Чудото на една солза

Дарко беше дете од кое сите се плашеа, бидејќи со момчињата постојано влегуваше во кавги и тепачки, а девојчињата ги провоцираше и навредуваше. Ниедно од децата не се дружеше со него. Единствено малата Кате се обидуваше да го вразуми немиркото. Де го честеше со слатки, де му даваше по некоја книга да прочита… Дарко слатките ги земаше без и да се заблагодари, а на нејзиниот предлог да прочита некој добар расказ ѝ се изнасмеа во лице. Но доброто девојче не губеше надеж и не престануваше да го советува:

  • – Даре, зошто се правиш толку лош? Знам дека не си таков!

Момчето само се муртеше и ништо не одговараше. Еднаш Кате го повика да ја види нејзината градина што си ја направи зад куќата. Дарко малку се помисли, но потоа се согласи:

  • – Арно, покажи ми да видам со какви детски глупости се занимаваш!

Кате не се навреди од тие зборови, туку кротко му возврати:

  • – Не се тоа никакви глупости. Најдов дома некакви стари семиња и сите ги насадив во мојата градина. Сега чекам да никнат најпрекрасни цвеќиња!

Кога се доближија до малечката со камења оградена градинка, Дарко гласно се насмеа.

  • – Овде!? Овде ништо нема да ти никне! Па дури не си го ни ископала како што треба!
  • – Мислиш дека нема да ми никне ниту едно цветче? – се натажи девојчето.
  • – Не, ниту едно – зајадливо одговори Дарко и си појде дома, веќе му беше здосадено да разговара со неа.

Но следниот ден малата Кате не излезе во дворот да си игра. Исто се случи и денот после тоа. Зачуден, Дарко собра храброст да ја праша мајка си што се случува со девојчето. Испадна дека Кате добила ангина. И лежеше таа, кутрата, со висока температура, ѝ беше тешко дури и да зборува. На Дарко му стана навистина жал за ова добродушно девојче кое кај сите гледаше само добро. Ете, дури и од него не се плашеше. Затоа што искрено веруваше во доброто. И посака тој да направи нешто добро за неа. Но што? За ништо не го биваше освен да се кара со децата и да навредува. Лут на себе тој појде до малата градина на Кате. Земјата беше сосема сува. Ништо овде не можеше да никне, а Кате толку многу сакаше да види барем еден цвет… Момчето немоќно ја гризеше својата усна, не знаејќи како да ја израдува својата добра сосетка. И тогаш една мала солза се лизна по неговиот образ и падна на сувата земја. За миг блесна во воздухот и од тоа место каде што падна солзата, никна еден необичен убав цвет! Снежно бел… а каков само мирис се ширеше од него – од убав поубав. Заборавајќи се од среќа, момчето потрча кај болната Кате за да и раскаже за ова. Девојчето подигајќи се на перницата со восхит го слушаше неговото раскажување.

  • – Каков е тој чудесен цвет?

Дарко без сомнеж одговори: 

  • – Тоа е цвет на добрината.

Девојчето се збуни:

  • – Ама јас немав такви семиња…
  • – Имаше – возврати момчето – само не ги посеа во земја, туку во моето срце.
  • – Колку сакам што поскоро да оздравам за да ја видам таа убавина!

По неколку дена кога Кате заздравеа и слезе во дворот, таа со нетрпение појде кон својата малечка градина. Околу чудесниот цвет некој имаше посадено украсни грмушки и мали дрвца. Сега тоа не беше веќе гола земја, туку цел парк!

  • – Ама кој работел тука? – се восхити девојчето.
  • – Ми помогнаа сите деца во нашата улица – важно одврати Дарко.
  • – Ти, значи, се дружеше со нив? – не можеше таа да им поверува на своите уши. Дарко се замисли, а потоа поцрвенеа во лицето и одговори:
  • – Па што? Да се кара и тепа може секој, но да бидеш вистински другар… тоа е вистинското! Мислиш дека ќе успеам?

Кате одговори без размислување:

  • – Не се ни сомневам.