Двете страни на патот беа покриени со толпи бел снег. Но во средината тоа белило беше уништено, помешано со бојата на втиснати стапки, што ја оставиле во снегот стотици забрзани нозе. Луѓето брзаа таму-ваму, носејќи многу работи во своите раце. Се смееја и се довикуваа еден со друг, додека се пробиваа низ толпата.
Некаде над патот, долгите раце на старото стебло се подаваа кон небото. Се бореше и воздивнуваше, додека силниот ветар ги виткаше неговите гранки кон земјата. Под него се слушна звук на гордо поткашлување, и ете, една прекрасна елка ги ширеше и чистеше своите зелени тенки гранчиња, тресејќи го од нив снегот, кој паѓаше на земјата.
– Можев да претпоставам – рече елката со потсмешлив глас – дека ќе треба добро да се потрудиш ако сакаш да останеш исправен. Грд си и со лисја а камоли сега, кога ги изгуби. Како што гледам, на крај ќе останеш потполно гол.
– Знам, одговори старото стебло. „Сите ја облекле својата најубава облека за Божик. Дури и од овде ги гледам украсите што блескаат на секој агол. А вчера еден човек дојде и постави навистина прекрасни светилки на секое дрво покрај патот, освен на мене, се разбира“. Погледна тажно а едно купче растопен снег падна на земјата, токму како солза.
– Па секако. Зарем мислеше дека и на тебе ќе стават светилка за таа твоја грдотија да стане уште поочигледна?! – презриво рече елката.
– Веројатно си во право, одговори старото дрво со тажен глас. „Кога би можел барем да се скријам некаде додека да помине Божик, но еве тука сум, како една грда слика во сета таа убавина околу мене. Колку би сакал да дојдат и да ме исечат… “, и го впери својот поглед во далечината.
– Не ти сакам ништо лошо – рече елката – но навистина си грда глетка за очите. Можеби за сите нас би било подобро кога би те исекле.
Уште еднаш елката ги истресе своите тенки гранки.
– Подобро да припазиш малку на тие три ливчиња што ти останале. Така барем нема да бидеш потполно гол.
– О навистина се трудев – се пожали старото стебло. „Секоја есен си велам на себе: оваа година нема да дадам од дарежливост ниту еден единствен лист, без разлика на сè, но секогаш ќе се најде некој кому моите лисја му требаат повеќе отколку на мене“, и повторно го упати својот поглед во далечината.
– Ти реков да не му даваш толку лисја на она момче што разнесува весници, рече елката. „Зошто воопшто ги спушти толку ниско своите гранки за да може тоа да ги дофати. Не можеш да кажеш дека не те предупредив.
– Навистина, ме предупреди – одговори старото стебло – но тие мои лисја толку многу го направија среќен. Разбрав дека ги набрал за да ги однесе на својата болна мајка.
– Па да, сите тие имаат некои свои причини, промрмори елката. „На пример она девојчето… ги бои лисјата за да се прослави… глупости. Тоа беа твои лисја, не нејзини. “
– Навистина имаше земено многу, нели?, рече старото стебло и чиниш му се појави блага насмевка.
Наеднаш почна да дува силен ветар и една мала птичка падна на земјата, токму под старото стебло. Целата трепереше, ѝ беше премногу студено за да може да ги рашири своите крилја. Старото стебло ја погледна сожаливо, па брзо ги откачи и своите последни три лисја. Златните ливчиња паднаа надолу и нежно се спуштија на птичката, така што таа постепено се смири, топлејќи се под нив.
– Е сега навистина претера!, викна елката. „Го откачи и својот последен лист. Утре ќе бидеш убедливо најгрдото стебло во целиот град“.
Старото стебло ништо не одговори. Наместо тоа, ги рашири колку што можеше своите голи гранки за да го спречи снегот да не паѓа на малата птица. Младата елка навредено се сврте на другата страна и тогаш забележа некаков сликар, кој стоеше во непосредна близина, задлабочен во своите четки и платно. Облеката му беше стара и искината, а на лицето имаше тажен израз. Мислеше на своите најмили и за празното и студено утро што ќе ги дочека, бидејќи еве месец дена не успеа да продаде ниту една слика.
Но елката не ја ни забележа неговата тага. Наместо тоа, му сврте грб на старото стебло и презриво му рече: – Барем држи ги понастрана од мене тие свои одвратни гранки. Гледаш дека ме цртаат, ќе ми ја расипеш позадината.
– Ќе се потрудам, одговори старото дрво и ги подигна своите гранки колку што може повисоко. Беше скоро мрак, кога сликарот ја заврши својата работа, ги собра своите предмети и замина. Елката беше преморена од позирање и дотерување.
Следниот ден таа се разбуди доцна и додека го тресеше снегот од своите прекрасни гранчиња, се изненади од толпата луѓе кои со топли воздишки го опкружуваа старото стебло.
Дури и оние што се брзаа по патот, застануваа макар на кратко.
– Што е работата?, се зачуди елката и се протегна, сакајќи да види да не случајно ветрот во текот на ноќта го откинал горниот дел од старото стебло. Во тој миг од рацете на восхитениот разнесувач на весници летна еден весник и долета токму кај елката. Таа се запрепасти. На насловната страна од весникот стоеше фотографија од сликарот, кој во раката држеше слика од едно големо, потполно бело стебло, чии што соголени гранки, покриени со снег се ширеа кон небото. А под него лежеше малечката птица покриена со три златни ливчиња. Под фотографијата беа напишани следните зборови: „Најубав е оној кој дава“.
Елката тивко ја наведна својата глава пред неверојатната убавина на смирението и дарежливоста на старото стебло.