои нешта се случуваат.