Во одбрана на прогресивниот карактер на христијанската вера

Реакција

Во врска со текстот во „Утрински весник“ од 14.04.2015 год., насловен како „Религијата ги обзема Македонците, барем така велат анкетите“, со поднаслов „Каде нема просперитет, цвета религијата…“

Уште од самиот почеток би сакале да се оградиме од перцепцијата што може да се добие по повод нашата реакција и да нагласиме дека нам воопшто не ни се тема, или пак аргумент, податоците од направената анкета, ниту прашањето за веродостојноста на истата, а ни тоа на каков начин е истата направена, односно кој прашалник и параметри биле користени за да се добијат посочените информации. Всушност, потребата од една ваква анкета претставува нечие поле на интерес, што треба да се почитува.

Она што ги иритира и повредува чувствата на верниците во споменатиот текст, покрај циничната најава на насловот, е произволното толкување на резултатите од самата анкета, или подобро речено нелогичната опсервација на истите, што особено се гледа во поднасловот, кој во многу потсетува на оние добро познати злонамерни пропагандни конструкции од времето на комунизмот. Зашто токму во тие изминати пет децении, верата беше на подобен начин етикетирана како нешто назадно, реакционерно, „опиум за народот“, и во име на „возвишените и прогресивни“ комунистички идеали, беше спроведено едно перфидно гонење на истата, со понижувачки однос кон самите верници. Она што беше апсурдно тогаш е што во рамките на таа хајка против „заостанатите верници“, по основ на верата, во затвор се најде еден значителен дел од македонската интелигенција. Значи, слободно можеме да кажеме, оние кои во тоа време важеа за утврдени верници, истовремено беа и носители на просперитетот, генератори на прогресивни идеи и втемелители на идниот културно-научен живот во новата комунистичка држава. На јавноста ѝ се повеќе од добро познати имињата на тие личности, но она што е за нагласување, е фактот дека голем број од тогашните интелектуалци произлегоа од познатите богословски училишта.

Во овој контекст ќе потсетиме и на добро познатиот и неодминлив факт дека универзалните православни христијански вредности се темелите на коишто се положени цивилизациските придобивки на нашиот народ. Од прегратките на православната вера произлегле нашите најголеми дејци, културно-историски личности, борци за нашата национална слобода, и сите тие ја сочинувале онаа напредна движечка сила која го издигнала нашиот народ во културен, научен и секаков друг поглед.

И денес не е ништо поинаку. Денес добриот верник е и добар родител, совесен работник, предан научник, културно-историски освестен поединец, значи општо земено, еден полезен член на општеството.

Со овој текст, почитувана редакцијо и автор, навредени се сите оние интелектуалци кои веруваат, академици, доктори на науки, професори, образовни дејци, врвни научници, политичари, правници, лекари итн., коишто се вистински оцрковени верници, утврдени во својата вера, и кои ние лично ги познаваме. Да не бидеме сфатени погрешно, воопшто не тврдиме дека интелектуализмот е ексклузивно право само на верниците, добро знаеме дека и меѓу атеистите има добри научници и интелектуалци, кои ние ги прифаќаме како такви и со ништо не ги навредуваме. Го почитуваме нивното право на избор во поглед на верата, и не правиме никакви генерализации коишто би биле понижувачки. Меѓутоа, исто така, сметаме дека е потребно и вие да покажете почит и во иднина да се воздржувате од вакви или слични навредливи заклучоци, особено, ако не заради почитувањето на милениумските човекови вредности, тогаш заради современите тенденции – да се почитува сечие право на избор, односно слободата на уверување, мислење, живеење, чувство, и истото да не се навредува. Зашто како поинаку ќе сфатиме дека некој е сериозен во своето однесување и прикажување како демократ и дека тоа не е само декларативност. Ако сум таков кон некого, односно кон неговата различност, тогаш треба да бидам кон сите, кон сите различности.

Од Братството на Свештената Бигорска обител