За идентитетот

И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето и беше страшно

(Матеј 7,24-27).

Едно од својствата на Божјиот образ во човекот е неговата умешност да создава, да гради, да твори. Бог е врховниот Поет, Творец, „Создател на сѐ видливо и невидливо“, па следствено, и човекот, како совршена еманација на Неговото творечко начало, го содржи печатот на божествената креативност. Човекот, значи, е битие што создава, Божји соработник во делото на создавањето. Со посредство на Божјата благодат, создаваме живот, семејство, вредности, градиме градови, општества, култури.

Го градиме, меѓу другото, и нашиот идентитет. Тука мислам и на личниот, но пред сѐ, на нашиот заеднички, народен идентитет, како збир на поедини истоветни идентитети. Важно е да се подвлече дека, како и во секој градителски потфат, така и во градењето на националниот идентитет, од животна важност е каква е основата, градивото, како и начинот на кој градиме. Па така, како што на една зграда, подигната на нестабилна основа, со сомнителна статика и несоодветни и неквалитетни материјали, не ѝ претстои ништо друго, освен еден ден да падне и „паѓањето да и биде страшно“, така и националниот „идентитет“ заснован не на „камен“ (т.е. на историската вистина и фактите), туку на „песок“ (т.е. со фалсификација, искривување, прикривање, селективност на историското минато), е неизбежно осуден на пропаст.

Никој учен и упатен не би можел да го оспори фактот дека во процесот на создавање на современиот национален македонски идентитет (што е, се разбира, случај и со бројни други современи национални идентитети, особено на Балканот), многу темели и ѕидови, за жал,  се изградени на песок. Секој што е подлабоко упатен во македонската историографија, кој има во себе „немир“ по вистината, знае колку многу испревртувања, затскривања, додавки, фалсификати, оцрнувања, митологизации, индуцирани идеологии, содржи таа. Колку ли само личности од нашето минато, од нашето поднебје и крв, со колосален дух и мисла, со беспрекорна словесност и просветление, со дела што се граничат со човечкото совршенство, се занемарени, скриени, избришани од историографските листови и трудови, или пак се наоѓаат маргинализирани некаде во матниот фон на претставите на нашите историски текови! Колку други, пак, се само половично или делумно претставени, или сосема обезличени, така што воопшто немаме еден реален приказ на нивните целокупни личности! И се наметнува прашањето: зошто сето тоа? Само и само затоа што имале друг национален идентитет од оној што веќе го имаме, или сакаме да го имаме ние денес! Затоа што биле чинители и градители, освен на нашиот современ, и на еден друг близок идентитет; што биле творци, освен на нашата, и на една друга државност.

И токму тука, во големата блискост и взаемна поврзаност и испреплетеност, се крие ендогениот психолошки страв од исчезнувањето, од непостоењето. Стравот дека ако моите предци се именувале поинаку од мене, моето сегашно име ќе исчезне; дека ако сум премногу близок со некого, ќе ја снема мојата личност и посебност. Или, пак, стравот дека другиот го „краде“ мојот идентитет. Но, тоа воопшто не е така. Таквата блискост уште повеќе ја зацврстува мојата посебност. Исто како што рожбата на едни родители, иако произлегла од нивната крв и плот, не може суштински да биде еднаква со нив, бидејќи е веќе посебна личност. Или како што двајца браќа, колку и да се исти, сепак се различни личносни единки. Слично нешто се случува и на полето на националниот идентитет. Тоа што, на пример, Гоце Делчев, а и многу други наши дејци – го земам Гоце како подобен и актуелен пример – се идентификувале себеси како Бугари, денес мене не ме прави современ Бугарин, ниту пак, помал Македонец. Напротив, уште повеќе ја зацврстува мојата самоопределба и ме прави горд што сум потомок на еден таков, културотворен народ. А од затскривањето, од премолчувањето и извртувањето на историските факти може да произлезе само нешто нездраво, несигурно, без иднина. „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ – вели Спасителот Христос (Јован 8,32). Зашто, само со вистината можеме да градиме вистински идентитет. Идентитет кој ќе трае, кој ќе биде отпорен на ветровите и бурите на времето што доаѓа.

Самиот збор идентитет доаѓа од средновековното латинско identitas, кое, пак, произлегува од класичнaтa латинскa заменка idem – ист. Имам идентитет – тоа значи дека имам нешто исто, заедничко со моите претходници, со моите предци. За да го имам духот и благословот на моите предци, потребно е да ги почитувам делата што тие ги оставиле, нивната борба, нивниот подвиг, нивната самоопределба. За да го зачувам својот современ идентитет, неопходно е да го почитувам идентитетот на тие пред мене, од чија плот, крв и дух сум настанал.

Архимандрит Партениј,
со своите во Христа браќа и сестри