Чудата на Свети Јован во Бигорски никогаш не престанале и не престануваат

„Денес од неплодна утроба изникна плод – Јован Претечата. Весели се, пустино, и ликувај, човештво, бидејќи доаѓа проповедникот на покајанието, за да се воплоти во утробата мајкина. Дојдете, празникољупци, да ликуваме, радувајќи се, поради неговото славно зачнување, извикувајќи: Ти, којшто си најголемиот меѓу родените од жена, не престанувај да се молиш за оние што со вера го слават твоето божествено зачнување, за да најдеме очистување од гревовите и милост голема“.

Славник на празникот Зачатие на Свети Јован Крстител

Кој човечки јазик би можел да ги наброи и раскаже сите чуда на најславниот меѓу Пророците, на мостот меѓу Стариот и Новиот Завет, на најголемиот меѓу луѓето, на Претечата и Крстител Господов Свети Јован?! Неговите чудотворствa ја надминуваат моќта на човечкиот говор и писмо, бидејќи самиот тој е едно неискажливо чудо Божјо. Сѐ во животот на Свети Јован беше една непрестајна пројава на чудата Господови. Чудесно беше и неговото свештено Зачатие од Светите праведни Захарија и Елисавета, коишто, иако во одминати години и со стерилитет, по јавувањето на Свети Архангел Гавриил, испратен од Бога, ја зачнале својата славна рожба. Имено, тој празник, Зачатието на Свети Јован Крстител, денес го слави нашата света православна Црква. По тој повод, во продолжение ќе објавиме две чуда на Свети Јован што се случиле во наши дни, преку неговата чудотворна бигорска икона и преку неговите чесни мошти што се чуваат во моштохранителницата на главниот бигорски храм.

Претстава на Свети Јован Крстител, со сцени од неговото житие наоколу, во малата купола на Бигорскиот католикон, 1800 година.

Свети Јован изгонува демон од бесомачна жена

Во пролетта 2006 година, во Бигорскиот манастир дојде младата успешна жена Е. Х. од Скопје, којашто работеше во Западна Европа. Меѓутоа, како што самата раскажуваше, таа не живеела благочестиво, според православното учење и предание, туку во согласност со духот на неолибералното распуштено општество. Со тој начин на живот, таа му овозможила на некој нечист дух да влезе во неа, т.е. станала демоноопседната. Често ѝ случувало за време на работни состаноци и средби, демонот да ја нападне и од нејзината уста да дофрла неприлични и хулни зборови, со што нејзиниот углед бил нарушен, а нејзиниот живот претворен во вистински пекол. Поради оваа голема мака и страшните страданија, жената побарала помош од Свети Јован Крстител во неговото славно Светилиште крај Радика. Во Манастирот ја пречека братот гостоприемник, кој кога увидел дека станува збор за нешто многу сериозно и страшно, веднаш го повика игуменот и старец на Обителта, па двајцата заедно ја однесоа жената в црква. Старецот ја приведе бесомачната пред чудотворната икона на Свети Јован и со светиот крст в рака, во кого се чува парче од Чесниот Крст на кој бил распнат нашиот Спасител Господ Исус Христос, ги прочита т.н. Василиеви молитви за изгонување на демони. За време на читањето на молитвите, лицето на демонопоседната сосема се промени и ѝ стана ужасно, а од устата ѝ излегуваа ужасни крици и дуваа страшни ветрови. Мајсторите што тогаш работеа на конакот Долни Палат, не знаејќи што се случува, помислиле дека рика некој див ѕвер во блиската шума, па, вчудовидени, за момент ја прекинале работата. По читањето на молитвите демонизираната  си дојде на себе и посака да се исповеда. По светата тајна исповед, Старецот ја причести жената со Светите Христови тајни, со што таа целосно се смири, а лошиот дух, по застапништвото на Свети Јован и со силата на Чесниот Крст, беше изгонет.


Свети Јован им дарува дете на оскрбени родители

Во 2010 година, еден септемвриски ден, водени од нашата идеја и желба да посетуваме храмови посветени на Светиот Великомаченик Георгиј (кого го славиме како заштитник на нашиот дом), одлучивме да го посетиме неговиот Манастир во Рајчица. Таму нè пречека топлиот лик на една сестра монахиња (тогаш сè уште искушеничка), која несебично ни раскажуваше за Манастирот, за Црквата, за моштите на Свети Георгиј. Нејзината љубезност и добрина што ни ги пружа тој ден беа толку силни, што до ден денес сестрата ни е особено блиска и ја чувствуваме како дел од нашето семејство.

На нејзин предлог истата вечер останавме да преноќиме во манастирот. На наша голема радост, веќе на вечерната богослужба истиот ден, ја почувствувавме нераскинливата врска со Бога, којашто силно ни ја зацврсти претходно разнишаната верба. Една година претходно почина нашето второ дете Кристијан од леукемија. Таа разделба за нас беше многу, многу тешка и тоа при посетата во Рајчица, сестрата веднаш го забележа и пожртвувано ни помогна да го спознаеме вистинскиот пат во нашата преубава православна вера. Сестрата нè испрати кај бигорскиот старец и игумен отец Партениј, кој татковски нè прими и преку многу разговори, исповед и молитва, нè поведе по вистинскиот пат.

Лука Димитриевски од Скопје, роден по чудо на Свети Јован Крстител преку неговата Бигорска чудотворна икона.

Оттогаш нашата врска со Бигорскиот Манастир е непрекината. Покрај нашата прва рожба, ќерката Теодора и нашиот втор починат син Кристијан, многу сакавме да имаме уште едно детенце. Многу често одевме во Манастирот и се молевме на  чудотворната икона на Свети Јован Крстител. Неколку пати јас останував бремена, но не успав да го доносам детенцето. Испитувањата покажуваа дека има проблеми со плодот и тие нè успеваа да го видат светлото на денот. После повеќе обиди сите доктори се откажаа и ме советуваа да не останувам повеќе бремена, бидејќи не можам да родам здраво дете, поради сè досега, а и поради годините кои веќе ги имав. Единствено нашиот отец Партениј и нашата волја не се откажуваа. Старецот ни велеше: „Само многу молитва и вие ќе имате прекрасно детенце“. Често одевме во Бигорскиот манастир и многу се молeвме на иконата на Свети Јован Крстител.

И навистина, слава Му на Бога, нашите молитви беа услишани! На 16 мај 2015 година се роди нашиот син Лука.

Голема благодарност на Бога, на Свети Јован Крстител, на владиката дедо Партениј, на сестрата од Рајчица и на сите монаси и монахињи од Бигорски и од Рајчица за поддршката и неизмерната љубов!

Секогаш благодарни,

Фамилија Димитриевски од Скопје.

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса bigorskim@gmail.com на 11 септември 2021 година)


Накрај, ги замолуваме сите што и самите на себе ја почувствувале чудотворната моќ на иконата и на моштите на Свети Јован Крстител, како и на другите Светии во Бигорскиот Манастир, да ги споделат своите искуства на нашата електронска адреса: bigorskim@gmail.com. Исто така, ги замолуваме и оние коишто порано ни ги соопштиле своите сведоштва за чудодејствијата на Свети Јован, повторно да ни ги испратат на посочената адреса, бидејќи некои од нив се изгубени, а во пожарот од 2009 година изгоре и тетратката во која беа запишувани чудата. Притоа, би сакале да нагласиме дека сведоштвата нема да бидат објавени без согласност на испраќачот, а исто така, доколку некој не сака да стои целосното име и презиме, може да ни испрати само иницијали.

За сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Неговиот благослов да биде со вас! Ви благодариме!