Слово на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, за празникот Рождество на Чесниот Претеча и Крстител Јован, произнесено на Божествената Литургија
Денес се радува соборот Бигорски, се пее во еден тропар од Канонот посветен на Чудотворната икона на свети Јован Крстител, која се чува во овој свет манастир, посветен нему. Се радува – зашто денес преку ваквото прекрасно духовно торжество го прославува денот-роденден на својот патрон, на својот заштитник и молитвеник, на Претечата и Крстителот Господен, го чествува празникот на оној кој се удостои да биде наречен најголем меѓу родените (Мт. 11, 11); се радува – зашто кој знае по кој пат, на очиглед, се потврдува големото присуство на народот Божји во овој наш значаен духовен центар, во овој прекрасен бисер на нашата црковна порфира; но денес посебно се радува зашто денешново празнување е збогатено со присуството и пеењето на црковниот хор од соседната и братска по вера – Грција, што е доказ дека верата и љубовта во Христа Воскреснатиот немаат граници, ниту можат човечките суети и страсти да ги загушат и омеѓат…
И, созерцувајќи ја оваа полнота на верата, останувам воодушевен од зборовите од првосвештеничката молитва на Спасителот: Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно… (Јн. 17, 21). Бидејќи создадена според образот на Света Троица, Која е тајна на сушно единство во ипостасна различност, и Црквата е едина зашто и таа е мноштво од одделни личности, кои се сврзани со единството на верата и на тајните. Затоа и ќе рече свети апостол Павле: Едно тело сте и еден Дух… Еден Господ, една вера и едно крштение, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас (Еф. 4, 4-6).
Токму љубовта, оној однос што вечно пребива во Светотроичниот Бог, најде одраз и во единството на Црквата. А колку за нас, христијаните, оние што се удостоивме да носиме толку свето и чесно име, е важна и пресудна во нашето постоење љубовта, говори Господ Христос: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како што Јас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов меѓу себе (Јн. 13, 34-35).
Значи единството во Црквата Христова не е покажување добра волја кон другите, туку тоа е исполнување на заповедта и волјата Божја. Светата Црква тоа и го прави од најстари времиња, секојдневно, во сите богослужби, молејќи се за мир во целиот свет, за благосостојба на Божјите Цркви и за соединување на сите (Трета прозба од Мирната ектенија). Мирот што Спасителот Христос му го даде на овој свет, треба да е во нас, во нашите срца. А тој мир, пред сѐ, е мир со Бога и мир со ближните. Впрочем, Самиот наш Бог е мир, и таков мир треба да имаме меѓу сите Цркви, советува свети апостол Павле (сп. I Кор. 14, 33). А, да правиме да го придобиеме тој мир, значи да се трудиме Бог да се всели во нашите срца, како што запишал свети апостол Јован Богослов (сп. Јн. 14, 23).
Преку молитвата, пак, се доживува вистинското единство, и само преку молитвеното единство можат да се надминат сите пречки и недоразбирања. Молитвата ја облагородува љубовта кон другите, таа зближува и ги зајакнува духовните врски меѓу луѓето и народите. И само човек со љубов кон Бога, има љубов и за – луѓето! Таквата љубов поттикнува и вдахновува кон единство и со Бога и со сите луѓе, за да се соедини сѐ небесно и земно под една глава – во Христа, како што вели свети апостол Павле (Еф. 1, 10).
Секој од нас, кој тргнал по Христа, треба да се труди да го победува она што го оддалечува од Христа, а да го исполнува она што го доближува до Христа. Затоа, ние во сѐ треба да се угледаме на Христа, зашто кој така Му служи на Христа, тој Му е угоден на Бога и мил на луѓето, нагласува св. ап. Павле (Рим. 14, 18). Всушност, христољубието е суштина и извор на вистинската љубов, подвлекува еден современ теолог (о. Јустин Поповиќ).
Нам, на христијаните, кои се угледуваме на Христа и чиј единствен идеал ни е Христос, ни доликува да го стекнуваме духовниот мир и да го шириме меѓу луѓето. Мирот е одлика на човек што љуби и само таквиот човек, кој го познава и живее мирот, може да го запази единството на Духот (сп. Еф. 4,3).
Гледајќи го денешното радосно торжество и сета оваа исполнетост, ќе речам – Бигорски и неговиот игумен, високопреподобниот г. Партениј, заедно со братството и сестринствата, се многу заслужни за духовниот препород на нашиот верен народ, во правилниот преданиски дух на православната вера. А голема е и заслугата во промоцијата на нашата света Македонска православна црква и на православието од овие простори меѓу Помесните православни цркви. Денешнава света Литургија и честите посети, средби и контакти, покажуваат – колку љубовта во Христа Господа, колку вистинската вера и посветената ревност, може да пробијат секаков ѕид и секаква пречка, да надминат секаква недоверба. Многу работи можат да разделуваат – но едно нешто победува секаква разделеност и соединува за навек, го запечатува единството засекогаш. Тоа е – Самиот Христос! И кога искрено ќе го посветиме својот живот и сите свои сили на Христа и за Христа, притоа служејќи беспоштедно и на ближниот, не е можно таквото дело да не биде запечатено во вечноста. Ваквиот пример треба да биде показ за поука и следба. И колку само плени и вчудовидува оваа Божја промисла – подвигот на бигорскиот монах како во многу да се поистоветува со подвигот на Крстителот Јован: од една страна подвиг во оставањето на светот и здобивање на добродетелите во духовната пустина, од друга страна непрестајно сведочење на вистината и покајанието пред светот.
Возљубени,
Ние од Црквата, се случува да не знаеме, а честопати и да не сакаме и доволно и правилно да ги вреднуваме и да ги наградиме подвигот и заслугата. – Некому не му е потребна, па дури и не ја сака славата и функцијата. Но како отци, како духовни татковци, треба да знаеме да љубиме, да почитуваме, да вреднуваме и да мотивираме. Како и да е, некои ќе знаат да расудуваат дека делово што е пред очиглед на сите, не само денешното, туку севкупното, и она материјалното – градбите, бројот на монасите и монахињите, подаденото како жртва, но и она духовното – живата Црква која секојдневно расте и се надградува и во која овие црнорисци секојдневно многу вложуваат, од Бога е благословено и од народот е потврдено. И оваа општа констатација, колку и да е вистинита, ќе остане само како бегло признание ако не кажеме дека ваков духовен капацитет ни треба нам, и тоа на местото каде што заслужува и треба да биде – најмногу како наш влог во духовната иднина на нашиот народ и на нашата света Црква. Нека Господ дародавецот и миротворецот, Кој нѐ помири со Бога, направи место во нашите срца за љубовта, и кон Него, и кон сите луѓе, но и за потребите на Црквата и на народот. А каде што Христовата љубов се вселила, ќе исчезне секое себељубие, а ќе извираат само дела на милоста и правдината.
Како претстојател на нашата света Охридска архиепископија, возобновена пред 50 години во лицето на Македонската православна црква, годишнина што ова лето Господово ја одбележуваме, од името на свештениот клир и на верниот народ, сакам да ја изразам нашата благодарност до протопсалтот г. Илијас Редијадис Тумбас и до неговиот хор, за тоа што се одважија, па се одѕваа на поканата да дојдат во оваа вековно православна и многустрадална земја, па заедно со нас и со овој богољубив народ молитвено да Го прослават Бога и Неговиот пророк, претеча и крстител – Јован. Им се заблагодаруваме и на сите оние кои со својот благослов допуштија еден ваков молитвен собор, односно овозможија ваква средба меѓу човек и човек во Христа Господа. Им благодарам од свое и од името на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Брегалнички г. Иларион и на високопреосветениот г. Тимотеј и на високопреподобниот г. Партениј, за поканата и можноста на претстојам на заедничкото дело на Црквата, кое е милост на мирот и жртва на пофалбата.
Нека Бог, по молитвите на денес родениот свети Јован Крстител – кој е врска на Стариот и Новиот завет и врска меѓу сите христијани, нека благослови оваа богоугодна врска да продолжи и да се унапредува, за да можеме, со застапништвото на Мајката Божја, да испросиме единство во верата и заедница со Светиот Дух. – Дај Боже да биде така за навек. Амин!